Интервју со д-р Катерина Бошевска, генерален директор на EОS Matrix
– За вовед што е Finance Talks, чија идеја е, колку време се реализира?
„Finance Talks by EOS“ е иницијатива на EOS Matrix и претставува платформа која на повеќе начини се обидува да ги приближи европските трендови и практики поблиску до финансискиот сектор во регионот.
Преку активно истражување на релевантните теми во областа на финансиите и одржување на редовни квартални панел дискусии целиме да создадеме еден отворен простор за дијалог меѓу финансиските институции, законодавецот и сите останати засегнати страни. Овој простор е од огромна вредност за сите чинители на домашниот пазар и овозможува заеднички пристап кон справувањето со растечките предизвици.
Платформата ја претставивме оваа пролет, како одлично време за иницирање промени кон подобро. Сметавме дека е одлично време да отвориме можност за размена на идеи и експертиза, особено по долгиот период којшто го поминавме соочувајќи се со глобалните предизвици кои ги наметна здравствената криза и последователната економска (финансиска) криза.
Нашата главна цел е да им пристапиме на предизвиците на еден поинаков начин. Како компанија, ние постојано иновираме и неуморно работиме на нашата цел: да ги промениме финансиите кон подобро. Изложувајќи ги анализите и увидите на повеќе засегнати страни, сега имаме можност да погледнеме на предизвиците од повеќе перспективи. Дополнително, со помош на оваа платформа ги обединуваме експертизата и искуството коишто на домашниот терен ги имаме во изобилство и ги ставаме во рамка на иновативни решенија, ставови и насоки за развој и унапредување на финансискиот свет во Македонија.
– Кој е поводот по кој го правиме ова интервју сега?
Платформата ја претставивме со нашата прва панел дискусија којашто се одржа во месец мај и која покажа голема успешност. Воочивме дека платформата има огромен потенцијал и дека вредноста којашто ја имаат овие средби и дискусии е неизмерна. Довербата и поддршката којашто ја добивме од финансиската заедница не’ инспирираше да ја организираме втората по ред панел дискусија овој септември. На оваа панел дискусија ќе допреме до една посуштествена тема и веруваме дека со тоа ќе ја издигнеме оваа платформа на едно повисоко ниво.
Нашата цел, да ги менуваме финансиите кон подобро, е остварлива доколку ги анализираме актуелните состојби преку еден системски пристап. Со нашата цел во главен фокус, предводени од иновациите и технологијата се трудиме со оваа платформа да создадеме заедница и база на знаење и искуства кои ќе ни помогнат вешто да се справиме со состојбите со кои се соочуваме и ќе се соочиме и да се приближиме до успешните приказни на земјите-членки во ЕУ.
Веруваме дека таа е уникатна поради тоа што видео записите од секоја одржана дискусија се достапни за јавноста во целост (линк до видео од последната панел дискусија) и со оваа иницијатива, покрај тоа што креираме простор за дискусија креираме и база на знаење и експертиза која е достапна за секого во секое време.
– Што ќе се зборува на претстојната панел дискусија овој месец и кои ќе бидат говорниците?
Втората по ред „Finance Talks by EOS “ панел дискусија ќе се одржи на 28 септември 2022 и ќе ја разработи темата „Придобивки од имплементација на европските законски решенија во домашниот финансиски сектор“.
Целта на овој настан е да се ставиме во една поинаква улога, да зборуваме од перспектива на веќе применети европски законски решенија и реално и отворено да заклучиме кои се придобивките за нас од тоа. Сметаме дека само ако така погледнеме и разбереме, можеме да заклучиме дека тоа навистина и ни е потребно. Идејата е да направиме симулација на една околина во која европските решенија се во примена, имаме стабилен и праведен финансиски пазар и да дискутираме што е доброто во сето тоа ако го споредиме со состојбите кога “не било така”.
Финансиските институции во земјата несомнено ја искажуваат својата желба и активна заложба за подобрување на условите на пазарот и се’ повеќе е очигледно дека за обезбедување на стабилен и праведен пазар неопходно е усогласување на домашните законски решенија со европските. Ние пак целиме преку еден ваков поинаков пристап и дискусија да идентификуваме и предложиме конкретни чекори за промена кои ќе го унапредат финансискиот пазар во Македонија и регионот.
