Доцент д-р Раковиќ: 5G НЕ е поопасна од другите безжични технологии што веќе ги користиме!

- Advertisement -

Доцент д-р Валентин Раковиќ од Факултет за Електротехника и Информациски Технологии (ФЕИТ), при Институтот за телекомуникации е раководител на Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи во склоп на овој Факултет. Со него разговараме за проектите на Лабораторијата, преку кои се разработуваат нови технологии и парадигми, поврзани со безжичните комуникации и системи, но и за прашањата кои подолго време се актуелни во нашата и пошироката светска јавност, а кои се однесуваат на придобивките и можните опасности од  5G технологијата.

Доцент д-р Раковиќ, кажете ни нешто повеќе за вашата работа на ФЕИТ и Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи?

- Advertisement -

Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи е истражувачка лабораторија која е примарно е екипирана со средства од меѓународни научно-истражувачки проекти. Во моментов во неа се разработуваат нови технологии и парадигми, поврзани со безжичните комуникации и системи. Како најинтересни и најпропулзивни примери би ги издвоил:

• радио-виртуелизацијата – една од најнапредните парадигми кај идните генерации на мобилни мрежи, која треба да обезбеди големи подобрувања во адаптивноста и агилноста на безжичните мрежи;

- Advertisement -

• мобилни пресметувања во раб (Mobile Edge Computing) што е концепт кој треба да обезбеди ефикасна инфраструктура за сервиси кои бараат мало доцнење, како на пример, виртуелна реалност, индустриска автоматизација, автономни возила, инт.

• системски решенија на Интернет на нештата (Internet of Things – IoT) применети во различни вертикали, како што е на пример е-здравството, паметни инфраструктури, итн.;

- Advertisement -

• самоорганизирачки безжични системи и динамичен пристап кон спектарот – концепт примарно аплициран во доменот на воени комуникации, кој денеска може да има голема примена во комерцијални цели, како на пример во домашните безжични мрежи, попознати како WiFi.

• детекција и комуникација со екстремно ниско ниво на сигнал – Особено битна во специфични сфери од безжичните комуникации, како на пример, подземни комуникации, ултра-доверливи комуникации, вселенски комуникации.

Што претставува радио-виртуелизација и зошто ја сметате за високо-пропулзивна технологија?

Конвенционалните безжични системи базираат на употребата на специфичен хардверски дизајн за секој тип на технологија. На пример, еден мобилен телефон има повеќе комуникациски интерфејси за мобилните мрежи (2G, 3G, 4G, 5G), преку кој се поврзува со мобилен оператор, WiFi интерфејс преку кој комуницира со WiFi рутер, Bluetooth интерфејс преку кој може да се поврзе со паметни уреди, на пример паметниот часовник. Овие интерфејси се целосно имплементирани и реализирани како хардверски решенија преку конкретни електронски компоненти. Во случај кога излегува нова верзија на една дадена технологија, не може едноставно да се направи софтверско ажурирање на мобилниот телефон и да се добие новата комуникациска технологија. Наместо тоа мора да се купи нов уред кој ќе ја поддржува технологијата. Но, замислите колку би било поволно доколку мобилниот телефон вака едноставно можеше да си ги подобрува своите комуникациски способности. Дополнително, потрошувачката на батеријата во мобилниот телефон, пропорционално се зголемува со бројот на комуникациски интерфејси. Иако многу ретко се користат два или повеќе комуникациски интерфејси истовремено, интерфејсите постојат и непотребно ја зголемуваат потрошувачката. Но, потрошувачката на батеријата значително може да се подобри ако мобилниот телефон има толку активни комуникациски интерфејси колку што се потребни, а кои можат да се реконфигурираат во технологијата која што сакате тековно да ја користите. Концептот од овој пример и придобивките се исти и на страна мобилните мрежи, но со далеку поголемо влијание и апликација.

Радио-виртуелизацијата претставува нов технолошки концепт кој ги адресира елаборираните придобивки од горниот пример. Од аспект на безжичните мрежи, радио-виртуелизацијата може да обезбеди голема флексибилност на истите. Оваа флексибилност може да обезбеди помала цена на имплементација на нови технологии, да ја намали енергетската потрошувачка, но исто така да обезбеди поголема агилност на мрежата со која може да се подобри квалитетот на услуга, на пример при дневна миграција на корисниците, масовни собири како концерти или спортски натпревари, итн., но и значително да се подобри преживливоста на мрежата во случаи на елементарна непогода, на пример земјотрес, терористички напад, итн. Како таква, радио-виртуелизацијата претставува еден од најнапредните концепти кај идните генерации на мобилни мрежи, како што е петтата генерација на мобилни системи 5G.

