Вински камп Барово – уникатна туристичка атракција каде се спие во буриња во кои 40 години лежело македонско вино!

- Advertisement -

Винскиот камп Барово е уникатна туристичка локација која нуди престој во вински буриња во кои изминатите децении одлежувало македонско вино. Винскиот камп го доловува единството на време и место, чувството на единство со природата и со историјата на регионот. Сместувањето во буре е спој со недопрената природа и бесконечните лозја, традицијата и културата на виното, локалната храна и уникатниот вкус на тероарот создаван со векови.

Во интервју за Иновативност, Елена Младеновска-Јеленковиќ, менаџер за комуникации во групацијата М6, во чија сопственотс е “Тиквеш вински туризам“, компанија која го реализира проектот “Искуси ја Македонија“, вели дека во винскиот камп Барово посетителите имаат уникатна можност да ја доживеат целосно винската приказна. Не само да ги дегустираат вината, туку директно да го запознаат регионот и да стекнат знаење за одгледувањето на виновата лоза и производството на виното кое започнува на самиот лозов насад. Доколку престојуваат во период на берба, може да се вклучат и во овој процес.

- Advertisement -

Пишува – Сања Наумовска

Г-ѓа Младеновска-Јеленковиќ, кажете ни која е приказната на винскиот камп и сместување во вински буриња?

- Advertisement -

Замислете да заспиете под ѕвездено небо и изутрината да се вљубите во погледот на лозја огреани од сонцето и во прекрасните пејзажи што ги нуди планината Кожуф. Сакаме посетителите да го доживеат тој момент, тоа уникатно искуство да го овозможиме за секој турист и љубител на природата. Барово е регион скриен во длабочините на планината Кожуф и се протега на надморска височина од 700 метри, тоа е местото каде што свежината на планинските врвови се судира со топлината на Егејското Море. Летото тука е долго, но свежо, а воздухот е чист. И сето таа убавина е надополнета со прекрасно вино и храна, што е исто така клучен дел од содржините што ги подготвивме за посетителите. На самиот локалитет засега нема струја, па престојот на оваа локација на посетителите им нуди можност за “бегство” од секојдневието, од бучавата, од брзото темпо на живот што остава траги на нашето физичко и психичко здравје.

Винскиот камп се состои од 12 адаптирани буриња за сместување, две туш кабини, соблекувална и чајна кујна, сите комплетно обновени од стари буриња во кои одлежувало македонско вино повеќе од 40 години. Секое буре е опремено со кревет и постелнина, а електрична енергија за нив се обезбедува преку соларни панели. Бурињата се распоредени на начин што дозволува секое од нив да има своја тераса со столче за уживање во незаборавен поглед кон изгрејсонцето и недогледните лозја.

- Advertisement -

Сепак целиот проект не е само на локацијата Барово. Проектот е на Тиквеш Вински Туризам во соработка со Домен Лепово и Барово и развиени се и дополнителни содржини и во Кавадарци каде е адаптирана продавницата пред винарија Тиквеш со цел да има и дегустација за туристите и во винаријата Домен Лепово каде се опремени две соби и нова дегустациона сала.

На овој проект работеше поширок тим во изминатите 3 години и истиот е реализиран со финансиска поддршка преку Проектот за локална и регионална конкурентност на Владата и ЕУ, што се администрира преку Светска банка.

Тимот кој е заслужен за успешна реализација на овој уникатен и иновативен проект

Како го создадовте иновативниот пристап со кој што сакате да ги привлечете туристите во винскиот камп?

Промените во туристичката побарувачка, особено кај младите туристи, кои според Светската туристичка организација (UNWITO) имаат поинакви животни вредности и преферираат да ги трошат нивните пари директно во локалната заедница, ни дадоа до знаење дека воведувањето на ваков нов производ или услуга не е клуч кон отворање на вратата за иновативна понуда, туку тоа е начинот на кој денес треба да се креира туристичката понуда и да се развива туризмот.

Винскиот камп е во согласност токму со таквиот пристап и овозможува одржување баланс меѓу еколошките, економските и социјалните интереси, со што практикуваме еко-туризам и самоодржлив туризам. Самото сместување не е иновација, постои во други региони во светот. Разликите се состојат во тоа што во другите региони, најчесто, сместувачките капацитети се наменски направени и претставуваат комплетно нови буриња, додека кај нас станува збор за автентични вински буриња што сега се пренаменети.

Покрај тоа, комбинацијата на сместувањето со локацијата, регионот, развојот на дополнителни содржини, тоа е она што ја прави оваа наша приказна уникатна. Таа нуди директен линк со алтернативните искуства и е блиско поврзана со рурален, агро, авантуристички туризам. Накратко не претставува типична винска туристичка понуда.

Се поголем број туристи практикуваат алтернативен туризам. Како нашето Барово да се позиционира со светските атракции?

Имајќи го предвид сето она што регионот може да го понуди и новите трендови во туризмот, каде се поголем замав земаат алтернативниот, руралниот, самоодржливиот туризам, креиравме понуда која ќе ги задоволи потребите на туристите и ќе биде во склад со регионот, недопрената природа, чистата околина, чистиот воздух… нешто што ќе го надополни руралниот, еколошкиот изглед на целиот регион. Не сакавме да бидеме „натрапници“ во природата и сето тоа што таа ни го дала. Затоа се одлучивме да користиме природни материјали, нешто што има вински карактер и е автентично за регионот, а ја надополнува целата винска приказна која сакаме да ја раскажеме и пренесме на туристите. Винските бочви совршено одговараат со регионот на Барово, регион кој може да понуди незаборавно искуство за сите љубители на природата, алтернативните спортови, за туристите кои сакаат да истражуваат заборавени и недопрени рурални делови. Странските туристи се особено заинтересирани за уникатни несекојдневни искуства и сметаме дека оваа понуда може да биде соодветна токму за привлекување на оние со авантуристички дух и желба за откривање алтернативни доживувања, кои можат да ги искусат само во овој регион.

