Десет пати поголема поддршка за инвеститорите кои соработуваат со македонски фирми

- Advertisement -


Компаниите од и во индустриските зони кои работат со домашни добавувачи ќе добиваат десет пати поголема финансиска поддршка од државата, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

Презентирајќи ги усвоените измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, Бектеши на прес-конференција рече дека инвеститорите во зоните наместо еден процент како досега, ќе добиваат по 10 отсто поддршка.

- Advertisement -

„Поддршката ќе се зголеми од еден на 10 проценти за сите инвеститори кои за своите производи или репроматеријали над 7,5 отсто ќе ги добиваат од домашни претпријатија или од македонски компании надвор од зоните“, објасни Бектеши.

Според него, со измените се олеснуваат и условите и за ивестирање од дијаспората, па наместо 10 отсто, сега поддршката за оваа намена се зголемува на 15 проценти.

- Advertisement -

„За сите наши иселеници кои би се вратиле и би инвестирале во нашата држава се зголемува износот на финансиска поддршка за 15 проценти од оправданите инвестициски трошоци, но не повеќе од 1.000.000 евра“, подвлече Бектеши.

Поддршката, согласно законските измени, ќе го стимулира и рамномерниот регионален развој.

- Advertisement -

„Прв пат се воспоставува за секоја инвестиција надвор од Скопје да има дополнителна поддршка. Ако седум отсто е коефициентот на скопскиот регион, а на североисточниот 14 отсто, а некоја компанија исполнува услови да добие 20 проценти финансиска поддршка, дополнително ќе и бидат дадени уште седум проценти во однос на разликата од најразвиениот скопски регион“, истакна министерот.

Тој ги повика сите постојни и нови инвеститорти до 16 август да ги достават апликациите – оние кои се надвор од зоните да пондесат апликации во Агенцијата за странски инвестиции, а оние во зоните да аплицираат во Дирекцијата за ТИРЗ.

„Целта на овие законски измени е забрзано поттикнување на економскиот раст и развој преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на економијата и на вработувањата. Со овие измени и допонувања се прошируваат видовите на финансиска поддршка за технолошки развој и истражување, за инвестициски проекти од значаен економски интерес, воспоставување и унапредување соработка со добавувачи, поддршка за преземање претпријатија во потешкотии и конкурентност на пазарот“, истакна Бектеши и потенцира дека корисникот на финансиската поддршка има обврска да ја одржува инвестицијата за период од најмалку пет години по завршување на финансиската помош.

(МИА)

(фото: Flickr)

Сподели!
- Advertisement -