Благојa Муканов: Им помагаме на фармерите во Шпанија и Франција со дигитални решенија да заштедат ресурси и да добијат поголем и поквалитетен род!

- Advertisement -

Со м-р Благоја Муканов отворено за  проблеми во земјоделството и можностите кои ги нуди имплементацијата на иновациите во дигиталното земјоделство

Благоја Муканов e основач и извршен директор на АгФутура Технологии, македонска иновативна компанија која  обезбедува поддршка за земјоделскиот сектор и прехранбената индустрија со иновативни решенија во областа на прецизно земјоделство, бизнис планирање и развој и маркетинг во земјоделско-прехранбената индустрија. Со еден збор компанија која успешно комбинира иновативни уреди за прецизно мерење и прибирање на податоци, алгоритми за обработка на податоци и квалификувани експерти кои од тие информации носат заклучоци и препораки за крајните корисници- Со оглед на развиеноста на земјоделскиот сектор, најголем дел од нивните клиенти се од европските земји  додека во Македонија пробивот на пазарот oди потешко.   

- Advertisement -

Со него разговаравме на Оhrid Blue Economy Summit кој се одржа неодамна во Охрид во организација на консултантската компанија Prime Point.

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Г-н Муканов, кажете ни нешто повеќе за АгФутура Технологии?

АгФутура Технологии е иновативна компанија која се занимава со бизнис планирање, развој и консалтинг во агросекторот,. Специјалност ни е управувањето со дигитални податоци, односно применуваме технологии кои генерираат податоци кои помагаат  во процесот на донесување одлуки во насока на оптимизација на земјоделското производство.

- Advertisement -

Во примарното земјоделско производството работиме на две полиња, и тоа: технолошко усовршување и подобрување на бизнис моделот на фармата. Тоа значи дека кога една фарма доаѓа кај нас со барање да  оптимизира и да го подобри производството започнуваме со прибирање на основните  податоци и информации за расположливите ресурси како производна површина, механизација, работна сила и видови на земјоделски култури кои се произведуваат кај клиентот. Овие податоци комбинирани со податоците добиени од различни видови на дигитални алатки, податоци кои ги собираме со помош на дронови и сателити ни овозможува  достапност до прецизни информации за вегетацијата и прогресот на производството. Тие ни кажуваат што и кога треба да се промени во процесот на вегетација на растението, но и по завршување на вегетацискиот циклус на одгледуваните култури. Со помош на тие податоци ќе добиваме увид во тоа што треба да се промени за производството да може да се оптимизира. Тие податоци потоа влегуваат во специфични алгоритми кои решаваат одредена проблематика во сферите на носење одлуки за примена на агротехнички мерки. На пример, имаме специфични алгоритми како подобро да се врши прихрана на растенијата и колку ѓубриво е оптимално да се употреби во даден вегетациски период. Понатаму, кога станува збор за здравјето на растенијата,  кога и какви агротехнички мерки да се применат за да се заштитат растенијата од здравствени хазарди. Многу работиме на тоа да се оптимизира и наводнувањето во насока на користење на онолку вода колку што е потребно во даден период. Она што е најважно е дека водата е поврзана со одреден енергенс и ние воедно нудиме експертиза како да се намалат потрошените енергенси при наводнување на одредена површина со специјализирани програми базирани на дигитални податоци. Фактички, преку имплементација на дигитални уреди и преку анализа на податоците  овозможуваме конкретни препораки во делот на секоја група на агротехнички мерки во текот на еден вегетациски циклус.

Дали тоа значи дека на самите земјоделски површини поставувате одредени уреди за мониторирање и прибирање на информации?

