Винскиот туризам треба да биде носител на туристичката понуда во тиквешкиот регион преку преставување и промовирање на семејните винарии кои нудат специфични традиционални и автентични сорти вина, смета директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.
Јаневски, кој посети неколку семејни и бутик винарии во Кавадаречко, рече дека овие капацитети почнуваат да градат вистинска винска туристичка понуда.
„Состојбата со пандемијата и влијанието на кампањата #домасиедома мотивира голем број домашни туристи да ја запознаат својата земја, овозможувајќи руралните и еко туристичките дестинации да бидат многу успешни. Одличната местоположба и близината со патниот правец Е75 отвора можности за посета на поголем број регионални и транзит туристи кои треба многу поконкретно да се запознаат со винската култура и гастрономијата, нудејќи префинет еногастро концепт кој треба да прерасне во бренд што ќе мотивира се поголем број туристи во тиквешкиот регион“, истакна Јаневски.
На состанокот кој беше на иницијатица и покана на Здружението на мали семејни винарии, директорот на Агенцијата потенцира дека се понагласена е потребата од градење на капацитетите преку поактивно учество во искористување на меѓуграничната соработка и можноста оваа година преку ИПАРД да се создадат нови туристички содржини и зајакнување на сместувачките капацитети.
„Преку соработка со општината и кластерот на мали семејни винарии се подготвува промовирањето на тиквешкиот регион на српскиот пазар во почетокот на април 2021 година, зголемување на промоцијата и учество во кампањата #домасиедома“, дополни Јаневски.
(МИА)