19 C
Skopje
петок, мај 7, 2021

Тамара Мариќ ја заврши обуката за монтажа и сервис на соларни системи

Kabtel desktop

Тамара Мариќ e дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии од областа електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија на Факултетот за електротехника и информациски технологии која неодамна успешно ја заврши обуката за соларни системи организирана од страна на „Солар Македонија“, а со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.
Во текот на додипломските студии таа имала можност да добиe практично искуство во КЕЦ Васил Главинов, ЕВН Електродистрибуција, а за време на летната практикантска работа имала ментор со големо искуство кој успеал да и ја доближи оваа проблематика. Своите додипломски студии ги завршила на тема „Проектирање на фотоволтаична централа при ХЕЦ Козјак“, а со изборот на темата на дипломскиот труд почнува да ги проширува своите знаења од областа на соларната енергија.

 Новинар – Верица Јорданова

Тамара, може ли да ни раскажеш зошто реши да бидеш дел од обуката за соларни системи на Солар Македонија? Кој беше твојот примарен мотив и од каде всушност љубовта кон соларната енергија? 

По завршувањето на додипломските студии имав желба и тенденција за надградба на теоретското и практичното искуство во сферата на проектирање и инсталирање на соларни системи. Солар Македонија со обуката за соларни системи ми даде можност да ги проширам знаењата со помош на искусните експерти од соларниот сектор на нашата држава.

Јас бев дел од третата обука за соларни системи (монтажа, димензионирање и сервис) поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, која ја реализираше Солар Македонија. Оваа програма за прв пат верифицирана од страна на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. Со оглед на новонастаната ситуација со појавата на коронавирусот Солар Македонија го организираше теоретскиот дел од обуката на платформата Zoom кој траеше 10 дена. Теоретскиот дел беше поделен на „фотоволтаични системи“ и „термални и фото/термал системи“, додека практичниот дел се одвиваше пет дена во Штип и беше успешно организиран според мерките и препораките за заштита и превенција од корона вирусот од компанијата Еко Солар каде што секој од кандидатите доби сопствен алат за изработување на поставените задачи.

Знаењето и искуството кое го споделија обучувачите беше јасно пренесено до нас кандидатите. Од обуката имам максимално позитивни впечатоци, особено врската која се разви помеѓу кандидатите и предавачите. Опуштената атмосфера направи лесно да се здобиеме со знаења со помош на реални примери и проекти, каде што секој дел беше детално разгледуван и дискутиран. Пренесувањето на нивното искуство е во наша полза за полесно справување во текот на нашата кариера. За време на теоретскиот дел бевме запознаени и со предностите и ограничувањата на Законот за енергетика и Правилникот за обновливи извори на енергија, за да може ние во иднина како идни колеги да соработуваме меѓусебно и да допринесеме за негово подобрување со цел да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија во нашата држава. Топло им ја препорачувам оваа обука на сите идни кандидати, бидејќи сигурно со завршувањето на обуката ќе излезат подобри од тоа што биле. За сите успешни компании кои работат во оваа или слична дејност, ваквиот стручен кадар е незаменлив дел од тимот и игра голема улога во комлетно исполнување на посакуваната цел. Сметам дека секогаш има потреба од вакви кадри. А на мене и на сите идни кандидати останува да го имплементираме стекнатото знаење и да продолжиме да го прошируваме.

Со оглед на тоа дека обуката опфаќа монтажа и сервисирање на соларни панели, како се снајде ти како девојка во оваа работа која бара и поголема физичка сила? 

Не постоеше никаква пречка. Уште од самиот старт искусив меко лемење на бакар за првпат во мојот живот па се до поврзување на мојот прв автономен систем што кај мене предизвика големо задоволство. Но за успешно завршување на задачите работевме како тим и не наидовме на пречки при извршување на истите.

Кои се твоите кариерни планови и дали можеби по завршувањето на оваа обука доби понуди за работа?

По завршувањето на обуката ги запишав своите магистерски студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии и добив понуди за работа. Својата кариера се одлучив да ја градам во компанијата АДРА каде што почувствував синергија и долгорочна стабилност.

За обуките кои ги реализира здружението „Солар Македонија“ повеќе детали ни споделија Стефан Трајков проект менаџер на „Солар Македонија“ и Илија Насов, претседател на „Солар Македонија“.

Која е улогата на Солар Македонија и на кој начин проектт придонесе во надминување на идентификуваните предизвици?

