Струмичките средношколци Јован, Верица и Ангела создаваат платформа за размена на облека! Помалку отпад, почиста иднина!

- Advertisement -

Јован Спасов, Верица Крстевска и Ангела Николова се иновативни млади луѓе и еколошки активисти кои се силно мотивирани да направат промена и да остават белег во општеството. Сите се ученици во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица и под името „Ohh Swapp“ беа дел од младинскиот предизвик Generation Unlimited 2022 – Технологија за планетата. Нивната идеја е да создадат платформа за размена на употребена облека, за да се намали импактот на текстилната индустрија во создавањето на отпад, преполнувањето на депониите и влошувањето на климатските промени.

Јован, Верица и Ангела велат дека, иако се млади, се свесни дека последиците на климатските промени секојдневно се се поголеми и дека доколку не сторат нешто веднаш, ќе се одразат уште полошо на генерациите кои следат.

- Advertisement -

Верица, Јован и Ангела, вашиот тим Ohh Swapp неодмна на младинскиот предизвик Generation Unlimited 2022 – Технологија за планетата, беше избран меѓу петте кои ќе бидат поттикнати да го развиваат своето решение. Што е вашата идеја?

Верица: Модната индустрија е одговорна за 10 отсто од глобалната емисија на CO2, а само 20 отсто од облеката редовно ја носиме. Остатокот за краток период завршува во депонија, заради што со моите колеги од тимот дојдовме до идеја е да креираме апликација каде корисниците може да ја разменуваат својата несакана или непотребна облека и со тоа да да придонесат да се намали загадувањето од нејзиното производство, како и полнењето на депониите.

- Advertisement -

Како планирате да функционира апликацијата, за кого би била наменета?

Јован: Апликацијата би можел да ја користи секој, единствено е потребно да направи профил на кој потоа ќе има можност да прикачува слики од парчињата облека што сака да ги замени и да даде опис на нивните карактеристики. Потоа, преку принцип на match-making корисникот ќе може да го размени своето парче облека со нечие друго, а притоа било кој од нив нема да има обврска или потреба да плаќа. Апликацијата е првенствено наменета за луѓе кои ќе се препознаат во своите заложби и грижа за климатската криза и кои сакаат да придонесат со тоа што ќе донесат поодржливи и поеколошки одлуки. Исто така, апликацијата за размена на облека е наменета и за оние кои сакаат да бидат во тек со модата и постојано да имаат нови парчиња облека, без притоа да мораат да ги купуваат.

- Advertisement -

Што ве мотивираше почнете да работите на оваа апликација и да се пријавите на предизвикот?

Ангела: Првенствено, целта која си ја поставивме како тим и како индивидуи е да дадеме свој придонес кон намалување на ефектите на климатските промени и да имаме барем мал удел во иднината на нашата планета. Со нашата апликација оваа можност ја даваме и на секој корисник, кој ќе одлучи да ја користи. Како млади активисти, постојано сме во тек, слушаме и читаме за несаканите ефекти од климатските промени и сите лоши сценарија кои не очекуваат доколку не преземеме акција сега веднаш. И заради тоа, одлучивме да го претвориме нашето пасивно знаење во активно решавање на проблемот.

Ние и самите често си заменуваме облека меѓу нас, нашите блиски во семејството, меѓу другарите и го правиме тоа секогаш кога ни е потребно. Но, едноставно тоа не е доволно ефикасно доколку не стане масовно прифатено. Заради тоа се нафативме да изработиме платформа, преку која ќе имаме поширок избор на облека, секој многу полесно ќе може да пронајде нешто што му одговара и се се совпаѓа со неговиот стил, потребите, големината, изборот на материјалот и слично.

Кои се вашите планови за во иднина?

Верица: Во блиска иднина очекуваме да ја финализираме почетната верзија на апликацијата, со која би поминале во финалето на предизвикот Generation unlimited – Технологија за планетата. Доколку нашата желба се исполни, ќе се посветиме на подготовките да се претставиме во најдобро светло на глобалниот предизвик. И се разбира, би сакале нашата идеја да ја видиме во реалноста.

Сподели!
- Advertisement -