Отворањето на сензорни соби, инклузивни игралишта, инклузивна градина во основните училишта низ земјата, ни го стави во фокус проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Разговараме со Елена Мишиќ, тим лидерот на проектот која вели дека „Инклузијата е долг процес, повеќе пристап кон образованието и кон целокупниот живот, одошто некоја зацртана цел која треба да се исполни и потоа да се престане, нешто како диета и затоа таа треба да се востанови како редовна практика во сите училишта и за сите деца“.
Вклучувањето на ученици со попреченост во редовните паралелки е заложба на државата подолго години, а со Законот за основно образование од 2019 година и Концепција за инклузивно образование од 2020 година, станува една од главните цели на образовните реформи и едно од клучните начела на кое се темели остварувањето на правото на образование на сите деца во Република Северна Македонија. Случајот со Ембла Адеми од Гостивар, ги стави во фокус нашите „достигнувања“ во креирање на инклузивно образование, и откривме дека проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е еден од ретките кој системски придонесува во реализација на оваа амбициозна цел.
Новинар – Верица Јорданова
Какви придобивки има заедницата од креирање на инклузивно општество?
Инклузивното општество ги почитува човековите права, овозможува учество на сите граѓани и обезбедува поддршка за најранливите групи. Овој пристап има повеќекратни економски придобивки, како на пример преку пораст во работната сила и помала зависност од социјални трансфери, додека социјалните придобивки вклучуваат подобро ментално здравје, резилиентност и општа благосостојба на сите граѓани, но исто така и чувство на вредност за поединецот, што е клучно за намалување на отуѓеноста и депресијата. Различностите се прифаќаат полесно доколку општеството успешно се справува со предрасудите. Инклузијата преставува повисока вредност од толеранцијата. Клучен за градење на едно инклузивно општество е степенот на инклузивност на образованието. При тоа треба да се внимава целиот товар на градењето на инклузивно општество да не падне само врз образовниот систем, туку сите сектори, установи и поединци да го поднесат својот дел од одговорноста.
Во еден инклузивен образовен систем, училиштата, училниците, програмите и часовите се така осмислени сите деца да можат да учествуваат, а наставата е интересна, иновативна и разновидна и сите ученици учат согласно своите потенцијали и интереси. Се поттикнува чувството на припаѓање и се развиваат пријателства, односи и меѓусебно почитување меѓу сите деца и меѓу децата и возрасните.
Во инклузивната училница, наставниците планираат и спроведуваат наставни активности кои ги вклучуваат и ангажираат сите деца; тие ги осмислуваат и изведуваат часовите на различни и креативни начини, со примена на техники и методи кои од една страна ги задоволуваат барањата од наставните програми, а за учениците со попреченост индивидуалните образовни планови, но од друга страна се прилагодуваат кон различните стилови и динамика на учење на сите ученици.
Ако ги прашате родителите која е нивната најголема желба за своите деца, ќе ви одговорат дека сакаат тие да бидат среќни. Инклузивноста, како вредност, најдиректно овозможува нашите деца да бидат ценети и прифатени во текот на нивното образование, но и целиот живот.
Инклузивниот образовен систем подразбира и создавање на инфраструктура таа да се случува. Како дел од проектот „ Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се и отворањето на сензорните соби во основните училишта, а до денес веќе се осум на број?
Сензорната соба е еден од клучните елементи на едно инклузивно училиште, неопходна за правилна едукација и развој на учениците со попреченост. Таа претставува мултисензорен простор кои овозможува индивидуализиран пристап и интервенција преку дополнителна сензорна стимулација или намалување на сензорните дразби. Се користи за индивидуална поддршка, едукација и третман на ученици со попреченост, со цел да се намали или елиминира непосакуваното негативното однесување и да се подобри совладувањето на образовните цели кои се индивидуализирани за учениците кои поради својата попреченост не напредуваат со истата динамика и резултати како и учениците со типичен развој. Овие соби се опремени со различни помагала, средства и реквизити кои го насочуваат количеството и видот на сензорна стимулација. Аудитивната, визуелната и кинестетската стимулација придонесува за целосен развој на личноста на детето, особено во една безбедна и контролирана средина, каде дразбите и поддршката се испланирани и се во насока на правилно функционирање во училницата, домот и во заедницата и постигнување на планираните резултатите од учењето.
Каква функција имаат тие? Со што сѐ располагаат?
Сензорните соби претставуваат безбеден простор кој овозможува смирување или анимирање на нервниот систем, стекнување вештини за социо-емоционален развој и комуницирање и кој поттикнува грижа за себе, резилиентност и закрепнување, ја засилува независноста и го подобрува учењето и образовните постигнувања на учениците. Тие нудат можности за стекнување различни сензорни искуства, развивање на животни вештини, совладување на образовните цели, подобрување на социјалните интеракции и намалување на несаканите однесувања, што доведува до крајната цел на сензорната соба – подобрување на учењето и квалитетот на животот.
