Македонски Телеком неодамна ja пушти првата комерцијална 5G мрежа во Македонија и овозможи користење на 5G услуги паралелно и во комбинација со 4G, со напредна технологија за динамично користење на постојните радиофреквенции. Засега, 5G ќе имаат корисниците коишто се наоѓаат во градовите што се покриени со 5G, во согласност со тарифите што ги користат,и коишто имаат соодветно серфитицирани 5G уреди.
За сите детали поврзани со 5G разговаравме со Васко Најков, директор на Сектор за пристапни мрежи во Македонски Телеком
Новинар – Верица Јорданова
Што конкретно значи воведувањето на 5G?
5G е најновата мобилна технологија на која работевме подолго време. Со тестирање почнавме во 2018 година, кога ја направивме првата лабораториска демонстрација, а во 2019 година ја поставивме првата реална тестна мрежа преку којашто се постигнаа брзини на пренос на податоци од 1Gbps, односно десет пати поголеми од 4G. Минатиот месец ја пуштивме првата комерцијална 5G мрежа и овозможивме користење 5G услуги, паралелно и во комбинација со 4G, на постојните радиофреквенции. За да можат да ја користат супериорната 5G технологија, корисниците треба: да поседуваат уред којшто поддржува 5G, да го активираат 5G сервисот на Македонски Телеком и да се наоѓаат во подрачје каде што има 5G сигнал.
Во моментов, 5G е достапна во 15 градови. Кога може да се очекува покривање на целата територија на земјата?
Работиме напорно со максимални вложувања да се збогати покривањето со 5G сигнал низ целата територија на нашата земја. За само половина година покривме половина од населението во поголемите градски подрачја. Во моментов, главниот фокус е на Скопскиот регион, а до крајот на годинава очекуваме да обезбедиме покривање со 5G во сите поголеми градови низ целата земја.
Деновиве 5G мрежата стана достапна и во Скопје. Што конкретно значи тоа за корисниците? Дали веќе ги имате првите корисници во метрополата?
Точно е дека во Скопје се работи интензивно; новата технологија е веќе активна во East Gate Mall и во повеќе скопски региони, а до крајот на мај Скопје и околината треба да бидат целосно покриени со 5G сигнал. Треба да се напомене дека заедно со воведувањето на 5G технологијата се врши и комплетна модернизација на мобилната мрежа, со што корисниците ќе добијат поголеми брзини и помала латенција (доцнење на сигналот). Станува збор за технологија од најновата генерација којашто ќе отвори нови можности во секоја сфера. Уште повеќе придобивки ќе се добијат со обезбедување на дополнителниот спектар на фреквенции откако ќе се комплетира тендерската постапка на АЕК, со што корисниците ќе ги искусат вистинските брзини на 5G.
Во моментов само сопствениците на одреден број паметни телефони можат да се приклучат на оваа мрежа. Објаснете ни повеќе за ова.
Во моментов, има одредена листа на модели на паметни телефони коишто поддржуваат 5G технологија. Таа листа секојдневно расте и сведоци сме на нови модели коишто излегуваат на пазарот, а со тоа се зголемува и понудата за нашите корисници. Секако, секој уред којшто го воведуваме подлежи на ригорозни тестирања на нашата мрежа со цел да овозможиме врвно корисничко искуство, при што само уредите коишто успешно ги поминуваат тие тестирања добиваат нов софтвер, со кој се овозможува тие да проработат на 5G. За сега, имаме ограничен број уреди коишто се 5G сертифицирани на мрежата на Телеком, но можеме да потврдиме дека во наредните неколку месеци оваа бројка значително ќе се зголемува. Како во поглед на инфраструктурата така и во поглед на уредите, иднината е во најновата технологија.
Кои се моменталните измерени брзини на оваа мрежа и кој всушност ќе има најголема придобивка од истата?
Максималните брзини коишто моментално можат да се измерат на 5G се неколкукратно повисоки од просечните 4G брзини, но со воведувањето на дополнителниот спектар по доделувањето од страна на АЕК овие брзини да бидат во гигабитски ранг. Најголема придобивкаќе имаат корисниците коишто имаат трансфери на поголеми датотеки или апликации коишто имаат потреби за големи брзини.
