Шпанија ќе инвестира 4,3 милијарди евра во производство на електрични возила и батерии како дел од главната национална програма за трошење, претежно финансирана од фондот на ЕУ за обновување, соопшти денеска шпанската Влада.
Премиерот Педро Санчез на презентацијата рече дека планот на Владата, насочен кон поттикнување на приватните инвестиции, ќе го опфати целиот ланец на производство, од ископување на литиум до склопување на батериски ќелии и производство на електрични возила.
– Важно е Шпанија да реагира и да ја спречи оваа трансформација во европскиот автомобилски сектор, рече Санчез, додавајќи дека приватниот сектор, според проценките на Владата, може да придонесе со дополнителни 15 милијарди евра на оваа иницијатива.
По Германија, Шпанија е втор по големина европски производител на автомобили и осми во светот.
Со новата инвестициска програма, која е дел од пакетот од 13 милијарди евра наменети за одржлива мобилност, Санчез очекува придонесот на секторот во економското производство да достигне 15 проценти до 2030 година, од сегашните 10 проценти.
Тој додаде дека програмата ќе вклучи една милијарда евра за зајакнување на инфраструктурата за полнење електрични автомобили.
Како еден од главните корисници на програмата на ЕУ за закрепнување во износ од 750 милијарди евра, Шпанија ќе добие грантови од околу 70 милијарди евра до 2026 година за да помогне во заживувањето на економијата која беше тешко погодена за време на пандемијата.