Лагуна во јужниот дел на регионот Патагонија во Аргентина стана розова поради загадување. Локалните активисти и експерти сметаат дека тоа се должи на хемикалиите кои се користат за чување на школките за извоз, покажа првичниот извештај на агенцијата Франс-прес.
Освен што е розово, езерото испушта и многу лош мирис. Бојата на водата доаѓа од содиум сулфитот, антибактериски производ кој го користат фабриките за риби. Тие фабрики испуштаат отпад кој ги контаминира водите на реката Чубу, која се влева во лагуната Корфо, велат активистите.
Локалното население веќе долго време се жалат на лошиот мирис и на други проблеми со екосистемот поврзани со лагуната и реката. „Тие што треба да водат контрола се тие што го дозволуваат труењето на луѓето“ вели активистот за заштита на животната средина Пабло Лада.
Лагуната станала розова минатата недела и ја задржала својата боја до неделата, велат жители на блискиот град Трелу. Тој град е на околу 1.400 км од Буенос Аирес. Како што велат експертите, бојата се сменила поради присуството на содиум сулфитот, кој треба да се третира пред да се испушти во вода, како што наложуваат локалните закони. Лагуната не се користи за рекреација и е место каде што се испуштаат отпадните води од индустрискиот пар во Трелу.
Езерото и претходно ја има сменувано бојата во розова, но локалните жители велат дека овој пат се прелеала чашата. Во последните неколку недели жителите на градот Росон, кој е блиску до Трелу, ги блокираат патиштата по кои камиони го превезуваат процесираниот отпад од риби со фабрики за третирање на отпадот. Како што велат, десетици камиони со отпад поминуваат дневно по нивните улици.Локалните власти, пак, повторно дозволија отпадот да се фрла во лагуната затоа што како што велат, розовата боја ќе ја снема за неколку дена и не предизвикува никаква друга штета.
Процесирањето на рибите создава работни места, кои му се потребни на населението, но големите компании кои профитираат од целата ситуација не сакаат да го носат отпадот на околу 50 км подалеку, каде што има посебна зона за фрлање на отпадот. Дали менувањето на бојата на езерото е сериозна закана по локалниот екосистем треба да одлучат локалното население и експертите за заштита на животната средина, а не компаниите.
(Interesting Engineering)
(фото: YouTube)