Една од главни причини за ниското искористување на сончевата енергија во Р.С. Македонија е инсталацијата на термални колектори без минимален квалитет и инсталација на термални и фотоволтаични системи од страна на нелиценцирани инсталатери.
Од тие причини Солар Македонија поседува верифициран центар за обука од страна на Министерство за Образование и има верифицирана програма за изведувачи на системи за обновливи извори на енергија. Досега се одржани две пилот обуки во 2018 и 2019 (над 40 различни кандидати), две верифицирани обуки во 2020 (21 кандидат кои ја посетија цела обука) и моментално во 2021 се одржува четврта по ред обука за изведувач на системи за обновливи извори на енергија, во која се вклучени 18 кандидати.
Целата на овие обуки е да се зголеми квалитетот на димензионирање и монтажа на сончеви термални, фото/термални и фотоволтаични системи. Еден систем не може да постигне максимална ефикасност ако не е добро димензиониран и монтиран. Од друга страна неопходно е да се зголеми бројот на обучени кадри кои ќе придонесат за правилното поставување и одржување на овие систем, а со тоа ќе може паралелно да се работи на остварувањето на потенцијалите кои се нудат во областа на соларната енергија и зголемувањето на бројот на инсталирани капацитети.

Какви се потенцијалите за искористување на соларната енергија во Северна Македонија?

Климатските карактеристики – висок интензитет на сончево зрачење како и неговото времетраење, температурата, влажноста, овозможуваат поволни услови за успешениот развој на сончевата енергија.  Континенталната клима со жешки и суви лета ја прави Македонија земја со повисок потенцијал за искористување на сончевата енергија од просечните Европски земји. Сончевото зрачење во Р.С. Македонија се движи помеѓу 1400 kWh/m2 до 1650 kWh/m2 годишно што доведува до исклучително поволна клима за искористување на сончевата енергија.

Но, и покрај поволните природни услови, искористувањето на сончевата енергија во Северна Македонија е на најниско ниво во Европа. Досега,  се инсталирани околу 41,720 m2 сончеви топлински колектори или 0,02 m2/жител и занемарливо малку m2 PV, додека (само како пример), Австрија која е една од водечките земји во ЕУ во искористување на сончевата енергија, со околу 30% помало сончево зрачење, има инсталирано  0,65 m2/жител сончеви топлински колектори или  5,161,798 m2 инсталирани сончеви топлински колектори и повеќе од 1000 MW PV.

Во изминатите години покрај предизвиците со кадарот и квалитетот на соларните системи кои се инсталираат, исто така голем предизвик во искористувањето на овие потенцијали се и лошо структурирана шема за субвенционирање на термални системи и релативно малиот буџет за субвенционирање на инсталација на термални сончеви системи,

Која е улогата на Солар Македонија и на кој начин проектот придонесе во надминувањето на идентификуваните предизвици?

Македонското здружение за сончева енергија „Солар Македонија“ е стручно, научно, образовно и невладино здружение основано во 2006 година, според иницијатива на основачите присутни на светскиот конгрес за сончева енергија во Глеисдорф во Австрија.

До скоро здружението броеше 20-ина членови (физички и правни лица кои работат во полето на обновливите извори на енергија), а сега над 50 благодарение на активностите спроведени преку последните два проекти поддржани од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Во изминатите 3 години со поддршка на Проектот здружението работеше на развој на нови или надградба на постојните услуги кои ќе им помогнат на компаниите-членки да растат и да ја зајакнуваат својата пазарна позиција. За таа цел се работеше на воспоставување обука за соларни инсталатери и обезбедување дополнителни едукативни услуги, како што се развој на наставни програми, посети на меѓународни саеми или набавка на лиценциран софтвер за димензионирање на соларните системи. Воедно, се иницираа и активности со кои чинителите во соларниот сектор дискутираа на релевантни прашања во законодавството и создавање поволни услови за шеми за увоз и субвенции.

Крајната цел на низата активности е да се придонесе кон зголемување на свеста за можностите и придобивките кои ги нуди соларниот сектор, и како воедно тие влијаат да се намали и аерозагадувањето. Членовите на Солар Македонија знаат како да го доловат овој дел преку практични и секојдневни примери, имајќи го предвид  фактот дека голем дел од нив се управители на фирми за производство на сончева техника. Исто така имаме членови кои имаат објавено голем број на книги, прирачници, брошури за примена на обновливите извори на енергија, а со тоа и намалување на аерозагадувањето.

Нашата цел е и во иднина да продолжиме со промовирање на ефикасно, економично и одржливо користење на сончевата енергија преку истражување, развој, обука, воведување на стандарди за квалитет, добри деловни практики, воспоставување стабилен и силен соларен пазар.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •