Како се прави најдобриот македонски вињак „Трајковски ВС“ по рецепт од 1922?

- Advertisement -

Произведен e по прадедови рецепти од 1922 година. На домашен начин, со двојна дестилација во традиционални бакарни казани, исто како што го правеле нивните претци. Вињакот на дестилеријата “Трајковски“, брендиран во модерни интернационални пакувања и имиџ на современ бренд со особено префинет шмек, е надалеку познат и признат. Ниту еден дипломатски прием не може да се замисли без овој алкохолен пијалок кој сите со уживање го дегустираат, за да потоа го прераскажуваат незаборавното искуство од овој македонски производ.

Освен вињакот, оваа дестилерија амбициозно работи и за проширување на асортиманот на други алкохолни пијалоци. Покрај новите вина кои ќе бидат на пазарот на почетокот од летото, темјаника и розе, во финални припреми се и со нова, 12 годишна ракија, во  чест на 100 годишнината од прадедовите рецепти.

Освен производство на пијалоци, како опција за вински туризам, Трајковски нудат и рурален вински туризам од затворен тип, кој е доста поиндивидуално искуство, сосема поразлично од класичната понуда на вински туризам во Македонија. За поголеми групи, организираат комплетно персонализирани дегустации, во дворот на винаријата, под летниковци и сенка од стари ореви, со домашна храна направена од намирници од соседните села, подготвена на автентичен начин во домашна фурна. Едно комплетно поинакво винско искуство.

За сегашните и амбициозните идни планови, разговаравме со Билјана Трајковска, сопственичка на дестилеријата „Трајковски“.

Новинар – Александрија Николовска

- Advertisement -

Вашата дестилерија  е успешен пример како една фамилијарна традиција може да се претвори во одличен бизнис . Кои и какви беа почетоците на градењето на бредот на дестилеријата Трајковски?

„Трајковски“ најнапред беше сон. Поточно желба. Желба да се создаде еден поинаков македонски алкохолен пијалок,  вињак, кој ќе им парира на светските вињаци, односно коњаци, кој самиот по себе ќе биде момент за уживање, за душата, за сетилата. Сон кој датира од далечната 1922, по кои рецепти и се произведуваат нашите жестоки пијалоци. Рецепти кои се пренесувале од генерација на генерација, за да ние денеска ги претвориме во бренд, кој гордо се пласира во светот, рамо до рамо со светската конкуренција.

- Advertisement -

А идејата дојде кога бев на студии во Париз и кога всушност открив дека „ракијата“ што сме ја правеле за своја душа всушност била повеќе од ракија, дека била вињак, пандан на француските коњаци, што и ме одлучи да се вратам во Македонија и со фамилијата заеднички да создадеме бренд од таа преубава прадедова традиција. Така се роди брендот „Трајковски“. Бренд на премиум крафт алкохоли. Произведени по прадедови рецепти од 1922, и тоа на домашен начин, со двојна дестилација на традиционални бакарни казани, на идентичен начин како што тоа го правеле нашите претци. А сепак, брендирани во модерни интернационални пакувања и имиџ на современ бренд со особено префинет шмек. Бренд веќе присутен на пазарите во Америка, Австралија и ЕУ, со своите традиционални македонски производи ракија и мастика, но и врвниот вињак “Трајковски ВС“ кој гордо им парира на светските коњаци, и по изглед и по квалитет.

Со какви се проблеми се соочувавте додека да стигнете до позицијата на пазарот на  која се наоѓате сега?

- Advertisement -

Предизвици никогаш не недостасувале. Но сепак, предизвиците се тие кои не развивиле уште повеќе. Најголем проблем со кој се соочивме, како извозно ориентиран бренд, се огромните количини кои се бараат за странските пазари, а на кои ни не сме во можност да одговориме на сам почеток, туку дури после три години. Дестилеријата е направена така да имаме можност да го триплираме нашиот производен капацитет веднаш, но поради тоа што нашите производи стареат најмалку три години, истите може да се продаваат дури после тие три години стареење. А нашата филозофија е дека квалитетот не смее да се компромитира по ниту една цена, па дури и по цена да се пропушти добар пазар. Во неколку наврати имавме големи барања кои моравме да ги одбиеме, токму поради таа причина. Но затоа квалитетот го задржавме ист како и првиот ден, на што сме особено горди и на што сметам дека треба да се темели секој бренд.

