Во скопскиот хотел Александар Палас денеска ќе се одржи еднодневниот „Скопје економски форум“ на кој ќе има повеќе панел дебати, посветени на стабилноста и соработката во регионот на Балканот, економскиот развој на земјава по пандемијата, за конкурентноста, финансирањето и регулаторните рамки за бизнисите, за странските инвестиции, исполнувањето на ветувањето на Европската Унија. На форумот, што официјално ќе го отвори премиерот Зоран Заев, ќе се дебатира и за инфраструктурата, енергијата, туризмот, паметни градови и одржлив развој.
Меѓу учесниците на форумот се и премиерот на Албанија Еди Рама, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој ќе се обрати преку видео-конференциска врска, потоа вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, министрите за надворешни работи Бујар Османи, за финансии, Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, за правда Бојан Маричиќ, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, министерката за финансии и економија на Албанија, Анила Денај, амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Грција и Полска во Северна Македонија, првите луѓе во канцелариите на Светска банка и на ЕБРД во земјава, Масимилијано Паолучи и Анди Аранитаси, како и домашни стопанственици, универзитетски професори и новинари, гости од Словенија, Србија итн.
Како што информираат од Министерството за економија, министерот Бектеши ќе биде говорник на панелот „Инфраструктура, енергија и туризам: двигатели на долгорочен просперитет“.
Дејан Павлески, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ќе учествува на Панел дискусијата „Перспективи на странски директни инвестиции (СДИ) во Северна Македонија“ со дискусија на тема „СДИ перспективи во Северна Македонија“.
Организатор на Економскиот Форум во Скопје е Делфи Економскиот Форум заедно со Грчката бизнис асоцијација од Северна Македонија.
Целта на Економскиот форум во Скопје е да прерасне во средба на високо ниво на најсилните локални и меѓународни политички лидери и бизнисмени во пресрет на континуираните предизвици со кои се соочува Северна Македонија, но и поширокиот регион.
Фото – WIkimedia