Константин Николиќ, односно Нино, го познавам многу години. Од времето кога беше во музичкото училиште во Битола и кога имаше желба да стане светска музичка ѕвезда, до времето кога работеше како техничка екипа на филмски сетови кога кај нас се снимаа филмови како Миротворец и кога тој посакуваше таквото искуство да го однесе можеби во Холивуд.
А го знам и кога замина да работи на грчките острови, а истовремено сонуваше да живее на некој далечен и егозотичен остров. И гледај чудо, Нино својот талент за креативни уметности, генот да биде омилен лик во секое друштво и авантуристичкиот нерв го однесе на Карибите.
Пред да стигне таму го штрафташе светот работно на многу локации, но конечно на Антигва си го најде Милтоновиот „Изгубен Рај“.
И таму еднаш го посетив и мора да се признае, нема дилема едноставно … тој свет е нестварен. Не во смисла на совршен рај, туку во убавината да се живее на тропска клима, опкружен со локалци кои те познаваат како да си одел во школо со нив, во еден опуштен, нерасипан свет во кој доаѓаат на одмор светските селебрити зошто и самите таму добиваат третман на „обични луѓе“.
Кога стигнав на Антигва, Нино ми рече влези во кој било дуќан на пристаништето и кажи му да се јават на Нино и јас веднаш доаѓам. Мене тоа малку наивно ми звучеше, но да … Нино таму го знаат сите.
Тој е човекот кој смена многу професии и кој успева животот да го вози на адреналин кој се нарекува љубов кон животот со поглед на хоризонтот исполнет со недогледна вода и на чист оптимизам.
Затоа одлучив да го споделам неговиот систем на успех со јавноста тука. Зошто порталот за кој пишувам •Иновативност•, сака необични приказни кои инспирираат.
Нино е инспиративен лик, човек кој живее од луѓето кои имаат многу пари и сакаат да уживаат на јахти или едреници, а најчесто немаат поим од пловење. Поседуваат пловни објекти или ги рентаат, па Нино тука влегува со своите способности, како и впрочем сите организатори на такви индивидуални интимни крстарења, луѓе вешти и во најлошо време со бура и олуи, безбедно да ги пренесат пловилата од една точка на друга.
Нино во неколку наврати на неговата омилена едрилица Елена го има преминато Атлантикот со гости на него. И да расчистиме, тој не е само обичен скипер, и не е наутичар кој работи сезонски.
Тој во „наша зима“ е на Карибите, па потоа големите едреници со гости ги носи на европскa почва и во „наше лето“ базата за чартер наутичките тури му е во Мајорка. Па оттука … насекаде.
Нино дојде во Македонија на само неколку дена и го „украдив“ на буквално неколку часа пред да се качи на авион да ми ја раскаже како соговорник кон новинар неговата приказна, иако како пријател совршено ја знам.
Затоа, читајте за Македонецот Нино кој е омилен жител на Карибите, во професија во која доминираат Новозеланѓаните, Австралијаните, Американците и Британците затоа што условите на океан се посурови од оние на море, па и вештините кои се бараат се врвни. Оваа професија е одлично платена, а имаат и напорна работа која значи и организација и продажба, а и многу месеци поминати на вода со непознати луѓе од различни профили и со секакви барања.
Такви професионалци мора да се личности кои знаат повеќе јазици, треба да се страшно комуникативни, да знаат и информации како вистински туристички водичи, но исто така треба да се авторитативни, за да бидат сослушани дури и од богатите разгалени луѓе, зошто нивната улога не е улога на послуга.
Нино можеби не стигна во Холивуд, но Холивуд дојде на Антигва, па низ фотографиите ќе го видите на една во друштво на Роберт Де Ниро.
Новинарка | Љубица Ангелкова
Како започна твојата авантура на Карибите?
