02.06.2022 г. Скопје – Бизнисите се наоѓаат под голем притисок кој мора да се намали со мерки за поддршка кои ќе овозможат задржување на деловната активност и на работните места. Факт е дека на зголемување на цените е глобален тренд на кој тешко може да влијаеме, но она што може да се направи е да ја намалиме зависноста од увоз на храна и на енергенси, истакнува Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори.
Во однос на намалување на ударот од зголемување на цените на енергенсите тој ја нагласува потребата за активирање на сите домашни капацитетите за производство на електрична енергија, како и за поттикнување на користење на обновливи извори на енергија.
„Но за да може деловните субјекти да ги користат обновливите извори на енергија, односно тоа веднаш да им биде алтернатива за скапата електрична енергија, мора да се олеснат процедурите за вадење на дозволи. Ако инвестирате во обновливи извори и инвестицијата ќе ја вратите за три до четири години, а ако платите високи сметки, ништо да не добиете. Има многу површини на кои може да се инсталираат уредите, достапни се на пазарот, многу компании навлегоа во нивна монтажа и поставување, но бирократските процедури се навистина непотребни. Затоа бараме се што е бирократска процедура да се симплифицира и тоа веднаш да се стори. Во оваа криза така најадекватно сите што можат да инвестираат, ќе се заштитат од ценовните шокови. Имаме сознанија дека во моментов во општините за добивање на дозвола за поставување на сончеви колектори се чека од 60 до 90 дена. Нашиот предлог е да се воспостави рок од 7 – 10 дена за добивање на дозвола“, истакна Ангелоски.
Во одговор на новинарско прашање, тој изрази дека очекувањата на реалниот сектор биле постепено да се оди на враќање на акцизата на горивата на повисокото ниво, а не наеднаш како што тоа се случи и предизвика нов бран на зголемување на цените.
„Во однос на цените на основните прехранбени производи повторно го истакнуваме барањето за активирање на стоковите резерви. Исто така мора да се влијае на поттикнување на домашно производство на храна“, рече Ангелоски.
Како други нефинансиски мерки кои иако нема да преставуваат директна поддршка за компаниите, сепак ќе ги подобрат услови на деловното окружување е итно да започне процес на укинување на парафискалните давачки, активност кој непотребно се одложува подолго време како и да се засилат мерките за сузбивање на сивата економија која има сериозни димензии и преставува дополнителна пречка за одржување на регистрираните бизниси.
„Како проблем ги нотираме и договорите за јавни набавки кои се потпишани со државните институции, а чија реализација е отежната поради општиот тренд на растот на цените на суровините, транспортот, енергенси, работна сила. Го охрабруваме Биро за јавни набавки адекватно и навремено да постапува по сите барања за ревидирање на овие договори согласно постоечката правна регулатива“, истакнува Ангелоски.
Тој изрази и мислење дека на светските берзи се стабилизираат цените на трите групи на производи кои беа најмногу подложни за зголемување, металите, прехранбените производи и енергенсите, но сепак многу е неизвесно дали таа стабилност ќе се одржи на долгорочно ниво.