Пет месеци пред годинешниот откуп „Тиквеш“ почна со потпишување на договори со лозарите и има договорен откуп со највисоки цени

- Advertisement -

Следејќи ја својата долгорочна развојна стратегија која се темели на партнерство со вистинските лозари, винарската визба „Тиквеш“, на пет месеци пред официјалниот старт на годинешната берба, започна со процесот на дефинирање на соработката и потпишување договори со лозарите.

На денешната средба со лозарите во винарницата во Кавадарци, раководството на „Тиквеш“ го презентираше начинот на кој ќе се одвива меѓусебната деловна соработка, а која се темели на почитување на светските стандарди за одгледување на лозјата, како и точните критериуми според кои ќе се одредува квалитетот на грозјето, согласно најдобрите светски практики и барањата на пазарите каде се пласира виното на „Тиквеш“.

- Advertisement -

На овој состанок беа определени и количините кои ќе бидат откупени, како и рамковната цена за грозјето, кои се значително повисоки од ланските, како и дополнителните бонуси за предаденото грозје со екстра квалитет наменето за производство на премиум вина. На лозарите им беа дадени и насоки за динамиката на берба и прием на грозје во винарницата, за да се избегнат несакани појави на различни притисоци и уцени за прием на грозје од страна на поединци кои немаат регулирани договорни односи со винарницата, а се мотивирани од други интереси кои немаат никаква врска со вистинското лозарство и винарство.

„Со оваа средба ја продолжуваме воспоставената практика на разговори и  потпишување договори со нашите партнери-лозарите, многу порано пред почетокот на бербата. На овој начин сакаме да им дадеме поголема сигурност на лозарите и да го зајакнеме нашето партнерство со нив, што е наша стратешка определба. Впечаток е дека лозарите се задоволни од понудените услови, најавените количини и цени за откуп, а покажаа и вистинско разбирање за потребата од почитување на стандардите за одгледување на грозјето кои се гаранција за висок квалитет што е неопходен за производство на квалитетни вина кои се бараат на пазарите ширум светот“, велат во „Тиквеш“.

- Advertisement -

За да се обезбеди квалитетен род, „Тиквеш“ ќе продолжи да ги поддржува лозарите во текот на целата година, обезбедувајќи им препрати со пониски цени, стручни совети и едукација како да постапуваат во процесот на одгледување и заштита на лозјата, а обезбедени се и флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од оние кои се дефинирани со закон.

Во „Тиквеш“ се исклучително задоволни од досегашниот одзив и комуникацијата со лозарите, како и од текот на процесот на потпишување договори и очекуваат дека оваа година ќе бидат потпишани и над 2000 договори за деловна соработка со лозарите.

Сподели!
- Advertisement -