Дали бизнис сегментот ви е примарна целна група со 5G и зошто? Каква корист ќе имаат компаниите од употребата на овој ултра брз пренос на податоци?
Бизнис сегментот е секако важен сегмент за 5G услугите, најмногу од причина што во нивниот делокруг ќе има најмногу услуги коишто ќе се пронајдат во новата технологија. Преносот на големи датотеки, комуникацијата во реално време, автономните возила, бизнисот на видео постпродукција и други, ќе имаат најголема придобивкаод оваа технологија. Во светски рамки, таканаречените „Campus Networks”, односно компаниски специјализирани 5G мрежи, сѐ повеќе добиваат на популарност, а исто така и „Network Slicing”, односно делови (парчиња) од мрежата со специфичен/гарантиран квалитет на услугата. Но 5G ќе донесе револуција и кај приватните корисници – со стримингот во реално време целосно ќе се измени начинот на кој се следат спортски натпревари, концерти, гејмингот ќе биде на сосема ново ниво и ќе се гејма од каде било, од кој било уред и во реално време без задоцнување. Виртуелната и проширената реалност ќе ни овозможат да купуваме од далечина, а при тоа да ги искусиме производите како да купуваме во живо. Сè околу нас ќе биде смарт и ќе комуницира меѓу себе.
Оваа технологија ќе биде движечка сила за развојот на нови фукционалности и досега невидени услуги и производи коишто ќе ни го поедностават и подобрат животот во сите сфери. Очекувате ли 5G да поттикне развој на нови компании или понуди коишто досега ги немало на пазарот?
Самата 5G технологија ќе отвори огромен број на нови можности и апликации како во бизнисот така и во секојдневниот живот, со што ќе предизвика и интерес за дополнителен развој и иновации. Секако, ова ќе биде водечка сила за дополнителен поттик на постојните, а и на новите компании, коишто ќе се пронајдат во овој делокруг на работење. Тоа може биде во областа на автономните автомобили, развојот на апликации на приватни корпоративни мрежи, сензорите во секојдневните уреди коишто ги користиме или медицинската индустрија, коишто се само дел од областите за кои моментално знаеме дека 5G наоѓа примена. Новата 5G технологија како основата на IoT и паметни решенија, ќе придонесе и да се намали емисијата на штетни гасови и користењето на природните ресурси, а ќе влијае и на енергетската ефикасност во индустријата генерално. Ова е само уште едно подрачје за развој коешто е многу актуелно и каде многу компании можат да го најдат својот придонес.
Што е со стравот на многумина за негативните влијанија од 5G врз здравјето?
Ова е долга тема којашто беше доста актуелна во изминативе години. Ние ги почитуваме насоките на релевантните инстутуции коишто го следат и регулираат тоа поле. Според Светската здравствена организација, нема убедливи научни докази дека слабите сигнали од базните станици и безжичните мрежи предизвикуваат негативни влијанија врз здравјето доколку се под одредената граница. АЕК спроведе мерења за безбедноста од нејонизирачко зрачење на нашата тестна мрежа во 2019 и тие покажуваат дека вкупното зрачење е само 15% од максимално дозволената гранична вредност. Овие мерења се јавно достапни. Опремата што ја користиме е во согласност со безбедносните стандарди пропишани со меѓународните и националните регулативи. Секоја нова технологија со себе носи доза на недоверба, но ние треба да се бориме против лажните вести и да консултираме проверени извори за да црпиме информации.
Кои се следните чекори на Македонски Телеком?
Со полна пареа продолжуваме со ширењето на 5G мрежата низ Македонија. Ќе обезбедиме 5G услуга во сите поголеми градови до крајот на годината. Ќе ја донесеме најновата технологија и ќе придонесеме за најдобро корисничко искуство на нашата мрежа. Нашето мото е “Нема да застанеме додека не ги поврземе сите”.