Од каде ја обезбедувате суровината за производство, од каде знаењето за процесот на изработка на вашите производи? 

Најважниот дел во производството на алкохолни пијалоци и вина е грозјето. Поднебјето од кое доаѓа. Тука ние имама природна предност, со тоа што сме лоцирани во с.Крњево, во долините на Кожуф, или пошироко познат како регионот на Барово, кој во последно време се издвојува како најдобриот вински регион во Македонија. Топлите летни денови во комбинација со ладните ноќи, планинската клима, природен провев и доволно врнежи и влажност за да лозовите насади не се наводнуваат се клучни фактори кои влијаат на тоа да грозјето е преполно со ароми. А со старите рецепти од 1922 година и традиционалниот начин на производство со двојна дестилација со бакарни казани, ние успеваме од тоа преполно со ароми грозје да го добиеме најдобриот можен производ, кој подоцна се зрее под дејство на најубавите дабови.

Кои се производите кои можат да се најдат во вашата палета на производи и каде се ги пласирате?Дали освен на домашниот пазар имате и извоз?

Како крафт дестилерија, во своето портфолио имаме неколку врвни етаблирани производи. Пред се познатиот вињак “Трајковски ВС“, бленд од 12 сорти грозје, три години стареен во Француски даб, и кој со својот квалитет и изглед им парира на светските вињаци, односно коњаци. Особено сме горди на ракијата, како македонски традиционален производ, која е исто така три години стареена, но за разлика од вињакот, е стареена во кичевски даб Благуњ, од каде го добива својот шмек, и која со својот специфичен вкус ги плени љубителите на убавата голтка и според кои важи за една од најдобрите во Македонија. А палетата не би била целосна, доколку во нејзе нема и друг клучен традиционален македонски производ, а тоа е мастика, која за разлика од вињакот и ракијата, кои се двојна дестилација, односно двопек, е изработена со тројна дестилација, при што третиот пат самиот казан се мачка со мед, а во него се ставаат повеќе од 12 зачини, што е и тајната на нејзиниот вкус, според кој се издвојува. А годинава асортиманот ќе го збогатиме и со линија на модерни, свежи и ароматни бутик вина, темјаника и розе.

Како претежно извозно ориентиран бренд, како што веќе напоменав, присутни сме на пазарите во Америка, Австралија, ЕУ (со онлајн продажба и низ цела ЕУ). А во Македонија “Трајковски“ алкохолите и вина може да се најдат по специјализирани продавници за алкохол, како и по дел од подобрите ресторани и кафулиња.

На дипломатските приеми единствениот вињак кој се служи од македонско потекло е токму вашиот и сите се одушевени од него. Како успевате да го постигнете тоа создавајќи производ по квалитет кој може да им парира на светски познатите пијалаци кои се произведуваат во традиционалните земји производители на жестоки пијалаци?

Покрај најдоброто грозје, прадедовите рецепти, традиционалниот начин на производство и современите пакувања на еден интернационален бренд, уште еден клучен фактор кој придонесе за успехот на Трајковски ВС, но и другите наши производи, е постојаноста на квалитетот. Затоа што квалитетот е нешто кое ниту трпи, ниту смее да трпи компромис. Благодарение на таа наша филозофија, и ден денес го имаме истиот квалитет како и првиот ден и тоа е нешто што никогаш нема да се промени. А тука е и нашиот стремеж кон постојано подобрување на процесите, со што успешно ја одржуваме таа наша фамилијарна филозофија на бескомпромисен квалитет, кој на наше взаемно задоволство, се повеќе конзументи умеат да го препознаат и ценат, а особено кога треба да се претстави Македонија пред меѓународната заедница, со клалитетен, модерен, современ, а истовремено традиционален македонски производ со постојан квалитет.

Каква е и дали воопшто имате конкуренција на пазарот во однос на понудата на жестоки пијалаци од ова поднебје?

