Чистењето на нафтата од водите во светот на пониски температури е голем проблем за кој уште нема ефикасно решение. Како последица на стара опрема, човечка грешка и лоша среќа, излевањето на нафтата влијае на целата животна средина така што ги загадува бреговите, рибниците и го убива живиот свет во океаните и морињата.
Кога ќе се случи излевање во некој топол крај, полесно може да се исчисти од водата, но сериозен проблем е ако се случи на поладно место како, на пример, на Арктикот. Тоа е така поради кристализацијата. На ниски температури суровата нафта станува потешка, како и парафинот во неа. Кристалите потоа се спојуваат и формираат поголеми површини кои тешко се чистат. Се досега технологијата која ја имаме е несоодветна и непрактична.
Сега тим од научници од Кралскиот колеџ во Лондон пронајде поинаков метод за решавање на овој опасен проблем. Д-р Павани Черукупали од Катедрата за хемиски инженеринг вели дека се обидуваат да ја одржуваат нафтата таква каква што е, а работат на развој на сунѓер кој ќе ја впива во таа состојба. Тоа значи дека нема потреба да ја загреваат и директно можат да го решат проблемот.
Со анализа на молекуларната структура на нафтата Черукупали и тимот успеале да создадат посебен нанослој со речиси идентична структура. Според студијата објавена во Science Advances, кога на сунѓер ќе се стави тој нанослој сунѓерот се претвора во машина која вшмукува нафта. При едно тестирање успеале да апсорбираат дури 99% од нафтата во вода со температура од 5 степени Целзиусови.
Нанослојот може да издржи 10 пати употреба. Додека претходно имаше информации за слични сунѓери, овој е посебен по тоа што се фокусира на нафтата која се наоѓа во ладна вода.
(Interesting Engineering)
(фото: Pixnio)