Џермаја Торонка е студент од Сиера Леоне, Африка, кој создаде иновација која може да снабди со електрична енергија илјадници домови без многу напори и без да и наштети на животната средина. Овој млад човек пронајде начин како да генерира чиста енергија од чекорењето на луѓето, пренесува BBC.
Веќе неколку години Торонка, кој сега има 21 година, се занимава со проблемот со недостигот на електрична енергија во неговата земја. Тој додека бил дете исто така многу често немал струја – во Сиера Леоне само 26% од луѓето имаат пристап до електрична енергија. Луѓето таму користат огревно дрво или лампи на газија, кои испуштаат отровни гасови,и претставуваат опасност за пожари.
Откако го завршил образованието на Африканскиот универзитет за лидерство во Руанда овој млад човек го основал стартапот Optim Energy.
Технологијата на неговата иновација се базира на пизоелектричен уред кој ја користи енергијата од топлината, движењето и притисокот од атмосферата. Кога тој уред ќе се постави под тротоар или под пат со доста сообраќај, ги апсорбира вибрациите и ги користи за да генерира електрично коло. Истовремено, не создава емисија на стакленички гасови затоа што нема согорување на гориво во текот на процесот.
Не е потребен никаков извор на енергија за неговиот уред и за разлика од многу други иновации, може да работи и дење и ноќе и на секакви временски услови. Уредот веќе го тестирал и успешно произведувал струја за 150 домови и 15 училишта со само два такви уреди.
Минатата година тој ја доби глобалната награда Chegg.org Global Student Prize и планира тие 100.000 долари од наградата да ги искористи за да им помогне на 100.000 луѓе да добијат електрична енергија до 2030 година.
Optim energy сака да ја прошири својата работа и на полето на здравствената грижа и да им помогне на докторите да можат да третираат пациенти ноќе, како и да се чуваат лековите и вакцините на соодветна ниска температура.
(World Economic Forum)
(фото: Facebook)