И колку нереално да звучи, од дете сонував дека еден ден сакам да живеам на тропски остров, веројатно инспириран од Капетанот Кук. Моите родители ќе кажат од 11 година дека бев во тој филм на Пиратите од Карибите. Многу рано почнав да работам како волонтер, а потоа за хонорари, собирајќи искуства од угостителски до филмски и ивент менаџмент бизнис, за во 2003 година да го спакувам ранецот и со малку евра во џеб да заминам на Миконос во Грција. Таму поминав три години во кои видов и научив повеќе од она што го очекував. Таму, од најдобрите, низ напорна работа научив што се највисоки стандарди на сервис кога одмара светскиот џет-сет.
И тогаш знаев дека ако Миконос го нуди ова, што се случува со главниот плејграунд на богатиот свет во лето, а тоа се Карибите. И така, во сега далечната 2006 одлучив да аплицирам за работа на брод наменет за долги крстарења и во октомври, точно на мојот 25 роденден одлетав за Њујорк каде ме чекаше Explorer of the Seas на компанијата Royal Caribbean International. Крузер со 1600 вработени лица како посада која се грижи за 2500 гости.
Бев на позиција бартнедер и имав шанса да посетам 15 Карибски Острови од Бермудите, Бахамите, Источните и Западните Кариби, Порто Рико, ABC островите, па и дестинации како Мексико и Белизе.
И по завршувањето на тој договор се вратив во Македонија. Музиката ми е живот, па мислев дека со заработените пари ќе успеам да направам влог во нешто што ќе остане и како историја и како поттик за бизнис. Го издадов музичкиот магазин Гармофон, луксузно списание на 100 страни посветено н електронска музика, опрема за дџ, организатори на журки … и претпоставувате, кај нас сè недостига, сите ќе кажат дека баш тоа треба за бизнис промоција на одредени индустрии и никој кога ќе се појави тоа што „фалело“ нема да го има. Излегоа неколку броја и заработката од работата на бродот се стопи.
Размислував да одам повторно за Грција, бев одбиен за работна виза. Мојот татко е Србин, па решив да го активирам српското државјанство кое ќе ми помогне да ја добијам работната виза за Грција. За таа цел со брат ми заминавме кон Белград. Едни наши пријатели одеа за Куманово, па се понудија да не остават таму, па да продолжиме со автобус. Имам авантуристички дух и го убедив мојот помал брат Владимир кој сите го познаваат како Дадо, да стопираме. И по 20 минути дигнат палец, застана возило во кое имаше возач и сопатник. Започнаа теми и муабети, раскажував за сите мои авантури и човекот кој спомена дека патува кон аеродромот во Белград ми даде понуда за работа на Кариби, како маркетинг менаџер за продавање на туристички пакети за пазарот во САД. Ја прифатив пружената рака, без двоумење, иако сето тоа изгледаше нереално тогаш и на 1 септември 2007 заминав за рајот.
Во светот на јахтингот и едрењето влезе случајно…
Да, сосем случајно. Компанијата за која работев по извесно време се соочи со некои финансиски проблеми и ги укина работните места надвор од САД. Тоа значеше губење на работата на островот. Но, јас не се плашам од работа и сакајќи да останам и заради работна виза и заради тоа што верував дека таму можам многу, работев сè од хаусмајстор, до одржување на базените во луксузните вили. И така се изборив за работна дозвола која ми овозможи отворање на своја компанија фокусирана на една бранша „Ивент Менаџмент“. Мој другар дизајнер ми направи лого и ми ги дизајнира првите визит карти и во октомври 2008 се роди Event Studios / Production / Promotion / Marketing.
И после е сè историја. Во следните 10 години се реализираа преку 1000 настани на Антигва за ексклузивни хотели, рeсорти, ресторани, клубови па и големи концерти во соработка со Министерството за туризам и Владата на Антигва и Барбуда.
Во меѓувреме, опкружен со вода, бродови, едрилици и јахти се роди нова желба … наутиката.
