Интервју со Виктор Митевски од Start up Academy и Кристијан Милески од Бизнис импакт лаб по повод започнувањето на новиот циклус на „Чекор по чекор“ програмата на Шпаркасе банка.
Шпаркасе Банка Македонија го објави почетокот на третиот циклус од програмата „Чекор по чекор“, наменета за поддршка на старт-ап бизнисите во Република Северна Македонија. Преку оваа програма Шпаркасе Банка Македонија веќе трета година по ред на стартапите им овозможува пристап до потребните финансиски средства за развој на нивните микро и мали компании, како и вклучително едукација и менторство за правилен развој и одржливост на бизнис-идеите.
Програмата „Чекор по чекор“ е прва акцелераторска програма од овој вид во Република Северна Македонија, која започна во 2019 година во соработка со партнерите „Business Impact Lab“ и „Startup Academy“. Целта на програмата е да обезбеди парична и општествена поддршка на компаниите што се во почетната фаза на развој на сопствен бизнис, со можност за кредитирање во износи до 25.000 евра, вклучително со пакет на образовна, финансиска и менторска поддршка.
Разговараше – Верица Јорданова
Најпрвин, кажете ни повеќе детали за „Чекор по чекор“ програмата. Нејзините клучни цели и мотиви за нејзиното спроведување во нашата земја?
Митевски: За разлика од периодот од пред 5 години кога во Македонија имаше ограничени финансиски средства на располагање на претприемачите, денес сме сведоци на мноштво инструменти кои го поддржуваат претприемничкиот екосистем низ целата територија на државата. За жал банките сѐ уште се конзервативни и не се заинтересирани да финансираат проекти на старт ап компании. Програмата на Шпаркасе банка е исклучок. Чекор по чекор е програма која обезбедува финансиски средства за реализација на проектот/инвестицијата, по поволни услови. Истовремено, банката инвестира во градење на капацитетите на апликантите преку програма за развој на бизнис идејата и посебна програма за менторирање за оние бизниси на кои ќе им бидат одобрени финансиски средства.
Милевски: Како некој кој е дирекно вклучен во развивањето на нашиот стартап екосистем од самиот почеток, можам слободно да кажам дека Шпаркасе Банка е првата која реши да пласира нов продукт наменет за највисоко ризичната категорија, односно стартапите. Со тоа не само што дирекно им помага во нивниот развој, туку дава и сигнал до банкарскиот сектор дека работите треба да се менуваат во друга насока.
Кои се придобивките и резултатите од претходните циклуси на оваа програма?
Митевски: Најголемата придобивка од програмата е фактот што преку 20 стартап бизниси добија финансиски средства за реализација на нивните бизнис идеи во околности каде шансите за добивање на поволни финансиски средства од други финансиски институции беа и сѐ уште се минимални. Благодарение на програмата имаме 20 бизниси кои успешно работат и дополнително го развиваат претприемничкиот еко систем во Македонија. Од друга страна пак повеќе од 50 компанија ја имаат поминато програмата и имаат развиени бизнис идеи кои со минимално подобрување и поголема посветеност на претприемачите можат да прераснат во нови успешни приказни не само за Банката, туку и за заедниците во кои функционираат.
Милески: Минатите циклуси ни дадоа јасна слика на тоа каде треба да се водиме понатаму со овој тип на поддршка. Нема сомнеж дека на стартапите им се потребни инвестиции и секогаш е добро првата инвестиција да дојде од геопграфијата во која тие дејствуваат. Кога стартапот има историја дека добил и успешно ја искористил инвестицијата, тој многу полесно понатаму може да добие било каков тип на инвестиција. Стартапите кои до сега беа дел од Чекор по чекор, успешно ги реализираат плановите кои ги имаа зацртано, но секако да не заборавиме дека и тие се најдоа затечени од целокупната ситуација во која се најде секторот со Ковид кризата.
Програмата е наменета пред се за млади претприемачи, кои преку истата добиваат финансиска, едукативна и менторска поддршка. Како го оценувате генерално интересот на младите претприемачи за оваа програма и може ли некако да се сумира профил на досегашните кандидати?
Митевски: Една од силните страни на програмата е рамномерната регионална застапеност на бизнисите. Имаме бизниси од сите плански региони во Македонија, а возраста на претприемачите се движи од 20 до 50 години. Во претприемништвото млад претприемач е секој кој размислува иновативно, сака да започне сопствен бизнис и има желба за нови предизвици и потфати. Оттука, годините на сопствениците не се пресудни за успешноста на бизнисот. Најголем дел од идеите се однесуваат на услуги, но имаме и неколку значајни и иновативни проекти кои предвидуваат развој на производи кои нудат нови или подобри начини на решавање на одредени проблеми или задоволување на потреби на пазарот. Значајно е да се напомене дека дел од бизнисите се и корисници на финансиски средства од Фондот за иновации и технолошки развој, што зборува за квалитетот на идеите и нивната изводливост и потенцијал.