Нашите говорници на овој панел се одлични познавачи на европската законска рамка кон која целиме да се усогласиме, но исто така и на домашната, па сметаме дека се одличен избор за оваа тема, со повеќедецениско искуство во областа на финансиите, банкарството, економијата и она што е особено значајно за нашата цел, владиниот сектор. Експертизата и искуството кои тие ги поседуваат се клучна појдовна точка во анализата на предизвиците во оваа област која ќе ја тангираме на дискусијата и сигурни сме дека благодарение на нивното учество ќе успееме да изнајдеме конкретни решенија кои ќе го унапредат домашниот финансиски пазар.
– Може ли сумирано да ни кажете кои се клучните предизвици во банкарскиот сектор во моментов?
Предизвиците во банкарскиот сектор ние во EOS Matrix, ги гледаме од една друга перспектива, техничка и процедурална, со оглед на тоа дека сме надвор од банкарскиот систем. Она што можеме ние да заклучиме е дека ни е потребно агилно прилагодување кон поставената насока од релевантните тела и органи на ЕУ, а тоа е елиминирање на сите не банкарски активности од страна на банките, активно и редовно чистење на билансите од нефункционалните кредити, затоа што кризата предизвикана од Covid-19 но и реалната економска и финансиска криза која се јави како последица на енергетската криза само ги забрза веќе започнатите текови како на пример: забавен раст и прилагодување кон реформирано регулаторно опкружување. Од друга страна, дигитализацијата ќе доведе до многу нови дигитални играчи во финансискиот свет како директна и опасна конкуренција на традиционално поставените банки.
Нашата улога во соочувањето со предизвиците во банкарскиот сектор ја гледаме во нашата обврска да дадеме поддршка на Банките и да им претставиме нови и иновативни начини на справување со постоечките предизвици во банкарскиот сектор, а тоа се нашите решенија и продукти кои се во континуирана промена и прилагодување. Несомнено е дека сме дел од финансискиот свет во земјата и оттука го влечеме својот легитимитет за таквиот пристап, додека пак она што го носи нашата компанија како свое искуство, постигнувања и референца не’ прави квалификувани за тоа.
– Финансиската писменост е голем предизвик, особено меѓу младите како идни корисници на банкарски услуги. Дали во овој дел планирате одредени активности?
Во контекст на финансиската писменост, важно е да се разбере колку луѓето имаат финансиски познавања и до кој степен нивното знаење за финансиските поими влијае на нивното финансиско одлучување и однесување, бидејќи тоа понатаму значително влијае на целокупните финансиски процеси. Она кон кое ние како дел од ЕОЅ Групацијата се трудиме и сме насочени е како можеме да го подобриме знаењето за финансиите. Преку нашата ФИНЛИТ Фондација, основана во 2019 придонесуваме кон единствена цел: продлабочување и подигнување на свесноста за финансиската писменост. Во рамки на таа заложба работиме на бројни активности и проекти за кои се надевам дека ќе зборуваме многу повеќе во периодот кој следи.
– Кои ви се идните планови?
Остануваме посветени кон понатамошниот успешен развој на платформата „Finance Talks by EOS“ како вредна алатка која детално ќе ги разработува идентификуваните теми како актуелни и важни за финансискиот сектор и ќе ги вклучи сите засегнати страни во процесот на нивна разработка и разрешување.
Фокусирани сме да продолжиме да иновираме и да ги приближуваме ставовите, практиките и трендовите кои се во рамки на вредностите на ЕУ. Се трудиме да го имплементираме пристапот и начинот на размислување на нашата компанија мајка, ЕОЅ Групацијата и сестрите компании низ Европа бидејќи сметаме дека само тоа е патот којшто ќе не’ направи достојни за да станеме дел од Европската Унија и дека тоа е единствениот начин да придонесеме кон хармонизација на домашниот со финансиските пазари на земјите-членки на ЕУ.
Д-р Катерина Бошевска, генерален директор на EOS Matrix Macedonia, за иновативност.мк
—
ЕОЅ Матрих ДООЕЛ Скопје е дел од Групацијата ЕОS која е водечки финансиски инвеститор со главна дејност управување со побарувања преку активности на преземање на обезбедени и необезбедени побарувања.
Дознајте повеќе за EOS Matrix Macedonia на https://mk.eos-solutions.com/.
Групацијата EOS е водечки технолошки напреден инвеститор и давател на услуги во индустријата за управување со побарувања. Со над 45 години искуство, EOS им нуди на околу 20.000 клиенти во 24 земји ширум светот паметни услуги за сите нивни потреби за управување со побарувањата. Клучните целни сектори на EOS се банкарството, недвижностите, телекомуникациите, комуналните услуги и е-трговијата. EOS вработува над 6.000 луѓе и е дел од Групацијата Otto.
За повеќе информации за EOS Групацијата , одете на: www.eos-solutions.com