Работните задачи и нивното организирање и навремено завршување, одредување на приоритетите и постојано дополнување на листата на задачи се секојдневие на секој вработен во современите работни услови. Голем дел од компаниите користат различни платформи заради подобра организација, а македонската алатка Task ‘N Go, која се развива во последните две години, нуди автоматизација на таск менаџмент платформите.
Аритон Занев, CEO на Task ‘N Go вели дека во моментов во употреба е првата, basic верзија наменета за автоматизација на Microsoft Azure DevOps платформата, а се развиваат и про и премиум верзиите. Занев вели дека тимот на Task ‘N Go нема да застане само на Microsoft Azure DevOps, туку во иднина ќе се интегрира и со други платформи.
Новинар – Сања Наумовска
Г-дин Занев, објаснете ни каков тип на платформа е Task ‘N Go?
Task ‘N Go претставува платформа за автоматизација на веќе постоечки таск и проект менаџмент платформи, чија цел е да го пополни недостатокот помеѓу платформите и нивните корисници. Со нашиот производ, сакаме да ја зголемиме автоматизацијата и продуктивноста во рамки на тимовите, преку збогатување и надоградување на постоечките алатки за управување со проекти и задачи.
Првата платформа за која производот нуди автоматизација е Microsoft Azure DevOps, платформа која брои 150 милиони корисници низ светот. Во овој момент ја лансираме првата, Basic верзија од Task ‘N Go, каде што нашите корисници ќе ги добијат функционалностите “Spotify for Developers” и “Automatically sorted To-Do list”, заедно со импортирање на нивните организации од Мајкрософт во времетраење од една минута. Во рамки на првата верзија добиваат и можност да работат во повеќе организации, листа на нивните проекти, таскови, вработени, нотификации преку кои можат да менаџираат со работните задачи и многу други функционалности.
Се разбира, нашите планови и цели не запираат со првата верзија. Веќе ги развиваме про и премиум верзиите во кои корисниците може да очекуваат “Real-time metrics and analytics”, како и “Machine learning prediction”, кои во рамки на нивните компании ќе им овозможат да бидат информирани во секое време што се случува со нивните проекти и ресурси. Можеме да кажеме дека секоја од верзиите е намената за различен оддел во компаниите. Во првата верзија целта е да им помогнеме на крајните корисници, односно на програмерите, дизајнерите, додека во следните верзии насоката е кон главниот и вториот ешалон на менаџмент, како и секторите за продажба и човечки ресурси. Конкретно, решивме да започнеме со крајните корисници, односно Basic верзијата, бидејќи целта е да се добие релевантни информации за работата во компанијата, кои се од голем интерес за про и премиум верзиите.
На Task ‘N Go, нашиот тим активно работи две години, при што, покрај вложените средства и време, партиципиравме во неколку програми кои одиграа голема улога во рамки на нашиот развој, една од нив беше акцелераторската програма на Бизнис Аклецелаторот УКИМ, кои се и нашите први инвеститори.
Каков е бенефитот за компаниите од користењето на Task ‘N Go?
За почеток, можеме да кажеме дека производот е наменет за корисниците на платформата Microsoft Azure DevOps, но бидејќи нашиот план е во иднина да се интегрираме и со други платформи, тогаш дефинитивно нашиот пазар би се зголемил. Поконкретно, главна цел ни се компании во ИТ индустријата, но на наше изненадување, наш корисник е и маркетинг агенција, Publicis groupe.
Во рамки на првата верзија од производот главниот бенефит се однесува на крајните корисници, односно програмерите, дизајнерите во рамки на компаниите. Тоа се тие кои имаат секојдневни таскови, за кои што треба да информираат и константно да внесуваат податоци во рамки на платформата која компанијата ја користи. Првиот и најголем проблем кој беше детектиран од наша страна е тоа што оваа таргет група на луѓе не сакаат да трошат дел од своето работно време на пребарување која е следната задача, а воедно и да прават голем број кликови само за да ги сортираат своите обврски. Програмерите, дизајнерите и другите корисници на овие платформи, сметаат дека овој дел им одзема многу време, ги дефокусира од нивното работење, а воедно им претставува монотон процес.
За решавање на овој проблем ја изработивме првата верзија од Task ‘N Go, односно како што ние ја нарекуваме „Spotify for developers“. Во оваа верзија на крајните корисници им даваме автоматски генерирана „То-do“ листа од нивните задачи кои се сортирани по дата, краен рок за изработка, приоритет и сериозност. Надоврзано на „То-do“ листата, корисниците добиваат и системска нотификација што ќе им овозможи процесот на менаџирање да биде сличен како слушање на музика на апликација на нивните мобилни уреди. Оттаму нашата прва верзија асоцира на апликацијата за музика „Spotify“. Се што е потребно е корисникот да кликне „Play“ и да почне да работи, може да ја паузира задачата со клик на „Pause“ или да го затвори како завршен со клик на „Done“, секако може и да избере наредна задача.
Со самото ова решение на крајните корисници им го намалуваме времето за работење со таск менаџмент програма на 5-10 секунди, а од друга страна им е позабавно за користење. Сите податоци кои се потребни за една задача на база на активност на корисникот се пополнуваат автоматизирано. Целта е да ги поттикнеме крајните корисници да управуваат со своите задачи во програмите, а со тоа да му овозможиме на менаџментот да биде навремено информиран за тоа што се случува во секое време. Со решавање на првиот проблем добиваме податоци во реално време и можеме да произведеме извештаи за проект менаџерите, продукт сопствениците или акаунтите за проектите, ресурсите и проблемите кои би можеле да се случат.
