Валери Петров: Спојувањата и аквизициите (M&A) се успешен модел за обезбедување инвестиции секаде во светот

- Advertisement -

Интервју со Валери Петров, консултант од Бугарија и партнер во Axxess Capital

Спојувањата и аквизициите (M&A) се многу често користен модел на обезбедување инвестиции и раст на компаниите во развиените земји. Особено се погодни за развој на мали и средни претпријатија, кои се основа на економијата во Македонија, но и во земјите од регионот и Европа. Во нашата земја постојат повеќе успешни примери за M&A трансакции, но експертите посочуваат дека постои голем потенцијал за раст во оваа област од која бенефит можат да имаат и претприемачите и инвеститорите.

На темата M&A разговараме со Валери Петров, консултант од Бугарија и партнер во Axxess Capital. Тој неодамна во нашата земја одржа обука за консултанти во областа на M&A. Обуката беше дел од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем кој од 2017 година го поддржува развојот на компаниите преку кофинансирање на консултантски услуги, особено во областа на пристап до финансии.

- Advertisement -

Идејата, според Петров, е да се подготват што повеќе експерти кои ќе помогнат да се развие M&A индустријата и практиката во земјата.

Разговарање- Сања Наумовска

- Advertisement -

Во Македонија многу малку се случуваат M&A како форма на обезбедување на инвестиции и финансии. Кои се причините за тоа и како е во другите земји од регионот и од Европа?

Моето искуство е генерално во земјите од Централна и Источна Европа. Во поразвиените пазари, како Западна Европа и во САД M&A трансакции стотици илјади секоја година. Во овој дел од Европа, пак, интензитетот е многу помал, од причина што и пазарите се помали и понеразвиени. Колку е помал пазарот, реално е толку помалку зделки да има.

- Advertisement -

Ова, секако има врска и со нивото на годишниот раст и размената во економијата, исто така и со едукацијата на претприемачите и на стопанствениците, односно со развојот на инвестиционата култура. Сметам дека во Македонија инвестиционата култура има сѐ уште простор да се развива. Тоа е и целта на обуката што ја одржавме, а која беше насочена кон тоа да подготвиме што повеќе квалитетни финансиски советници. Идејата беше и на консултантите да им го приближиме македонскиот контекст, како да им се приближат на своите клиенти и како да иницираат таа инвестициона култура да почне да се развива.

Исто така, треба да постојат и инвестициони можности, односно на пазарот реално да постојат интересни компании кои се продаваат или се развиваат или имаат потреба од капитал за да растат.

Уште еден драјвер за M&A инвестиции е и случајот кога претприемачите на пример, се во одредена возраст, а немаат наследник на бизнисот. Тие бараат излез кој ќе биде најповолен за нив и да можат да уживаат во плодовите на својот труд. Овој процес, на пример, во Чешка започна пред 15 години и генерираше многу M&A трансакции. Во Бугарија и Романија почна пред 6-7 години и стана исто така голем извор на овие трансакции. За еден таков период, ако не и побрзо, истото очекувам да се случи и во Македонија. Мора да споменам дека многу важен е политичкиот контекст во поглед на стабилноста на инвестициите бидејќи за инвеститорите тоа е еден од главните услови при донесување на одлуката за инвестирање. Сега, со влегувањето на Македонија во НАТО, верувам дека ќе се привлече повеќе капитал.

Зошто една компанија треба да се одлучи на ваков начин за привлекување финансии. Кои се клучните причини за да бара ваква инвестиција?

Голем проблем секаде на Балканот е што претприемачите решаваат да го продаваат бизнисот секогаш ќе се најдат во некакви проблеми. А треба да е точно обратно, компанија се продава кога е во најдобра позиција, за да се земе најдобрата сума. Тоа е дел од бизнис културата и за тоа на овие простори треба да се реализираат обуки за претприемачите.