Милески: Можам слободно да кажам дека ова е една од ретките програми на кои крајната цел е добивање инвестиција. Во текот на развивањето на нашата стартап сцена се појавуваат и циркулираат многу програми и се’ повеќе ги има. Тоа е одлично бидејќи им се овозможува на стартапите пристап до програми кои најмногу одговараат на нивните потреби. Тоа што ние како Бизнис Импакт Лаб не тангира и е наш фокус се „импакт“ бизнисите, оние кои имаат одредено влијание со нивното работење. На мое големо радување ги има се’ повеќе и повеќе. Влијанието (импактот) не е поврзан посебно со ниедна индустрија и може да се имплементира буквално во секој бизнис. Секако тоа е процес на кој се работи и се развива. Досегашното искуство е дека секогаш има повеќе жени претприемачки и тоа за мене не е воопшто чудно, туку е токму така како што треба да биде.
Интересно е да се слушне што најмногу им фали на нашите млади претпримачи во раната фаза од развој на бизнисот. Дали тоа се само финансии или имаат сериозна потреба од менторска поддршка? Во кои сегменти имаат најголема потреба од стекнување на дополнителни знаења?
Митевски: Покрај големиот напредок на македонскиот претприемнички еко систем, сепак сѐ уште зборуваме за потребата од постојана и системска поддршка на младите претприемачи и развивање на претприемничкиот дух кај младите уште од рана возраст. Како и кај многу други еко системи и кај нас младите бизниси имаат потреба од континуирана поддршка од и соработка со постоечката бизнис заедница. Од една страна поддршката од постоечките бизниси е клучна за споделување искуства и знаења, а од друга страна пак соработката е таа која ќе им овозможи на новите претпријатија да ги стекнат своите први клиенти или да се поврзат со вистинските потенцијални купувачи на услугите или производите кои сакаат да ги пробијат на пазарот. За жал врската помеѓу реалниот сектор и младите претприемачи недостасува, а без оваа поддршка или соработка потенцијалот за развој на системот е ограничен.
Милески: Тоа е баш комплексно прашање. Условите за водење стартап кај нас не се воопшто лесни и наивни, но секако дека институциите ги слушаат потребите и се стремат кон промени кои бавно доаѓаат, но наша задача е не ги чекаме промените, туку да функционираме во условите во кои сме затечени. Мислам дека пристапот до менторска поддршка, програми за зајакнување на капацитетите, па дури и пристап до финансии немало никогаш повеќе од сега. Не сакам да кажам дека е доволно, но факт е дека е повеќе отколку претходните години.
Кои се клучните лекции кои се научија од досегашните циклуси и за самата банка која го организира процесот и за вашите организации кои даваат поддршка на програмата. Кажете ни и за Вашата улога во процесот?
Митевски: Start up Academy е програма која во континуитет од 2013 година обезбедува поддршка за младите претприемачи во Македонија. Соработката со Шпаркасе е една од најуспешните соработки бидејќи го заокружува целиот систем кој е потребен за развој, финансирање и реализирање на една бизнис идеја или проект. Нашата задача во програмата е да ги насочиме и подготвиме бизнисите за што е можно поуспешен процес на обезбедување на финансиски средства за реализација на нивните бизнис идеи. Работиме поединечно со секој бизнис во времетраење од 6 недели, а нашиот тим се состои од два локални тимови во Скопје и Струмица и нашите соработници од SEEU Тек Парк. За време на програмата работиме на развивање на бизнис идеите од аспект на нивниот пазарен потенцијал, откривање на нивните конкурентски предности, изнаоѓање на најповолниот приходен метод за нивниот бизнис модел и развивање на соодветен финансиски план. Крајниот резултат од нашата работа е развиен бизнис модел, прилагоден на барањата на Банката и инвестициски pitch deck кој бизнисот може да го користи и за други инвестициски цели.
Милески: Ние како акцелератор сме задолжени да ги подготвиме стартапите да ја примат инвестицијата. Се креира посебен план и програма за секој од нив и комуницираме групно и индивидуално со секој од нив. Периодот пред стартапите да аплицираат за финансиската поддршка е предизвик кој за стартапите значи повеќе знаење и јасно воспоставување на бизнис процесите.
Кажете ни детали за најновиот циклус. Дали ќе има некои промени во однос на претходните циклуси и кои Ви се очекувањата годинава?
Митевски: Оваа година очекуваме зголемен интерес кај младите претприемачи, особено што во моментов има неколку активни повици за финансиска поддршка, а финансиските средства од програмата Чекор по чекор се одличен извор на кофинансирачкиот дел од инвестицијата. Нашата желба е оваа година да го надминеме бројот од 20 успешно финансирани бизниси и да обезбедиме што е можно поголема поддршка за претприемачите во процесот на развивање на нивните бизнис модели.
Милески: Секако дека ќе има. Прво што програмата ќе биде достапна во два циклуси во текот на 2021, што на стартапите им се овозможува да аплицираат кога сметаат дека е најдобро време за нив. Во однос на програмскиот дел, се случија доста промени на глобално ниво и тоа што го викавме дигитализација и онлајн присуство, сега треба да се забрза и да се фати чекор со новите предизвици. Во однос на влијанието, за жал се појавија нови предизвици кои можат да бидат тема кон која би се развивале стартапите.
Скоро секогаш завршувам со една иста реченица, која мислам дека ќе ја повторувам до крајот на мојот живот, а тоа е дека ИМПАКТ НЕ СЕ СЛУЧУВА ВО ИЗОЛАЦИЈА туку во здружување.