Објавен прирачник за дигитална трансформација кон е-општини

- Advertisement -

Зошто е важна дигитализацијата на локално ниво и како да се постигне ефикасна трансформација кон е-општини се главните теми кои ги разработува Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини“ во издание на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“ (ФНФ).

Прирачникот се фокусира кон иновативната и практична улога што дигитализацијата и дигиталната трансформација ја имаат во процесот на комуникација и овозможување ефикасни дигитални услуги на јавната администрација на локално ниво. Дадени се принципи, но и конкретни примери на дигитални платформи што едноставно може да се применат во општините во земјава и регионот на Западен Балкан.

- Advertisement -

Автори на „Прирачникот за дигитална трансформација кон е-општини“ се Бојан Кордалов и Тоше Зафиров (ИДУЕП), а уредник е Ивајло Цонев (ФНФ). Тие истакнуваат дека нивната цел е да дадат конкретен иницијален придонес во надминувањето на јазот што постои помеѓу волјата за имплементација на дигитални решенија и немањето доволно финансиски и кадровски потенцијали за нивна примена на локално ниво. Веруваат дека Прирачникот ќе поттикне на конкретна акција во општините, како и да мотивира други автори и практичари во продлабочување на оваа тема и постигнување видливи резултати во сферата на дигиталната трансформација.

„Дигитализацијата на локално ниво е првиот впечаток за граѓаните дали државата е функционална или ефикасна или, пак, спротивно од тоа, бирократизирана, односно дека граѓаните што ја финансираат ги става во втор план. Дигиталната трансформација гарантира транспарентност, инклузивност и отвореност, на тој начин исполнувајќи ги предусловите за добро и ефикасно управување. За работата на општините и јавната администрација, граѓаните мора да бидат информирани, што е предуслов за поттикнување на нивно учеството во креирањето и спроведувањето политики на локално, а секако и на пошироко национално и глобално ниво“, се наведува во предговорот на публикацијата.

- Advertisement -

Преку дигиталните алатки и платформи, граѓаните, медиумите, граѓанските организации, бизнисите итн. знаат каде да ги најдат потребните информации, но да се информираат за процесите и услугите во секое време од денот. Преку дигиталната трансформација, јавната администрација и општините имаат потенцијал да бидат најбрзиот, наједноставниот и најрелевантниот извор на информации, процеси и услуги што ги засегаат граѓаните. Со ваква заложба, општината ќе биде далеку поефикасна, повидлива, слушната и почитувана, вистински пример за ефикасна борба против корупцијата, но и против дезинформациите и теориите на заговор чиј директен таргет се јавните институции. Всушност, токму дигитализацијата е еден од начините да се стекне или врати, како и изгради и да се одржува довербата од страна на граѓаните!

На издавањето на Прирачникот му претходеше серија на јавни дебати и конференции на кои се разговараше за актуелната состојба и перспективите на дигитална трансформација на општините. На настаните учествуваа министерот за локална самоуправа Горан Милевски, министерот за е-Влада и дигитализација на Република Бугарија, Божидар Божанов, извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, пратеници, градоначалници, како и домашни и меѓународни експерти и претставници на граѓанскиот сектор.

- Advertisement -

Прирачникот е достапен електронски на македонски и албански јазик, како и преку кратко резиме на англиски јазик на следниот линк: https://iduep.org.mk/2022/04/05/prirachnik-digitalna-transformatsija-kon-e-opshtini

Во текот на следната недела, овој Прирачник ќе биде достапен и како печатено издание, а во наредниот период авторите ќе се обидат преку состаноци, средби, обуки и други активности да ги мотивираат општините да применат дел од предлозите дадени во Прирачникот за дигитална трансформација кон е-општини.

Сподели!
- Advertisement -