Најчестата причина да се бара инвестиција преку M&A е потребата од капитал. Дали компанијата има потреба да инвестира во внатрешната структура, во нови капацитети, или во нова опрема или нови производи, дали сака да го зголеми извозот или пак да се обезбеди раст со купување нови компании…. Сето ова се причини заради кои може да се побара инвеститор кој би помогнал со својот капитал да се реализираат и да се постигнат целите.

Постојат и многу други причини, на пример го споменавме пензионирањето. Можни се и ситуации како на пример, конфликтот меѓу партнерите, кои не можат да работат заедно па сакаат да го продадат бизнисот на трета страна. Или, пак, едноставно причината може да е отворањето на добри бизнис можности.

Има ли во Македонија успешни примери на M&A?

Да, секако, има повеќе успешни примери во кои поголеми македонски компании купиле други компании. На пример, „Макпрогрес“ инвестираше во „Дониа“, а „Витаминка“ ги купи средствата на „Брилијант“.

Дали е неопходно постапката на M&A да ја води стручен тим?

Секогаш кога има потреба за привлекување на финансиски или стратешки инвеститор, особено ако тој е надвор од Македонија има потреба целата постапка да ја води стручен тим на консултанти. Финансискиот советник кој што ги познава процесот и алатките и има успешна практика е потребен за целиот процес да биде успешно реализиран, за да се обезбеди квалитетна документацијата и успешно затворање на целиот процес. Тоа е клучот на успешната M&A трансакција. Претприемачите на Балканот мислат дека можат сѐ и знаат сѐ, а тоа е голем проблем во светот на бизнисот. Така, ако отидат на преговори со искусни инвеститори или фондови, не знаат како да ја водат трансакцијата и наместо да ја зголемат вредноста на своите компании, тие ја намалуваат. Еден искусен консултант ќе им помогне токму во тој дел, да добијат што поголема вредност, а пред сѐ својата компанија да ја презентираат во вистинско светло, односно да ги истакнат позитивните страни.

Доаѓаме до заклучок дека паралелно со консултантите, треба да ги обучуваме и претприемачите?

Дефинитивно точно. И Бугарија и Романија го направија тој процес пред 10-15 години. Беше спроведена кампања во речиси секој град, во која беа вклучени огромен прој претприемачи. Тие добиваа едукација и се запознаа со процесите на M&A и тоа ги дава потребните резултати.

Колку M&A се погодни за мали и среди претпријатија, со оглед на тоа што овие компании се носители на економијата во Македонија, но и во други земји?

Не само тука, туку и во развиените држави, малите и средните претпријатија се носители на економијата. Мислам дека токму за нив ова е одличен начин за обезбедување на финансии. Речиси на секоја компанија, за да може да се развива и да расте ѝ треба капитал. Многу често тие се соочуваат со финансиски јаз кој може да се пополни од надворешни инвестиции, особено во земји како Македонија, каде потребата од надворешни инвестиции е огромна. Ова е начин малите економии да растат и да се развиваат. Пример за тоа е Сингапур, земја која пред пет-шест децении економски беше далеку послаба отколку што сега тоа е Македонија. Денеска Сингапур е светска економија, а големината на државата и понатаму е иста. Така што, според мене M&A, ако не е единствено, ама е најважно решение за привлекување на странски капитал потребен една мала економија да расте. Кога велам мала економија, не мислам само на Македонија, туку и на Бугарија, Србија и други земји од регионот.

Сепак, освен интересот на компаниите, треба да постои и интерес од инвеститорите, своите пари да ги вложат во нив. На кој начин можеме да привлечеме инвеститори?

За тоа постојат повеќе услови. Првиот е политичката стабилност на земјата, која е основен услов што го бараат сите инвеститори кога размислуваат дали да инвестираат. Вториот услов се компаниите. Тие треба да го привлечат интересот на потенцијалните инвеститори. Во Македонија има многу интересни компании, но досега, заради ризикот од првата причина, беа вон радарот, никој не ги гледаше. Очекуваме тоа наскоро да се промени.

 

Сподели!
- Advertisement -