Вино со врвен квалитет во ограничени количини, одбрани сорти грозје и долгогодишна традиција на производство, се трите главни причини зошто треба да се проба вино произведено од мала семејна винарија. Секое семејство има своја приказна, а некои имаат и свое вино, со кое ја збогатуваат приказната. Македонија е земја на сонцето и плодната почва, два услови кои се неопходни да се негуваат вековната традиција на одгледување врвни вински сорти грозје и тајните на производството на вина од светски ранг.
Во последната година, во земјава се создадоа услови, покрај големите, да почнат да работат и околу 40 мали семејни винарии. Винската приказна доби нова димензија, а туристите уште една можност да уживаат во нови вкусови на македонски вина. Да се одгледува винова лоза, но и истовремено да се биде и производител на вино е голем предизвик за едно семејство, но и голема шанса за промоција на регионот и земјата.
Иднината на лозарството и винарството во државава, според Горан Јаковлевски, претседател на здружението „Тиквешки семејни винарии“, е во отварање на стотици мали винарски визби, но и во развој на винскиот туризам за кој има голем интерес, не само кај домашните, туку и кај странските гости, кои се желни за откривање на нови дестинации. Во услови на КОВИД-пандемија, кога раздвиженоста на странски туристи е речиси минимална, се зголемува интересот за домашниот вински туризам и за посета на винариите.
Разговараше – Сања Наумовска
Г-дин Јаковлевски, за помалку од една година кај нас се регистрираа околу 40 мали винарии. Што беше условот и поттикот да се случи тоа, како се појави толку голем интерес?
Измените на Законот за вино и подзаконските акти, намалувањето на трошоците во Државниот Инспекторат за земјоделие од 10.000 на 1.500 денари, како и измените на правилникот на Агенцијата за храна за пуштање во промет на производи со традиционални карактеристики, беше поттик кај многумина во Тиквешијата да се регистрираат како мали семејни винарии и како производители на маџун. Практично, условите за регистрирање станаа многу поволни за малите производители, со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно. Најмногу винарии се регистрираа во Кавадарци и Неготино, но и во други градови како Прилеп, Битола, Скопје… Интересот не е стивнат и сега. И други лозари се заинтересирани, па постојано нè контактираат и бараат совет и помош околу подготовката на документацијата за регистрирање.
Дали повеќето од малите винарии имаат и свое производство на грозје, а правењето вино им е семејна традиција?
Најчесто производството на вино и маџун, ракија и вињак се прави од сопствени лозови насади. Но, некои сорти на грозје кои ги немаме или пак ги одгледуваме во мали количини, ги откупуваме од претходно договорени добавувачи. Производството на вино се прави на традиционален начин, и во тој процес е вклучено целото семејство. Речиси сите винарии имаат голема семејна традиција на производство, која сега се подигнува на едно ново, повисоко, ниво и им овозможува и на многу посетители и туристи да уживаат во вкусовите и квалитетот на виното кое со векови се прави на овие простори. Исто така, малите винарии соработуваат и со здружението на енолози на Македонија, од кои добиваат консултански услуги, со цел да се добие врвен квалитет.
Какви се реакциите на посетителите, што најмногу ги одушевува?
Постои голем интерес за посета на домашните винарии, но сега во време на пандемија, тоа се најчесто домашните туристи. Мора да се каже дека реакциите се одлични, посетителите се многу изненандени од квалитетот на нашите вина, но и од топлиот пречек и гостопримството на кои наидуваат. Покрај дегустацијата на вино и ракија можат да уживаат и во квалитетната македонска храна и познатите локални специјалитети како раванија, ´рчели со маџун (слатко од тиква со орев и грозје), кавадаречки пишии и други. Гостите се запознаваат со процесот на создавање на виното, дознаваат за старите традиции, верувања и обичаи врзани за оваа култура. Можат да уживаат во природа, сонце и чист воздух, да ги слушнат локалните традиции и историја, да се запознаат со нашиот крај и на крај дома да си заминат среќни и задоволни. Со еден збор, целосно уживање, залеано со добро вино и вкусна храна.
