Вкупно 60 учесници успешно ја завршија реализацијата на шест месечните обуки кои имаа за цел да оформат специјализирани и лесно вработливи кариерни профили во областа на филмска и ТВ индустрија и визуелните уметности, информираат од УСАИД.
Како што стои во соопштението, со обуката за визуелни ефекти за филм, учесниците стекнале знаења и вештини кои ќе им помогнат да се изградат во кариерниот профил артист за визуелни ефекти, со можност за работа на интегрирање на дигитални елементи во претходно снимени материјали за филм или телевизија, а со обуката за 3D моделирање и анимација, ќе можат да градат кариера како CG артист и да работат на компјутерски генерирани анимации и симулации, како и AR/VR/Game проекти со примена на најнови технологии.
Дополнуваат дека обуките биле организирани од Њуменс Бизнис Акцелераторот и тренинг центарот VFX Nest, во соработка со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и компанијата за филмски визуелни ефекти и 3D моделирање и анимација – Fx3x.
На завршниот настан кој се организирал на 6-ти март свое обраќање имал и Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во земјава, Ерик Јановски. Јановски изјавил дека верува дека образованието е клучниот двигател на развојот и дека кога невработените лица учат нови, применливи вештини поврзани со достоинствена работа, можат да изградат надежна и просперитетна иднина за нив и нивните семејства, заедници и држава.
„УСАИД е вашиот партнер во овие напори и ќе продолжиме да соработуваме со Владата, приватниот сектор и работната сила и да ко-инвестираме во решенија кои ќе ја намалат невработеноста и ќе го спречат „одливот на мозоци“ од земјата, преку градење на посилна и одржлива економија“, изјави Јановски, соопштува УСАИД.
Кариерни профили со вакви знаења и вештини освен во дигиталните и продукциските студија, потребни се и на пазарот за дигитални видео игри, како и во маркетинг агенции, компании кои работат развој на продукти, а и во архитектонската и градежната индустрија, па оттука дел од учесниците, велат од УСАИД, веќе биле препознаени и им била понудена можност за вработување и во неколку други компании.
(МИА)
(фото: Freepik)