Третиот проблем се предвидувањата и понудите кои верувале или не, се со грешки од 60-100 и повеќе проценти. Овој проблем го решаваме со AI алгоритам кои на база на податоците од претходното работење на компанијата, нашите корисници ќе можат да предвидат рокови, проценки и тајмлајни за нивните проекти. Трите проблеми кои ги решаваме се однесуваат на три различни целни групи: крајни корисници (програмери, дизајнери, копирајтери итн), проект менаџери, сопственици на проекти и акаунти, C-левел менаџмент, продажба и HR. По пласирање на овие верзии на пазарот планот е да се интегрираме со повеќе таск менаџмент платформи кои ќе го заокружат и крос-платформ сегментот.
Која е предноста на Task ‘N Go во однос на сличните платформи за управување со задачи кои постојат на пазарот?
Ова прашање во суштина е многу лесно да се одговори. Бидејќи ние немаме директна конкуренција, туку сме комплементарни со постоечките платформи односно ги доближуваме и автоматизираме до крајните корисници. Затоа и бенефитот е заеднички. Од друга страна, ниедна од постоечките платформи не би се мешала со друга платформа бидејќи се конкуренција, а ние како независна платформа даваме можност за интеграција која сама по себе внесува квалитет, брзина во оперативност и реалност во работењето и користењето на ресурсите.
Која беше инспирацијата на вашиот тим за креирање на ваков тип на платформа?
Потребата се јави низ годините работејќи во ИТ секторот. На база на моето 20 годишно искуство водејќи ИТ компании како и на Филип Керазовски нашиот CTO со 15 години во ИТ индустријата, работејќи со различни клиенти низ годините работевме на различни платформи за таск менаџмент. Секој клиент има различно искуство и потреба да наметне различна платформа., меѓу кои и Jira, Azure DevOps, Maister Task, Assana итн. Сепак на крајот од ниту една платформа не го добивме она што нас ни требаше, ниту пак клиентите. Во одреден момент менаџирајќи ја нашата компанија која работеше за повеќе клиенти користевме повеќе таск менаџмент платформи и не можевме да имаме навремени податоци кој ресурс колку е искористен, бидејќи анализата од сите платформи за секој ресурс и проект ја добивавме во еден извештај дури по две до три недели. А со самото анализирање на резултатите и нашата реакција доцневме и по четири до пет недели што за клиентот е неповолно и претставува финансиска загуба за компанијата.
Во тој момент се запрашавме со Филип, што би било доколку направиме алатка која ќе работи крос-платформа и ќе ги интегрира податоците во една база. На тој начин ќе овозможиме реална слика која ќе може да алармира за одреден проект или ресурс, во интерес компаниите да бидат поефикасни во своето работење. Го екипиравме денешниот тим, ја презентиравме идејата и направиме една бура на идеи, како и план за истражување и мапирање на проблемите. Во истражувањето вклучивме различни позиции од различни компании. Од овие фокус групи произлегоа неколку проблеми кои ги детектиравме и сфативме дека нашата идеја за крос платформа алатка е одлична и потребна на сите компании кои се занимаваат со давање услуги на пазарот.
Неодамна добивте инвестиција од Бизнис акцелераторот УКИМ, за што ќе се насочат овие средства?
Оваа инвестиција е иницијална каписла на тоа што следува и потврда на Task ‘N Go платформата како производ кој е потребен на пазарот. Целта е да не застанеме, туку да поттикнеме повеќе инвестиции во pre seed фазата од нашата платформа. Средствата од инвестициите во оваа фаза планираме да ги искористиме во најголем дел за развој на останатите верзии од производот, а дел ќе бидат вложени и за продажба и маркетинг, кои очекуваме да ни дадат уште појасна слика за нашите sales funnels и маркетинг алатки. Секако со оглед на тоа дека сме стартап многу големо значење ќе има фидбекот од клиентите и нашата агилност за да направиме подобар производ за корисниците.
Какви се вашите планови за развој на Task ‘N Go во иднина?
Можам да кажам дека имаме многу големи планови и цели кои треба да ги постигнеме во следните неколку години. Во претстојниот период сме фокусирани на лансирање на трите главни верзии на Task ‘N Go, како и интеграција со Microsoft за претплата и наплата. Потоа почнуваме со онлајн продажба, тестирање на нашите маркетинг и стратегии за продажба како и интеграција со Power BI за метрика во реално време и аналитика како дел од верзијата Про. Откако ќе ги лансираме трите верзии и ќе поставиме сигурна основа со клиентите, ќе почнеме да ја реализираме функционалноста крос-платформа и во интерес на истата планираме да се интегрираме со Jira, како втора платформа покрај Microsoft Azure DevOps. Во индина, планираме да направиме и проширување во САД, во моментот кога ќе го активираме вториот круг на инвестиција.
Кажете ни нешто за вашата компанија и за тимот што работи на платформата.
Комапанијата Task ‘N Go е основана во септември 2022 година од тимот кој изминатите две години работеше на проектот. Инаку е спиноф компанија на „Ворхол“ која се занимава со развој на софтвер за различни клиенти. „Ворхол“ во последните години е насочен кон имплементација и креирање на решенија за дигитална трансформација. Тимот кој работи на Task ‘N Go се ентузијасти и сите се косопственици. Покрај мене тука се и CTО-Филип Керазовски, PO-Јована Маџовска, Tl- Мики Димитров, UI&UX Дејан Зафировски и Dev-Игор Чадиковски.