Ознаката за доверба поттикнува донации од бизниси и граѓани

- Advertisement -

Што претставува ОЗНАКА ЗА ДОВЕРБА?

За да добиеме вистински одговори на ова прашање, го посетивме штандот на Конект што беше дел од фестивалот на Цивика мобилитас – „Ден на граѓанските организации и социјални претпријатија“ што се одржа во саботата во Скопје. Tимот на Конект детално нѝ ги објасни предностите од стекнување со оваа ознака.

- Advertisement -

Ознаката за доверба претставува саморегулирачки систем кој има за цел на индивидуалните и на корпоративните донатори да им го олесни изборот на граѓански  организации од доверба во коишто сакаат да донираат и да ги поддржат. Ознаката за доверба се доделува на организации што доследно работат за своите мисии, ги штитат интересите на корисниците и донаторите, создаваат вистински промени во заедниците, работат домаќински и одговорно со средствата што граѓаните, бизнисите и институциите им ги донираат. Работат во поширок јавен интерес и тоа одговорно и отчетно го комуницираат во јавноста.

За добивање ознака за доверба можат да аплицираат регистрирани здруженија и  фондации коишто активно работат најмалку една финансиска година. Граѓанските организации коишто веќе ја имаат добиено ознаката за доверба успешно ја поминале фазата на самооценување, за потоа Конект и одборот од експерти и професионалци од различни области  извршил проверка на целата документација поврзана со работењето на организацијата.

- Advertisement -

Ознаката за доверба ни служи да нѐ препознаат корпоративните донатори. Проверката и поврзувањето што го организира Конект им помага на бизнисите полесно да се одлучат да ни донираат. – изјави Маргарита Гулевска, извршна директорка на Отворете ги прозорците, организација со ознака за доверба истакнувајќи ги придобивките.

Приватниот сектор сè повеќе учествува во поддршката за решавање на проблемите во општеството, а компаниите сè почесто бараат партнери помеѓу граѓанските организации.

- Advertisement -

Донирањето и поддршката на организациите со ознаката им го олеснува изборот на донаторите и заштедува време на проверки и претходни анализи.

 „Ознаката за доверба се стреми долгорочно да ја засили соработката помеѓу граѓанските организации, бизнис заедницата, донаторите и јавните институции. Ние во Конект работиме со сите нив и меѓусебно ги поврзуваме. Ознаката за доверба поставува стандард за добро работење и алатката за организациски развој на граѓанските организации коишто се природен партнер на граѓаните и компаниите кои се нивни донатори и поддржувачи” – ни објасни Виктор Мирчевски, програмски раководител во Конект.

Сите дополнителни информации, најдете ги на www.konekt.org.mk како и социјалните мрежи, или закажете состанок за лично да ги добиете сите потребни информации.

Сподели!
- Advertisement -