Со инвестиција во пластични боксови конзервната компанија „Ларс“ направи големи заштеди во суровина!

- Advertisement -

Компанијата „Ларс“ во Штип цели три децении преработува зеленчук и деликатеси од типот на ајвар, корнишони, феферони, зелка, печени пиперки, цвекло кои ги пласира на 40-тина извозни пазари на речиси сите континенти. Производите на една од најголемите конзервни фабрики во земјава може да се најдат на полиците на Lidl, Metro и Kaufland супермаркетите, ширум светот.
За набавка на потребната суровина, Ларс соработува со шест собирни центри во Струмица, Прилеп и Кочани, a во моментов тестира нова опрема која ги намалува времето и работниците потребни за ракување со производот во собирните центри. Примарните производители генерално ги продаваат своите производи во собирните центри спакувани во полипропиленски кеси, што предизвикува значителна загуба од најмалку 10% на производот при транспортот и ракувањето. За да ги надмине овие пречки, Ларс со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, воведе поефикасно ракување и собирање на различни растителни култури со менување на конвенционалните полипропиленски кеси со пластични кутии за повеќекратна употреба. За што конкретно станува збор за „Иновативност“ раскажа Дарко Нашков, менаџер на компанијата “Ларс“:  

„Голем проблем со кој постојано се соочуваме како преработувачи е третманот на свежиот зеленчук од нива до фабрика, посебно пиперката која е многу нежна. При берење таа вообичаено се става во вреќи и потоа неколку пати се претовара. Како резултат на тоа има до 10% загуба на суровина и проблем при преработката поради оштетување. Вториот момент е што ваквиот пристап бара и повеќе луѓе за работа кои ја носат пиперката од нива до откупен центар, потоа товарање во камион и растоварање во фабрика. Во ек на откупната сезона кога се откупуваат и транспортираат огромни колиличини, ваквата ситуација прави голем застој во време, но и големи загуби во суровина.

- Advertisement -

Иновацијата која ја воведовме неодамна е многу едноставна. Станува збор за големи пластични боксови кои се поставени на нашиот откупен пункт во Струмица. Пиперките веднаш се ставаат во боксовите, кои се товараат и растовараат од камион со помош на вилушкар. На ваков начин го надминуваме проблемот со загуба и оштетување на пиперка, а драстично ги намаливме и времето и работниците потребни за транспорт на суровината до фабрика.    

Минатата година сами го пилотиравме овој проект за да ги видиме ефектите. Годинава со финансиска поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем набавивме околу 400 вакви пластични боксови со што очекуваме оваа откупна сезона да ја поминеме многу поефикасно”. 

- Advertisement -

Во партнерство со Ларс, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем го поддржува развојот на овој синџир за преработка на зеленчук преку кофинансирање на дополнителни пластични палети. Интервенцијата ја зголемува продуктивноста на сите засегнати страни во синџирот на снабдување, и го максимизира ефектот од достапната опрема. Следејќи го овој пристап, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем го модернизира производството и преработката на зеленчук, притоа подобрувајќи го односот помеѓу земјоделците, центрите за собирање и преработувачите и подигувајќи го нивото на иновации во секторот.

Споменавте дека енергетска криза е еден од најголемите предизвици на преработувачката индустрија во моментов. Кои се другите предизвици со кои се соочувате?

- Advertisement -

Најголем предизвик за преработувачката индустрија, која троши многу енергија, во моментов е цената на енергенсите. Вториот најголем е проблем е големата зависност од увозни компоненти, како што е стаклената амбалажа, чија што цена исто така е поскапена за 50% во споредба со лани. Удар имаме и од страна на самата суровина, затоа што годинава и земјоделците се соочија со зголемени трошоци за производство. Во ваков контекст кога не ја контролираме цената на ниеден од влезните инпути, тешко е да се гарантира цена на крајниот купувач. Исто така, чувствуваме и голем притисок од конкуренцијата во регионот, каде производителите имаат загарантирана цена од државата, која воедно е повеќекратно пониска од цените кои ние ги плаќаме. Во оваа насока мора нешто итно да се преземеме затоа што фабриките ќе почнат да ставаат клуч.

Индустријата во моментов е оставена сама на себе и ситуацијата е навистина алармантна. Инаку, преработувачката конзервна индустрија е една од ретките која рапидно расте. Извозот на преработки достигна вредност над 60 милиони евра, но ние работиме со многу мали маржи кои сега се топат под влијание на поскапените инпути за производство. Друг предизвик е недостатокот на работна сила, што од година во година се влошува.      

Преработувачката индустрија во Северна Македонија е многу зависна од домашното производство и понудата на земјоделски производи бидејќи најголемиот дел од суровините се добиваат непосредно пред или за време на високата преработувачка сезона, од локални производители. Во текот на изминатата деценија, многу преработувачки компании почнаа да инвестираат во енергетски поефикасна опрема и капацитети за да ги зголемат своите производствени капацитети и извозната вредност. Дополнително, зголемениот број на собирни центри и практичната имплементација на договорното земјоделство ги зајакнаа вертикалните односи во синџирот на снабдување, што резултираше со постабилно снабдување со суровини во индустријата. Сепак, постои потреба од понатамошно подобрување на производството и намалување на трошоците во примарниот и секундарниот производствен циклус, имајќи предвид дека светските пазари постојано се менуваат и предизвикуваат големи ценовни варијации.

Ефекти од интервенцијата:

• Намален број на часови за пакување зеленчук и транспорт до собирните центри

• Подобрена издржливост и отпорност на транспортната амбалажа. Кутиите направени од полипропилен се отпорни на влага, нагли промени во температурата и удари при транспорт.

• Подобра вентилација што овозможува дишење на зеленчукот, што резултира со подобрен рок на траење на суровината.

• Оптимизиран транспорт и магацински простор.

• Повеќекратна употреба и намалување на отпадот од пакување

• Материјал што може да се рециклира што ги намалува трошоците за повторно купување на нови кутии за палети.

• Погоден за различни видови зеленчук.

• Компатибилен со други современи машини (виљушкар, автоматизирани производни линии)

Новинар – Верица Јорданова

Сподели!
- Advertisement -