Домашниот финансиски сектор во целина досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнувањето на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за стабилноста и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесноста и натаму е присутна, затоа е важно финансиските институции да продолжат да се однесуваат со внимание и да одржуваат соодветни нивоа на капитализираност и ликвидност, се дел од заклучоците во Извештајот за финансиска стабилност за 2020 година, што вчера беше усвоен на редовната седница на Советот на Народната банка.
„И покрај изразените влијанија на пандемијата, ризиците поврзани со секторот „домаќинства“ останаа во контролирани рамки, за што придонес имаа мерките за ублажување на ефектите врз пазарот на трудот и зачувување на расположливиот доход на домаќинствата. Зголемената неизвесност и мерките за ограничување на движењето влијаеја за пад на личната потрошувачка и раст на штедењето, што домаќинствата главно го насочуваа во банките. И во 2020 година, задолженоста на домаќинствата беше умерена и главно се темелеше врз кредитите на домашните банки. Важно е што домаќинствата ја задржаа способноста за редовно намирување на долгот, што придонесе за одржување на квалитетот на кредитното портфолио на банките“, се констатира во извештајот.
Задолженостa на корпоративниот сектор, се посочува, умерено се зголеми во 2021 година, но таа и понатаму останува во умерени рамки и под прагот на ранливост, кој е утврден согласно со пристапот на Европската комисија.
„Сепак, потребна е внимателност поради продолженото времетраење на пандемијата што може да се одрази врз влошување на финансиските остварувања на секторот. Овој сегмент се соочи со пад на приходите и намалување на профитабилноста, но мерките што се донесоа како одговор на пандемијата го ублажија притисокот од ликвидносниот шок и спречија негово прелевање врз солвентноста на секторот“, велат од НБ.
Со тоа, посочуваат, се намали можноста за остварување на кредитниот ризик во билансите на домашните кредитори, главно банките. Всушност, корпоративниот сектор и во време на пандемија го зголеми капиталот што поддржа раст на должничкото финансирање без да се зголеми нивото на задолженост изразено како сооднос помеѓу долгот и капиталот (финансиски левериџ). Значителен дел од долгот на компаниите е со валутна компонента и со променливи каматни стапки, што ја нагласува изложеноста на пазарен ризик и на валутен ризик, но тој е ограничен заради стратегијата на стабилен девизен курс. Пандемијата со КОВИД-19 останува главен извор на ризици за корпоративниот сектор и во следниот период. Во тој контекст, ризиците се поизразени за субјектите со повисоко ниво на задолженост и кои нема да успеат да го приспособат работењето на условите што ги наметна пандемијата.
Како што е истакнато во усвоениот извештај, меѓусекторската поврзаност на одделните институционални сегменти на финансискиот систем и можноста за прелевање на ризиците од еден во друг сегмент се на ниско ниво. Банкарскиот сектор ја задржа стабилноста и сигурноста во работењето, се наведува во Извештајот. Притоа, тој оствари раст на активностите и придонесе за ублажување на економските последици од корона-кризата. Растот на изворите на финансирање, главно придвижен од растот на депозитите на домаќинствата, банките го насочија кон продолжено кредитирање на приватниот сектор, во поголем дел кон домаќинствата, но и кон корпоративниот сектор. Солвентноста на банкарскиот систем е стабилна и забележа натамошно подобрување, исто како и ликвидноста. Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа, со натамошно задржување на стапката на нефункционални кредити на релативно ниско ниво.
Во Извештајот се посочува дека за добрата подготвеност на банкарскиот систем за справување со шокови важна улога има внимателното однесување на самите банки, но исто така и зајакнувањето на регулативата во преткризниот период, што придонесе за натамошно јакнење на солвентноста и на ликвидноста на домашните банки.
„Мерките и одлуките што ги презеде Народната банка како одговор на пандемијата насочени кон воздржување од исплата на дивиденда од страна на банките, пратија јасен сигнал до нив за потребата од градење натамошен капитален потенцијал, што се согледува преку јакнењето на солвентноста, главно како резултат на реинвестирање на добивките на банките“, велат од НБ.
Заради подетална оцена на ризиците и на подготвеноста на банкарскиот сектор за справување со шокови во специфични услови на пандемија, Народната банка, како што посочуваат, ја прошири рамката за стрес-тестирање на банкарскиот сектор. Покрај редовниот макрострес-тест, за првпат беше спроведено и сеопфатно и конзистентно, индивидуално стрес-тестирање, за секоја банка поединечно. Резултатите од стрес-тестирањето, според двата пристапа покажаа дека заштитните слоеви на капиталот, што ги изградија банките во претходниот период, обезбедуваат соодветна заштита од ризиците и овозможуваат натамошен раст на кредитирањето кон домаќинствата и кон корпоративниот сектор.
Согласно со заклучоците во извештајот, капитално финансираното приватно пензиско осигурувањеи во текот на 2020 година продолжи да остварува раст на акумулираните средства и позитивни стапки на принос, иако забележително намалени под влијание на пандемијата и променливоста на финансиските пазари. Предизвиците за пензиските фондови во следниот период се врзуваат со времетраењето на здравствената криза и ефектите врз финансиските пазари, особено во услови на историски ниски каматни стапки што влијаат врз приносот од инвестирањето.
Во рамки на осигурителниот сектор, во извештајот се нотира дека пандемијата главно се одрази преку намалена побарувачка на осигурителни полиси, додека ризиците од загуби во инвестирањето останаа ограничени поради конзервативната политика на вложувања на друштвата за осигурување, во помалку ризични и ликвидни инструменти и ниската изложеност на меѓународните финансиски пазари. И покрај неповолните влијанија, осигурителниот сектор одржа стабилна ликвидносна и солвентна позиција и оствари позитивен финансиски резултат, за што придонес имаа мерките што ги донесе Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како надлежен супервизор и регулатор како одговор на кризата. Пандемијата останува фактор на ризик за осигурителниот сектор и во следниот период со можно влијание врз продажбата на осигурителни полиси. Притисоци врз профитабилноста се можни од ниските каматни стапки, што се одразува врз приносите од финансиските вложувања, а секторот е изложен и на ризиците од климатските промени.
Останатите финансиски институции (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва), како што е нагласено во извештајот, и натаму вршат мал обем на активности и засега имаат многу ограничено значење како извор на системски ризик за финансиската стабилност.
На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.
(МИА)
(фото: Wikimedia)