МАКЕДОНИЈА
Сребрен медал за македонскиот тим на Европската олимпијада по информатика за девојки
Објавено пред 2 часа – 22 октомври, 2022
ОдМакфакс
На втората по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2022), која од 16-ти до 23-ти октомври се одржува во Анталија, Турција, македонските ученички – информатичарки ја заокружија успешната година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, освојувајќи еден сребрен медал.Добивај вести на вибер
Сребрениот медал за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување го освои Софија Велковска од Скопје, а солидно претставување имаа и останатите 3 членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид. Тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученички беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 33-ти пат. Заедно со овој медал, македонските ученици на интернационалните информатички олимпијади само оваа година имаат освоено вкупно 5 сребрени медали, 5 бронзени медали и 3 олимписки
пофалби, што е резултат со кој би биле задоволни и многу поголеми и побогати земји во светот.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар наменет само за ученички, што како иницијатива потекна од успехот на Европската математичка олимпијада за девојки. Форматот на натпреварот е сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми. Натпреварот е исто така придружен и со социјални настани, како што се екскурзии, за време на кои учесниците можат да стекнуваат нови пријателства едни со други, како и да разменуваат дел од своите национални култури.