Бројот на невработени во 2020 година се зголемил за 52.000 лица

- Advertisement -

Бројот на невработени лица се зголемил за 52.023 лица во периодот јануари-декември 2020 година, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за вработување. На почетокот од минатата година во земјава имало 104.409 невработени, а на крајот на 2020 година оваа бројка се зголемила на 156.432 лица.

Од Агенцијата нагласуваат дека со состојба на 31.12.2020 година евидентирани се 17.026 невработени лица за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид-19.

- Advertisement -

И од Народната банка во последниот квартален извештај посочуваат дека здравствената и економска криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 се одразила врз пазарот на трудот.

„Во текот на вториот квартал од годината дојде до намалување на бројот на вработени лица (за 0,1 отсто, на годишна основа и за 1,7 отсто, на квартална основа). Сепак, намалувањето е релативно мало што во еден дел би можело да се поврзе со продолжување на активните мерки за вработување, како и со новите владини мерки за зачувување на работните места преземени во текот на кризата“, се вели во извештајот на Народната банка.

- Advertisement -

Во него се додава дека гледано по одделни дејности, најголемиот придонес кон падот на вработеноста имаат дејностите поврзани со „земјоделство, шумарство и рибарство“, потоа „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“, „стручни научни и технички дејности“, „снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината“, „транспорт и складирање“ и дејности поврзани со „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“.

Во поглед на економскиот статус, падот на бројот на вработени се објаснува со категоријата „вработени за сопствена сметка“ и категоријата „неплатени семејни работници“.

- Advertisement -

(Meta.mk)

(фото: Freepik)

Сподели!
- Advertisement -