После месеци претпоставки и уверување дека соработката ќе продолжи, Русија објави дека сепак се повлекува од Меѓународната вселенска станица. Поточно, нема да учествува во нејзината работа после 2024 година.
Како што пренесуваат руските медиуми, новиот шеф на Роскосмос, Јуриј Борисов, на претседателот Владимир Путин му соопштил дека одлуката е донесена и дека Русија после тој рок ќе се фокусира на изградба на сопствената вселенска станица. Дотогаш Русија ќе ги исполни сите свои обврски кон партнерите на станицата.
Меѓународната вселенска станица официјално е лансирана во 1998 година, откако вселенската станица Мир завршила со својата работа. Во текот на повеќе од 20 години во Земјината орбита на станицата се менувале астронаути од различни националности, а со станицата се управувало од САД и од Русија. Но, орогиналниот договор за траење на станицата истекува во 2024 година и Русија одлучи дека тоа е крај за нив. НАСА, пак, одлучи да се продолжи работата на станицата до крајот на оваа деценија.
Руските власти во неколку наврати најавуваа изградба на сопствена вселенска станица, а откако поради нападот врз Украина, Русија стана непосакуван партнер во светот, дури се споменуваше и одвојување на рускиот дел од станицата од американскиот, но тоа технички не е возможно.
Затоа, Русите ќе се фокусираат на изградба на ROSS, односно Руската орбитална станица, која се надеваат дека може да биде во функција од 2025 година.
(NBC)
(фото: Wikimedia)