Во сензорната соба може да се инсталираат бројни и разновидни елементи, во зависност од потребите на учениците. Најчесто можеме да најдеме:
- катче за рекреација/рехабилитација, каде се поставени душеци за вежбање, топки, трамбулина, мобилни педали за велосипеди, еластични ленти, ролери за масажа и рамни стапала, тегови за раце и нозе, пиклерови сетови или коцки и сл., наменети за подобрување на рамнотежата, движењата и грубите и фините моторни вештини;
- катче за сензорна стимулација, со сензорна цевка исполнета со меурчиња и предмети кои пливаат во водата и осветлена со разнобојна светлина, разновидни дифузори на светлина, светлосни проектори, диско топка, музички инструменти, искривено огледало, базен со топчиња, тактилни предмети од различни форми и текстури, коцки и панели со копчиња, патенти, спојки, наменети за релаксација, подобрување на приемчивоста кон надворешни дразби, развивање фини моторни вештини и учење бои, текстури, но и повисоки вештини како на пр. причинско-последични врски;
- катче за сензорно смирување, кое има простор за седење и читање, лулашка, тешка покривка, темна коцка, разни конструктивни играчки, коцки и блокови, итн., наменети за елиминација на стимули, зајакнување на концентрацијата и смирување;
- образовно-стимулативно катче, опремено со разни визуелни и тактилни помагала кои го намалуваат стресот и ја подобруваат концентрацијата, и надополнети со сликовници, енциклопедии, работни материјали и прибор за читање и пишување помагаат во совладувањето на предизвиците во наставата.
Како е структурирано нивното користење? Кој сѐ може да ги има придобивките од нивно постоење?
Придобивка од работата во сензорната соба имаат сите ученици со попреченост, особено учениците со хиперактивно однесување, растројство од аутистичниот спектар, проблеми со моториката, интелектуална попреченост, имено кои имаат потреба од индивидуализирана поддршка во совладувањето определени вештини и знаења, односно постигање определени цели според индивидуалниот образовен план, модифицираната програма, или редовната наставна програма.
Во овие простории, со учениците за време, пред или по наставата работат училишни специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди, наставници, образовни асистенти, педагози, психолози, но по потреба и лица од стручни установи. Постои можност и расположение сензорните соби да се користат и за третмани, што е особено важно доколку семејствата не можат да си дозволат приватно да посетуваат третмани или доколку во близина нема стручни лица и установи.
Сензорната соба му помага на училишниот инклузивен тим во проценката на потребите и развојните потенцијали на детето. Таа му овозможуваат на детето да учи и да напредува низ игра во пријатна и опуштена атмосфера. Тоа станува послободно и поотворено и полесно за соработка и прифаќа различни и посоодветни начини на однесување и реагирање. Работата во сензорните соби е особено корисна за ученици кои имаат потреба од:
- Смирување – им помогна да ја вратат контролата врз своите емоции кога се вознемирени,
- Стимулација – поттикнува свесност, што е предуслов за истражување, комуникација и учење,
- Социјализација – овозможува увежбување на интеракцијата со други и развивање на свеста за себе, што помага за функционирање во училницата,
- Подобрен фокус – ја зголемува концентрацијата, свесноста за околина и способноста за справување со ситуации од реалниот живот, што е особено важно за учениците со растројство од аутистичниот спектар, АДХД или други развојни нарушувања,
- Подобрени моторни вештини – помага во развојот на грубите и фините моторни вештини, кои се неопходни за мобилност, рамнотежа но и за совладување на пишувањето
- Когнитивен развој – помага за зајакнување на мозочното функционирање; сензорните искуства се клучни за развивање на мотивацијата, интересите, воспоставување причинско последични врски и поттикнување говор.
Проектот „ Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ има улога на поддржувач во спроведување на инклузијата во образованието која треба да заврши до 2023 година. На кој начин го правите тоа?
Инклузијата е долг процес, повеќе пристап кон образованието и кон целокупниот живот, одошто некоја зацртана цел која треба да се исполни и потоа да се престане. Нешто како диета. Во тој контекст и инклузијата нема да заврши до 2023 година, туку напротив тогаш треба навистина да се востанови како редовна практика во сите училишта и за сите деца.
Тригодишниот проект „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е финансиран од Европската Унија и се спроведува од страна на Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор во соработка со Министерството за образование и наука и во партнерство со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање на услуги на лица со попреченост „Хендимак“. Има за цел да обезбеди поддршка на семејствата и училиштата во рамките на процесот на градење инклузивен образовен систем, преку:
- обезбедување месечни стипендии за најмалку 470 ученици со попреченост кои редовно посетуваат настава во почетните одделенија од основното образование во текот на три учебни години;
- подигање на јавната свест и промовирање на важноста на инклузивното образование, со цел елиминирање на предрасудите и бариерите кон инклузијата, зголемено инвестирање и сеопфатно подобрување на условите во училиштата;
- спроведување обука за наставниците, стручните служби, специјалните едукатори и рехабилитатори и образовните асистенти во најмалку 55 училишта, со цел подобрување на нивното разбирање и капацитети за планирање и изведување на прилагодена и диференцирана настава, во согласност со најдобрите домашни искуства и меѓународни практики;
- подобрување на пристапноста до и во училиштата за учениците со попреченост, преку градење на инклузивни игралишта, пристапни тоалети сензорни соби и сензорни градини;
- обезбедување туторска и образовна поддршка за ученици со попреченост вклучени во образовниот процес, со цел полесно совладување на наставната програма односно индивидуалните образовни планови.