Имате ли некои идеи со кои ќе се проширува и подобрува понудата на малите винарии?
Желба на сите нас како винарии е да ги следиме светските и европски текови и во иднина да го зголемиме своето производство, да изградиме сали за дегустација во традиционален стил, но и да им овозможиме повеќедневен престој на гостите. За сето ова е потребна финансиска помош и се надеваме дека ќе ја добиеме од државата и локалните самоуправи преку различни модели на поддршка на мали семејни бизниси, рекламирање, промоција, настапи на меѓународни саеми и максимална искористеност на ИПАРД средствата. Исто така, сега, покрај продажбата на вино од праг, нашите производи можат да се најдат и во локални ресторани, кафеани и продавници за вино.
Винскиот туризам во последните години е многу привлечен за туристите, дали и малите винарии се вклучија во понудата на туристичките агенции?
Иднината на лозарството и винарството во државата е во отварање на стотици мали винарски визби, но и развој на винскиот туризам за кој има голем интерес, не само кај домашните туристи, туку и кај странските гости, кои се желни за откривање на нови дестинации. Со надминувањето на пандемијата се надеваме дека гостите од странство ќе се вратат организирано, преку домашни туроператори, со кои веќе имаме остварено контакти.
На магистралата Атина-Белград транзитираат милиони туристи во текот на годината. Тука е нашата шанса. Мораме да им понудиме можност да ги посетат нашите винарии и да уживаат во нашите прекрасни вина, македонската кујна и гостопримливост. Имаме одлична соработка со Slow Food Македонија, со кои го подготуваме водичот Slow wine. Во него за почеток ќе се најдат шест винарии со над 20 етикети на вина. Ова ќе биде одлична можност за наша промоција пред домашните и странски туристи и винољупци.
Расте ли винската култура кај нас? Која е улогата на малите винарии во нејзино ширење?
Како се зголемува бројот на малите семејни винарии така расте и се развива винската култура. Се зголемува популацијата која конзумира вино, се отвараат нови продавници, а во рестораните евидентна е зголемената продажба на вино во шише. Луѓето се љубопитни, прашуваат и сакаат да научат за виното, за уникатниот однос со храната и различните комбинации, кое вино со каква храна оди. Сакаат да пробаат и нови вкусови, а и некои стари и позаборавени. Сè повеќе се бара познатата „Темјаника“, но и автохтоната „Станушина“, кои нашите мали винарии сè почесто ги прават. Во последно време интересна е и сортата „Пловдина“ која ја има многу малку, но сепак некои винарии веќе ја произведуваат и ја нудат.
Која е улогата на здружението „Тиквешки семејни винарии“ во целиот процес?
Здружението „Тиквешки семејни винарии“ е формирано во 2019 година во Кавадарци и во него членуваат околу 30 членови од Кавадарци, Неготино, Градско, Велес, Прилеп и Скопје. Здружението е формирано за да придонесе за развојот на винарството во државата, да ја задржиме и негуваме нашата традиција, организирано да се афирмираме, да соработуваме и да се помагаме меѓу себе. Преку здружението се организираме за учество на саеми, семинари, фестивали, дегустации и оценување на вина во замјава и странство. Работиме во интерес на македонското лозарство и винарство и соработуваме со сродни меѓународни организации, здруженија и поединци.
Двапати досега го организиравме настанот „Тиквешки вински салон“ на кој ги промовиравме нашите производи пред домашните винољубци, туристички агенции, тур оператори и странските амбасади во државата. Имаме добра соработка со државните институции и локалната самоуправа во Кавадарци и со првиот вински музеј во С. Македонија, кој се наоѓа токму во Кавадарци. Се надеваме дека по завршувањето на пандемијата ќе имаме можност да воспоставиме подобра соработка со здруженија од Србија, Хрватска, Франција, Италија… и да ги посетиме винските региони во овие држави за да се запознаеме со нивните иксуства и идеи.