Почнав во слободното време од работата на ивентите кои ги креирав како DeckHand на трки-регати со едрилици, па се префрлив на мали моторни јахти со дневни чартери. И во 2018 се одлучив да најдам едрилица на која би го преминал Атлантикот од Кариби до Медитеранот. 12 април истата година, се нудам да бидам дел од екипажот на една од најубавите класични јахти Schooner Elena of London /55 m. Реплика на оригинален брод кој бил изграден во 1911 год од еден од најпознатите дизајнери на јахти во историјата на американската наутика, архитектот Nathanael Herreshoff, познат меѓу наутичарите како „Wizard of Bristol“. И така влегов во следната фаза да живеам на различни мориња и океани.
Дел од годината ја минуваш на Антигва, а во европско календарски лето Шпанија, поточно Мајорка. Атлантикот го имаш прекинато колку пати со едрење.
Така живеам последните 5 години. Половина година на Кариби, а останатите база ми е Палма Де Мајорка на Балеарските Острови во Шпанија.
Атлантикот го поминав две пати, а сега тргнувам на својот трет Atlantic Crossing.
Кои се клиентите за кои ги нудиш своите услуги?
Тоа е групата на High End Clients, богати луѓе во различни бизнис индустрии и секако претставници на светскиот шоу бизнис. Некои од нив се сопственици на луксузни вили и јахти на Карибите, а некои ги рентаат. Со ивент менаџмент работам сè уште за ексклузивни ресорти, ресторани и клубови. На една од јахтите ќе видите на фотографиите и професионално озвучување и осветлување кое исто така го работам за оние кои сакаат нонстоп забава на вода.
Во моментот работиш на формирање на мешовита чартер компанија за наутика. Со кого?
Новата компанија беше формирана во декември 2019 и полека започнува со работа. Имавме поголеми планови, но короната го направи своето. Она што радува е дека имаме заинтересирани инвеститори за отворање на сличен конецот на Мајорка, шпански капитал да влезе што ќе помогне побрзо да се развиваме и тука и таму.
Ова се линковите до моите две компании.www.antigua.vip и www.palma.vip
Како короната се одрази врз овој бизнис?
Негативен ефект глобално, иако приватниот крузинг туризам останува најбезбеден начин кој богатите без страв го користат.
Македонија нема море, но заради близината на море има потенцијал за овој туризам или конкретно бизнис.
Па можеби може да понуди ВИП туризам доколку има луксузни приватни вили и забава по стандарди на тој свет, за што не сум сигурен дека имаме, но имаме одлични винарии кои можат да бидат еден добар старт, а и блиску имаме мориња.
Како во светот е позиционирана оваа индустрија?
Ова е индустрија во стартен подем последните години. Богатиот свет бара интимност и необични туристички искуства. Сака и луксуз и забава. Но, сака и миг на опуштеност во некој „обичен“ свет каде што може да го искуси реалниот живот.
Не досадува животот „во рајот“ или на вода
Животот на вода е еден поинаков рај, но мора да кажам дека обожувам копно и поглед на водата од плажа.
Кои славни личности си имал шанса да ги запознаеш?
Уште во Македонија го почувствував тој миг да запознаеш некој стварно славен лик. Вуди Харелсон конкретно. На Миконос имав шанса да работам за Бил Гејтс додека одмара, сум го служел и Роналдо во клубот во кој работев. На Антигва е друга концентрација на славни. Кога комшии ти се, условно речено зошто островот е мал, Опра Винфри и Ерик Клептон. А преку работата сум ги запознал Lionel Richie, Damian Marley, Faith Evans и последно на еден ивент кој го организирав имав шанса да го запознаам Роберт де Ниро.
За што сонуваш…
Во овој момент од сонот кој го сонував пред 30 години … можеби да имам своја фамилија и дефинитвно да отворам Beach Bar на една од плажите на Антигва.