Мариана де Грот-Понс е досетлива холандска дизајнерка која осмисли 100% биоразградлива заштитна маска која на себе содржи семе од цвеќиња. Така, после употребата и фрлањето на маската таа е спремна за садење.
„Со години работам како графички дизајнер и сум користела многу природни ресурси за да можам да цртам, особено хартија, па затоа одлучив и нешто да вратам на природата. Со недели работев на сините маски за еднократна употреба, кои насекаде ги гледаме по улиците, и едно утро се разбудив со идеја за биоразградлива заштитна маска која на себе има семе од цвеќиња. На тој начин земјата останува среќна, заедно со пчелите, природата и луѓето. Маската ја нареков Marie Bee Bloom“ вели Грот-Понс.
Но, најбитното прашање е колкава заштита нуди таа маска и дали ги поминала сите проверки. Одговорот на тие прашања е дека нуди иста заштита како која било друга заштитна маска направена дома. Тоа значи дека ако се користи во комбинација со уште една маска, нивото на заштита ќе биде уште поголемо.
Материјалот од кој е направена е оризова хартија, а на неа се наоѓа семе од цвеќиња кое е видливо, а се произведува во мала работилница во Холандија. Исто така, наместо ластик, има тенки и меки врвци направени од волна од овци. Семето во маската е залепено со посебно лепило кое се добива од воа и компиров скроб. Дури и логото на маската е напишано со биоразградлива боја.
За најдобар резултат тие маски најдобро е да се посадат во градина или во поголема саксија, но ако ја фрлите во отпад сама ќе се распадне, а ако дојде до депонија веројатно нема да може од неа да израсне ново цвеќе.
(Tekdeeps)
(фото: Marie Bee Bloom)