„Провери па купи“ (www.proveripakupi.mk) е веб-платформа која им овозможува на потрошувачите безбедно да купуваат преку интернет и е во функција од пред неполн месец. Купувачот кој сака да плати за производ или услуга онлајн, на платформата може да ги провери податоците на е-трговецот (фирмата) од земјава за да се осигури дека тој е регистриран и веродостоен.
Платформата е изум на четири студентки на четврта година – Стефанија Цветковска, Симона Милошеска и Ана Матеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ и Христина Петковска од Економскиот факултет.
Креативното решение на нивниот тим беше меѓу победничките три од десетте што учествуваа на студентскиот онлајн-хакатон во мај годинава – „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“. Добија награда од 1.000 евра за да го имплементираат нивното решение.
Хакатонот го организираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) со цел студенти да смислат решение кое ќе помогне да се намали сивата економија во е-трговијата. За функционалноста на платформата тие соработуваат со АЕТМ која им ги праќа информациите кои се ставаат на овој сервис.
Ана Матеска од ФИНКИ за МИА вели дека платформата е нешто ново што им овозможува на физичките лица лесно да ги проверат е-трговците зашто на едно место се собрани сите. Може да ги пребаруваат со впишување име или по категории.
-Целта на решението што го развивме, веб-платформата наречена „Провери па купи“, е на едно место да бидат собрани сите е-трговци и доколку физичко лице сака да купи нешто онлајн да може на едноставен начин прво да провери дали тој трговец е регистриран и доколку е, да биде сигурен дека е веродостоен и дека се заштитени неговите права на потрошувач, рече Матеска, појаснувајќи го функционирањето на овој нивни непрофитен проект.
Купувањето на тој начин, вели таа, станува безбедно и доверливо, а корисниците на платформата учествуваат во сузбивање на сивата економија во е-трговијата – незаконска економска активност со негативен ефект врз целото општество која го намалува и квалитетот на живот.
-Цел на платформата е да се допре и до нерегистрираните трговци и да се мотивираат да се регистрираат за да бидат ценети од страна на клиентите и препознати како доверливи трговци, додава Матеска.