Повеќе од 150.000 граѓани ќе бидат опфатени со законот за отпис на камати и трошоци

- Advertisement -

Преку 150.000 граѓани ќе бидат опфатени со законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на КОВИД-19 чиј предлог-текст е усвоен на денешната владина седница. Законот ќе овозможи граѓаните да ја исплатат само главницата на долгот на повеќе рати.

Како што соопшти премиерот Зоран Заев, државните органи и јавните институции опфатени со законот, како и УЈП, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата за секој граѓанин во рок од 90 дена од влегување во сила на законот. Потоа, најдоцна за 15 дена ќе треба да ги известат физичките лица – нивни должници со јавна објава на официјалните веб страници, преку медиуми или на друг начин.

- Advertisement -

„Со законот се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физички лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репорограмирање на галвниот долг и трошоци на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на овој закон“, истакна Заев и додаде дека законското решение нема да има финансиски импликации, туку напротив, ќе донесе само позитивен импакт.

Според него, ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнетото плаќање или неплаќање на долговите, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите. Законот ги опфаќа пред се посиромашните.

- Advertisement -

Овој закон, потсети премиерот, беше вклучен во петиот пакет мерки и со него уште еднаш се потврдува грижата што ја води Владата за граѓаните во услови на корона криза.

Заев ги повика приватните компании да демонстрираат општествена одговорност и на ист ваков начин да им излезат во пресрет на граѓаните.

- Advertisement -

„Како Влада немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но апелираме да го следат овој пример на доброволна основа, да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните, да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на обврските кон нив“, истакна Заев.

На прес-конференцијата во Владата се и вицепремиерот за економски прашања  Фатмир Битиќи, министерот за правда, Бојан Маричиќ и министерот за финансии, Фатмир Бесими. 

(МИА)

(фото: Pixabay)

Сподели!
- Advertisement -