Првата вечер од фестивалот е во знакот на екологијата и поттикнувањето еколошки навики кај граѓаните. Влезницата за тој концерт ќе биде едно пластично шише или една лименка
Дводневниот фестивал „Звукот на Скопје“ ќе се одржи на неколку локации низ Скопје на 16 и 17 септември.
Организаторите најавуваат концерт на Дина Јашари, настап на српската евровизиска претставничка Констракта и „Земља грува“ и бендот „Хајка“.
Првата вечер од фестивалот, како што се вели во соопштението, е во знакот на екологијата и поттикнувањето еколошки навики кај граѓаните.
„Убаво е чувството кога две традиции ќе се спојат во една, „Звуците на чаршијата“, сега „Звукот на Скопје“, се одржува веќе 16 години, а нашиот концерт „Sound of green“ се реализира по десетти пат годинава и одлучивме заедно и партнерски да работиме со Културно информативниот центар (КИЦ). Влезницата за тој концерт ќе биде едно пластично шише или една лименка“, информираат од „Пакомак“ како еден од организаторите на фестивалот.
Во рамки на програмата, низ чаршијата свој настап ќе имаат бендот „Вива стрингс“ и германскиот бенд „Дијаз војтас дуо“ (Diaz Wojtas Duo), а во галериите на КИЦ ќе може да се погледне изложбата „Македонија“ (MASEDONIA) од бразилските уметници Даниел Kастинет и Вилсон Нето.
Вториот ден (17 септември) на плоштадот „Мајка Тереза“ ќе настапат „Љубојна“, Тони Китановски и Черкези, „Бла, бла, бла“, „Foolish Green“ и „Брука бенд“, а во паркот Ибни Пајко ќе се претстават бендовите „Баклава“, Дориан и Добрила, „Перија“
Во рамките на таа сцена ќе се одржи и поетско читање, ќе биде изведена и детската претстава „Куферко, светскиот патник од Македонија“, а публиката ќе има можност да ја погледне и изложбата на колажи на Игор Калц.
(Meta.mk)