Кампања „Обединет Балкан за чист воздух“: Живееме во отровен облак

- Advertisement -

Со цел подигнување на свеста за последиците од загадениот воздух, еко организации од сите балкански земји ја започнуваат кампањата „Обединет Балкан за чист воздух”. Како што велат тие, земјите од Западен Балкан имаат најлош квалитет на воздух во Европа, поради што ги повикуваат надлежните државни институции и граѓаните во регионот, да спречат до 13.500 предвремени смртни случаи секоја година што се должат на изложеност на ПМ честички, кои главно се произведуваат од термоелектрани на јаглен на Западен Балкан.

„Бараме од носителите на одлуки да ги насочат своите политики и да преземат итни чекори за намалување на загадувањето на воздухот, во согласност со нивните заложби за Зелената агенда за Западен Балкан, усвоени во Софија на 10-ти ноември 2020 година“ стои во соопштението.

- Advertisement -

Зелената агенда за регионот инаку подразбира регулирање на прекуграничното влијание на загадувањето на воздухот, усвојување стратегии за подобрување на квалитетот на воздухот, зголемување и унапредување на системите за мерење на квалитетот на воздухот и вкупно елиминирање на субвенциите за јаглен.

Преку кампањата, активистите потенцираат дека граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија се подеднакво изложени на загадувањето на воздухот што произлегува од постројки за греење што користат фосилни горива, фабрики и застарената технологија за загревање на домаќинствата.

- Advertisement -

„Напуштањето на употребата на јаглен за производство на електрична енергија е најважната мерка за подобрување на квалитетот на воздухот. Дополнително, замена на котлите за греење во домаќинствата со еколошки почисти решенија, субвенции соларни панели на покривите на куќите и зградите, како и проекти кои помагаат во подобрувањето на енергетската ефикасност, се чекори што исто така може да имаат значајна улога“ додаваат тие.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ ја истакнува регионалната соработка како неопходност за трансформација на енергетскиот сектор и системот за заштита на животната средина, со што ќе се подобрат и економијата и јавното здравје.

- Advertisement -

(Meta.mk)

(фото: Facebook)

Сподели!
- Advertisement -