Објаснете ни каков е целиот пакет на понуди, што можат да очекуваат посетителите на винскиот камп?

Со престојот во винскиот камп, посетителите може да изберат различни туристички понуди. Почнувајќи од класични вински тури кои опфаќаат прошетка низ лозовите насади и дегустација на вино со локална храна, па сѐ до тури кои опфаќаат поголем број и разновидни активности. Барово е одличен регион за истражување и уживање во неоткриените природни места преку трасираните велосипедски патеки или планинарски рути. Гостите може да ги користат трите нови велосипедски патеки кои водат накај Демир Капија, Кожуф, но и до блиските бачила.

Со посетата на локални производители на храна во тамошните села, посетителите ќе се запознаат со традиционалниот начин на одгледување и подготовка на храна во природни и еколошки услови, со можност да пробаат и да купат локални производи. Пикникот е уште еден начин преку кој посетителите можат да ја вкусат локалната храна и вино, а истовремено и да уживаат во нивната подготовка и во недопрената природа. Дополнително, туристите ќе може да посетат историски знаменитости, манастири и цркви, пештери, рудници и останати интересни локации во регионот. Планираме да ја прошириме понудата преку соработка со локалните музеи, винските организации, археолошките наоѓалишта и останатите туристички капацитети и содржини во тиквешкиот регион. Па, во иднина би можеле да вклучиме патување со брод по Тиквешко езеро, набљудување на птици и слично. Исто така, ќе организираме „глампинг“ настани, концерти под отворено небо, вински маратон итн. Ова е идеално место и за организирање на тим билдинг активности, на групни приватни забави, како родендени и свадби, за што обезбедуваме посебен готвач кој на самото место ќе ја подготвува храната и ќе направи своевидно шоу за гостите. Секако, цената ќе зависи од пакетот услуги кои ќе се побараат односно изберат, така што понудата ја моделираме согласно барањата на гостите. Значи, генерално, може да издвоиме неколку различни понуди наменети за различни целни групи. Првата се винските тури кои опфаќаат дегустација на вино и посета на винарниците „Тиквеш“ и „Домен Лепово“. Потоа, тури кои освен содржини поврзани со виното нудат и забава и неформална едукација која би вклучувала работилници за создавање на свое вино, за копаничарство, за сликање со вино, за готвење и останати работилници и тим билдинг активности. Понатаму, тури поврзани со вино кои дополнително вклучуваат посета на историски и културни дестинации, како и тури поврзани со природа, физички активности, но и медитација и јога.

Посетителите ќе имаат можност да ги пробаат вината направени од грозје што е одгледано токму на локалитетот Барово. Тоа е убавината на целосното впивање на пределот, со сите сетила. Интересно е и што на самиот локалитет почнавме да одгледуваме и органски зеленчук, па храната што ќе се приготвува ќе биде од состојки одгледани во самиот камп. Гостите ќе можат да ги вкусат токму свежо набраните домати и пиперки. Со еден збор, целиме кон задоволување на потребите на туристите со креирање на понуди според нивните потреби и желби, што значи дека постојано ќе креираме нови интересни туристички понуди.

Алтернативниот туризам како концепт секогаш цели кон специфичен круг на гости. Кои се вашите потенцијални посетители?

Воспоставуваме соработка со тур оператори и туристички агенции, како клучни за промоција на нашата туристичка понуда, особено кога станува збор за поголеми групи. Сите заинтересирани можат и директно да остварат контакт со нас преку веб страницата и да добијат информации, да резервираат, како и да добијат одреден пакет на услуги.

Сметаме дека домашните туристи би биле заинтересирани за викенд-посети и замена на класичните ресторани и веќе познати дестинации со едно вакво несекојдневно искуство. Додека, странските туристи би биле повеќе заинтересирани за авантуристички туризам, спорт, запознавање на локалните знаменитости и традиционалните начини на производство на храната и виното. Ако ги земеме предвид туристичката побарувачка и желбите и потребите на туристите, постојат неколку различни групи на посетители, без разлика дали се домашни или странски. Една група се љубителите на вино, чиј интерес е исклучиво виното и винските дестинации. Другата група се љубителите на природата и алтернативните спортови. Тоа се туристи со авантуристички дух, кои сакаат да истражуваат нови природни убавини. Третата група се ено-гастрономските туристи, кои бараат посебни искуства и претежно избираат тури кои вклучуваат посета на повеќе земји во регионот.

Што е тоа што Македонија може да понуди во винскиот туризам во регионот и пошироко, она што ја разликува од други вински региони?

Македонија како земја изобилува со убавини и вкусови кои би го привлекле секој турист. За разлика од другите познати вински региони, ние како неоткриено богатство сме предизвик за секој љубител на вино и секој со истражувачки дух, привлечен од долгата винска историја и традиција и од врвните вина. Покрај квалитетните вина, недопрената природа, еколошката храна и гостопримството се другите работи по кои сме препознаени во светот. Ние имаме автентична историја и традиција и секако тоа не разликува од останатите региони, но не помалку важни се и локалните сорти грозје од кои се произведуваат врвни вина. Тоа е исто така една значајна разлика и доволна причина за промоција на уникатноста на нашата земја во однос на винската туристичка понуда.

Постојат и други можности за привлекување на туристи, а тоа е преку создавање на регионална понуда со останатите земји, чиј дел секако би била и Македонија. Балканската винска мрежа веќе работи на заедничка промоција на вината од балканскиот регион, па во тие рамки соработката може да се прошири и на полето на винскиот туризам.

Сподели!
- Advertisement -