Во пресрет на претстојниот фестивал на алтернативна музика „Здраво млади“, Младинскиот културен центар организира бесплатна работилница за креирање на АR филтер на Инстаграм.
Работилницата ќе ја предводи интердисциплинарната уметница Кристина Пулејкова и ќе се одржи на 22 август во Џебно Кино МКЦ со почеток во 18:00 часот.
„Целта на работилницата е да се истражи потенцијалот на Аугментираната Реалност како медиум за креативно изразување, раскажување приказни и пренесување/амплифицирање на пораки. Низ практични примери и работа во софтвер за реализација на #AR филтри (SparkАР), учесниците ќе научат како се скицира, тестира и објавува AR филтер“, стои во повикот.
За учество во работилницата што е наменета за млади од 16 до 20 години не е потребно да има претходно искуство, а секој што сака да се пријави потребно е има свој Фејсбук профил бидејќи, како што се вели во повикот, за најавување на софтверот SparkAR преку кој ќе може да се работи на филтрите потребен е Фејсбук профил.
Оние што ќе се пријават за учество треба да понесат свој лаптоп на кој треба да е симнат софтверот SparkAR, а учесниците треба да имаат и Инстаграм профил за тестирање на филтрите. Заинтересираните треба да испратат кратка биографија и контакт телефон на е-адресата: info@mkc.mk најдоцна до 18 август (четврток). Тие што се примени ќе добијат известување најдоцна до 20 август.
„На крајот од работилницата, учесниците ќе се здобијат со основно познавање на софтверот SparkAR, како и ќе имаат создадено свој AR филтер. Целта на работилницата е да ги оспособи младите креативци со основни алати за создавање на АR филтри, како потребен прв чекор кон понатамошна експериментација со овој нов медиум“, се вели во повикот.