Како извозно ориентиран бренд, конкуренцијата на жестоки пијалоци од Балканот која се нуди во светот не е мала, затоа што соседните земји имаат доста разновидни пазари со мноштво ракии. А таквата конкуренција е природна и здрава, особено за развиавање на пазарите. Но сепак, на долг рок, се докажува квалитетот и постојаноста на квалитетот, нешто што не ни недостасува и што ни е основа за долгорочен успех, што всушност и е нашата цел, да воспоставиме интернационален бренд, кој нашите наследници ќе го подигнат на уште повисоко ниво.

Дали сте единствени кои произведувате вињак и бренди во Македонија?

Можам гордо да кажам дека први во Македонија почнавме со производство на вињак, чиј квалитет го докажавме и на кој остануваме доследни, благодарение на тие наши стари прадедови рецепти од 1922 година, користејќи ги истите методологии и начини на изработка на жестоките пијалоци, двојно дестилирање на бакарни казани на дрва, стареењето во даб.

Дали можете да објасните кои се разликите меѓу бренди, вињак и коњак?

Порано се се викало коњак.

Порано постоел единствен глобален термин за алкохолен производ добиен со дестилација на вино, коњак. Но откако Франција го заштила терминот коњак за алкохолни производи добиени со дестилација на вино кои се произведени само во Коњак регионот во Франција, на Балканот, кој немал право повеќе да го користи теминот коњак, за истиот тип на производ, почнал  да го користи теминот вињак. Всушност, коњакот е вињак од Коњак регионот во Франција, и вињакот е исто што и француските коњаци, само што поради заштитениот термин, не смее да се нарекува коњак. Додека бренди, е генерален термин за секој алкохолен производ кој е направен на база на грозје.

Конкретно, доколку дестилеријата Трајковски беше лоцирана во Коњак регионот на Франција, нашиот вињак ќе имаше право да се нарече коњак.

Вашите вињаци и бренди пијалаци освен стандардните носат и ВС ознаки. Што точно значи тоа?

Коњаците, односно вињаците, се разликуваат по тоа колку години се стареени. ВС означува најмалку две години стареење. Следна градација е ВСОП, што означува најмалку четири години стареење. А после нејзе следи ХО, најмалку шест години стареење. Понатаму следат Семејни резерви, кои се индивидувални од дестилерија до дестилерија, и често умеат да бидат мешавини од повеќе годишни, повеќе децениски, па и повеќе вековни производи.

Кои се плановите за во иднина? Дали ќе ја проширувате палетата на производи, дали ќе го зголемите обемот на производство и дали на пример имате намера да се занимавте и со вински туризам со што би се затворил кругот на вашата приказна?

Покрај новите вина кои ќе бидат на пазарот на почетокот од летото, темјаника и розе, во финални припреми сме и со нова, 12 годишна ракија, во  чест на 100 годишнината од нашите прадедови рецепти. За сега не сме со идеја за развивање на класичен вински туризам од ресторански, отворен тип, затоа што она што ние го нудиме како опција за вински туризам е рурален вински туризам од затворен тип и е доста поиндивидуално искуство, сосема поразлично од класичната понуда на вински туризам во Македонија. Единствено со претохдна најава, за поголеми групи, организираме комплето персонализирани дегустации, во дворот на винаријата, под летниковци и сенка од стари ореви, со домашна храна направена од намирници од соседните села, подготвена на автентичен начин во домашна фурна. Едно комплетно поинакво винско искуство.

11. Колку негативно на вас влијаеше корона кризата, а сега и економската криза?Цените на репроматеријалите, но и на крајните производи со невидено темпо оди нагоре, како успевате да работите и да заработите?

Не само цените на репроматеријалите, но и нивната достапност, е она што е променето како послединца на економската криза. Но она што енормно влијае на нас, како извозно ориентиран бренд се пред се енормно зголемените цени на транспорт, особено прекуокеанскиот транспорт, како и недостатокот на слободни термини, со што времето за транспорт не само што се зголемува, туку е и неизвесно, што покрај крајната цена, значајно го нарушува и самиот логистички ланец. Но како и во секоја криза, за побезболно пребродување, најважна е флексибилноста и прилагодливоста кон ситуацијата, што моментално е нашиот фокус. Тука е нашата линија на бутик вина која наскоро ќе биде достапна на пазарот во Македонија. А воедно и мала лимитирана едиција на екстра стара дванаесет годишна ракија.

Сподели!
- Advertisement -