Компаниите активни во технолошко индустриските зони во февруари годинава учествуваат со 48 отсто од вкупниот извоз во националната економија, што е за 3 процентни поени повеќе од декември, со тенденција за понатамошен пораст. Истовремено вкупниот извоз од зоните во февруари е за речиси 17 отсто зголемен во однос на февруари 2020 година. Овој пораст е за 1,6 процентни поени повисок од порастот на вкупниот извоз во јануари 2021, во однос на јануари лани, покажува најновата анализа на Дирекцијата за ТИРЗ за економските активности технолошко индустриските зони во февруари годинава.
Компаниите во ТИРЗ учествуваат и со околу 40 отсто од вкупниот увоз во земјава кој во февруари изнесувал 249,3 милиони евра.
-Споредбено во рамки на зоните во февруари 2021 е регистриран благ раст од околу 2 отсто во однос на февруари 2020. Покриеноста на увозот со извоз останува значителнна. Така, во февруари 2021 нето извозот достигнува скоро +20 отсто, што е раст во однос на јануари 2021 за 2 процентни поени. Споредено со вкупната економија, покриеноста на увозот со извоз во јануари 2021 има позитивен тренд на подобрување од околу десет проеценти, но се уште е во минус 15,3 отсто, велат од Дирекцијата за ТИРЗ.
Бројот на вработени во зоните, додаваат, останува стабилен и во вториот месец од годинава. Во овие компании работат над 14.000 лица, при што кај дел од компаниите во тек се постапки за прием на нови работници. Според анализите на Дирекцијата за ТИРЗ, постојните договори со инвеститорите предвидуваат обврска за креирање на нови 7.500 работни места.
-ТИРЗ интензивно работи на развој на нов сет мерки за развој на човечкиот капитал, кој ќе придонесе кон поголема продуктивност и поголеми плати. Во овие процеси, иницирани од Дирекцијата за ТИРЗ, веќе се вклучени неколку меѓународни партнери како и компаниите инвеститори. ТИРЗ веќе го имплементира и нов модел на поттикнување на инвестициите, кој се фокусира на потребите на инвеститорите според кои се прилагодуваат и мерките и поддршката од државата. Само за последните три месеци во Дирекцијата за ТИРЗ се најавени или пристигнати писма за намери од повеќе постојни и нови инвеститори, со вкупен износ на нови инвестиции помеѓу 80 – 100 милиони евра, потенцираат од Дирекцијата за ТИРЗ. вј/са/