На последната 65-та седница на Советот на Општина Центар, која се одржа во четвртокот, со носењето на измените и дополнувањата (ребалансот) на Буџетот на општината, се одвоија средства и за субвенционирање на купување велосипеди, Е-велосипеди и Е-тротинети.
За поздрава животна средина и помал сообраќаен метеж – Полесно до велосипед, Е- велосипед и Е-тротинет! е мотото под кое Општината ја спроведува оваа активност.
Акцијата е започната заклучно од 1 јуни и со одвоените средства ќе се субвенционира 30 отсто од цената за купување нов велосипед, Е-велосипед и Е-тротинет, но најмногу до 3.000 денари.
Секој полнолетен жител на Општина Центар што ќе купи велосипед, Е-велосипед или Е-тротинет започнувајќи од 1 јуни, потребно е да ги достави следниве документи:
Пополнето барање за субвенционирање;
Копија од лична карта;
Копија од трансакциска сметка;
Фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купен велосипед, Е-велосипед или Е-тротинет.
Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар, барака бр.6, почнувајќи од задутре, понеделник. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и за субвенционирањето, се вели во соопштението.
Правото на субвенција е еднократно. За сите дополнителни информации во врска со субвенционирањето, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 3203-600. ац/