Младите покажуваат голем интерес за стекнување нови знаења во СТЕМ областа. Тоа им го овозможува новиот проект ,,Тoп СТЕМ за млади”. Проектот го спроведуваат Американското катче – Скопје, Здружението на економски новинари (ЗЕН) – Скопје и СТЕМ Академија – Скопје. СТЕМ Академијата заедно со Здружението на економски новинари (ЗЕН) го развија предлог – проектот, кој се реализира во соработка со Американското катче – Скопје. СТЕМ Академијата ги состави концептите за работилниците за виртуелна роботика и преку искусни предавачи од Академијата знаењето успешно го пренесува до учесниците. Здружението на економски новинари (ЗЕН) обезбедува медиумска поддршка, пишана комуникација и видливост на програмата во форма на објавени статии преку кои се објаснува врската помеѓу стекнувањето на вештини од СТЕМ областите кај младите и идните економски текови на пазарот на труд на национално ниво. Американските катчиња од Северна Македонија го поддржуваат процесот преку промоција на програмата на социјалните медиуми и споделување на повикот во локалните заедници.
Проектот се спроведува во периодот јули – август 2021 година и е составен од 5 онлајн работилници за виртуелна роботика и еден завршен настан на отворено со претставување на завршните производи од работилниците. За да се реализира Програмата и работилниците, се пристапи кон објава на социјалните медиуми, на јавен повик за пријавување на учениците за една ваква уникатна програма, овозможена преку Проектот. За учество во Програмата имаше голем интерес од страна на учениците. Програмата овозможи да се вклучат сите ученици, од целата држава, што е дополнителен бенефит за сите нив. Во проектот учество земаа 17 учесници, 10 момчиња и 7 девојчиња, на возраст од 11 до 16 години од 7 основни и 6 средни училишта од државата, преку што се обезбеди разновидна географска и родова застапеност на учесниците.
Важноста за развој на вештини кај младите во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката ги креираше главните цели на Проектот. Тој е насочен кон охрабрување на учениците да преземаат иницијативи и креативно да размислуваат, користејќи ги можностите што ги дава науката и нејзиното познавање, соодветно за нивната возраст.
Програмата е конципирана да ги воведе младите во еден нов свет, на науката, која може да ја осознаат, засакаат и понатаму таа да стане нивна кариерна определба, но и да стекнат вештини како млади, кои ќе им помогнат во нивниот развој и секојдневие, преку стекнување на вештини за логично размислување, интеракција, креирање, тимска работа.
Со почетокот на проектот, и реализирање на првата работилница можеше да се почувствува атмосферата на огромна желба за стекнување ново знаење, учење, дружење, истражување. Преку упатувањето во СТЕМ, како комплексен спој на повеќе науки, од страна на едукаторите од СТЕМ Академија, децата добија уште поголем интерес и со голема желба. Тие активно работеа и беа посветено ангажирани во изведувањето на задачите и решавање на загатките на роботиката, уште на првата работилница.
Радува фактот што младите покажуваат огромен потенцијал, интелект, досетливост и интерес, за овие науки, а тоа го потврдија преку нивниот успех во работата. Брзото снаоѓање и навлегување во светот на роботиката, со желба да освојат нови знаења ги прави успешни во задачите и го потврдува фактот дека нашите млади генерации имаат огромен потенцијал, кој треба да се насочи правилно, да им се даде шанса за ново знаење и учење и да се градат со тоа во СТЕМ млади, кои се иднината на секоја земја и економија.
Значајно е да се спомене дека поддршката од Американското катче Скопје, за реализирање на проектна програма од ваков тип, е од исклучително значење за младите во државата, придонес кон целата заедница и кон неформалното образование и неговиот повисок квалитет. На долг рок, целта на програмата е да го зајакне интересот во истражување на можности за вработување на пазарот на трудот во области кои се поврзани со СТЕМ, со посебен акцент на вклучување на многу поголем број девојчиња во овие професии.