Во врска со 5G технологијата, може ли да ни сублимирате кои се клучните придобивки од неа и постојат ли некои реални опасности, бидејќи во јавноста постојат многу теории и шпекулации?

Петтата генерација на мобилни системи, го трасира патот за нови типови на сервиси и апликации, кои тековните технологии како 3G (UMTS) и 4G (LTE) не ги поддржуваат. Имено, најчесно споменувани сервиси во контекст на 5G се виртуелната реалност, телеприсутност или холограмите, командување на далечина или телероботика (хируршките интервенции на далечина, целосно автономните возила и фабрики), паметните околини (паметни домови, паметни градови, паметна дистрибуција на електрична енергија или персонализирано здравство), потоа новите интерактивни модели на гејминг и уште многу други. Всушност, се предвидува дека 5G ќе ја започне новата индустриска револуција, а со тоа значително ќе го зголеми економскиот развој на микро и на макро ниво.

Што се однесува до опасностите, кусиот одговор е: -Не повеќе од другите безжични технологии што веќе ги користиме секојдневно. Мора да се напомене дека секоја безжична технологија е ригорозно контролирана и специфично и се дефинирани границите на зрачење кои научно се смета дека се безбедни. Истата ригорозност и граници на зрачна моќност постојат и строго се аплицираат и за 5G, како и за сите останати технологии. Имено, на многу места во светот веќе е почната употреба на 5G, односно, скоро во сите развиени земји веќе постои комерцијална достапност на технологијата. Чисто за сликовит пример на следниот линк, може да се проверат бројот и локациите на 5G базни станици низ светот. https://www.speedtest.net/ookla-5g-map.

Дали новите технологии и парадигми, поврзани со безжичните комуникации и системи, кои ги разработувате во Вашата лабораторија се научни концепти или се разработуваат во соработка со некои компании, кои потоа истите би ги примениле?

Генерално, разработуваните концепти се научни, но има и случаи каде се развивани во соработка и со индустријата. На пример, во лабораторијата е развиван комерцијален IoT продукт заедно со Македонски телеком, како интелигентен мониторинг систем за лозови насади. Со Македонски телеком моментално тече соработка во доменот на тестирање на потенцијалите и можностите на 5G. Исто така развивани се прототип и концепт решенија за само-организирачки мрежи заедно со големи комании, работени во склоп на меѓународни научно-истражувачки проекти, како што се Huawei, France Telecom, Toshiba, итн. Во моментов се разработуваат модели за соработка со локални компании од ИТ индустријата, кои би биле спонзорирани од ФИТР.

Иновациите се движечка сила во денешната економија, а во телекомуникациите се единствен критериум за опстанок на пазарот. Што се случува со иновациите кои ги разработува Вашиот истражувачки тим, во смисла на патентирање?

Најголемиот дел од иновациите кои ги разработуваме се преточуваат во научни публикации достапни до академската заедница. За жал, локалниот еко-систем не е доволно развиен и способен да помогне иновациите од академската средина лесно да се патентираат, како што е тоа случај во развиените земји.

Уште целосно не е имплементиран 5G, а веќе се зборува за 6G. Крајните корисници се навистина збунети. Во кој правец во моментов се развиваат телекомуникациите? Што може да очекуваме после десет години?

Во телекомуникациите постои едно непишано правило: на секои десет години се воведува нова генерација на мобилни системи. Ова е комплексен еко-систем кој генерално спојува повеќе индустриски вертикали. Иако е премногу рано да се зборува за 6G, веќе се идентификуваат некои потенцијални области и новитети, како што се интелигентните рефлетирачки површини, динамичното реискористување на спектар, холограмското радио, сателитско-базираните мобилни комуникации, комуникацијата со видлива светлина, итн. Морам да напоменам дека ова се само потенцијални концепт-технологии кои би можеле да бидат вклучени во наредната генерација. За неколку години од сега, би имале многу појасна слика околу технологиите кои би го обликувале 6G.

Сподели!
- Advertisement -