Финансиска поддршка за плати за компаниите погодени од ковид-кризата ќе има, деталите се договараат со засегнатите страни најави денеска вицепремиерот за економски прашања и координација на економски ресори Фатмир Битиќи.
Тој додаде дека не станало збор дека оваа мерка ќе се укине.
„Ќе помогнеме на различни начини затоа што веќе знаеме кои се очекувањата, знаеме што не очекува понатаму, знаеме дека влегуваме во период на заздравување и на раст на економијата и ние тоа го велиме дека во тој приод мораме сите заедно да прифаќаме, некогаш можеби и неконвенционални начини на поддршка. Ние знаеме дека Развојната банка секогаш сме ја гледале да субвенционира камати, но Развојната банка треба да го поддржи развојот во државата и затоа велиме дека сега е време без одложување Развојната банка да си ја има својата улога во општеството,“ рече Битиќи и додаде дека во Македонија има 180 илјади блокирани сметки на нашите граѓани.
Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Коста Петров денеска го најавија отворањето на првиот од 11-те јавни повици за оваа година за ко-финансирани грантови за технолошки развој и за забрзан економски раст на ФИТР. Повикот ќе биде отворен до 6 април, а детали и правилникот за аплицирање ќе бидат објавени на веб-страницата на Фондот.
Буџетот за овој јавен повик е шест милиони евра што е двојно поголем од минатиот повик кој беше 3,3 милиони евра.