Има различни модели. Постојат клиенти кои сакаат детален и навремен увид, за тоа што се случува на нивните површини и за таа цел потребен е  увид во метеоролошките услови, состојбата на почвата и слично, кој се овозможува со помош на  различни типови на сензори како што се метеоролошки станици, сензори за почва и сл.. Постојат и клиенти кои се потпираат само на сателитски и дронски податоци што преставува поевтин комерцијален модел на нашите услуги. Инаку ние имаме сопствени дронови, претплатени сме на услуги  од  различни провајдери на сателитски слики од кои добиваме  високо прецизни податоци  кои ни овозможуваат да го насочиме земјоделецот или агрономот каде е проблемот, од каде произлегува и како да го реши. Постојат различни модели на соработка, кои се поставуваат во зависност од потребите и можностите на клиентите.

Што откако ќе се соберат сите овие податоци? Дали тие сами ги користат или вие им ги „толкувате“ со давање на најсоодветно решение?

И ова се дефинира согласно потребите и можностите на клиентите. Имаме големи клиенти за кои на нашата платформа се креира т.н. дигитален хаб каде што се складираат сите податоци и каде што клиентот исто така внесува податоци за да се добие прецизна слика во секој даден момент во периодот на вегетација. Постои и пасивен модел, кој обично го користат помали клиенти, при што клиентот пристапува на хаб креиран од наша страна во кој ние го контролираме процесот на прибирање информации. Значи, на располагање се автономен и полуавтономен систем за прибирање и управување со податоците и советување.

Кои се клиентите на вашите иновативни решенија?

Колку се оди посеверно и позападно од Македонија имаме повеќе клиенти и полесно стигнуваме до нови клиенти.

Работиме многу во Шпанија, во Франција, Словенија, Хрвастка додека кај нас се користат парцијални решенија, како што е програмата за исхрана на растенија и делумна оптимизација на управување со механизацијата, но не и целосни пакети за оптимизација. Не сакам да звучам критички и песимистички. Делумно лошата економска ситуација е главно ограничување, но не го разбирам отсуството на храброст.

Од моето 20 годишно искуство во секторот имам чувство  дека не можеме да излеземе од конзервативноста која постои во бизнисот. Во бизнисот мора да има поголема агилност, храброст и желба за експериментирање. Ние на нашите клиенти постојано им укажуваме дека сме партнери во реализирање на услугата и исто така нашиот модел нема да заживее и нема да даде резултат ако не се верува во продуктот. Ова е концепт, не е машина. Се базира на одредени алатки, но клучот не е во алатите. Клучот е во квалитетот на податоците, доволно добрите алгоритми за пресметување на варијаблите релевантни во процесот на одлучување и конечно во толкувањето на податоците. Тоа е невидливо и најчесто домашните клиенти се скептични кога нештата не можат да ги видат.

Првата бариера со која се соочуваме е да поверуваат дека тоа што го купуваат реално ќе им помогне. Во најголем број случаи нашата технологија дава резултати уште во првиот месец.

Во целата оваа приказна дефинитивно најважни се заклучоците кои се добиваат и советите како да се постапи за да се добие најдобар и оптимален резултат. Кој стои зад толкувањето на податоците во АгФутура Технологии?

Во овој контекст би сакал да истакнам дека тимот на АГФутура Технологии е клучот на успехот на компанијата. Се работи на тим од експерти, практичари и научници од повеќе стручни сфери кои гравитираат околу земјоделството како стопанска гранка. Имаме локален, квалификуван и ентузијастички тим, на агрономи, економисти, биолози и хемичари кој со своето стручно знаење и практично искуство има голем удел во развојот на компанијата и квалитетот на услугите кои ги нудиме. Освен локален, имаме развиено широка мрежа на меѓународни експерти од Шпанија, Унгарија, Чешка, Грција, Кипар како и мрежа на соработка со најврвните академски институции во Европа итн. Нивните услуги и логистички капацитети ги користиме кога ни треба некое специфично знаење односно некоја специфична апаратура која во Македонија не е достапна. Нашата мрежа на специјалисти од најразлични полиња е стекната благодарение на бројните меѓународни проекти на кои работиме.

Ве молам да ни ги илустрирате конкретните придобивки од користење на вашите услуги на еден конкретен пример.

Би го истакнал примерот со виновата лоза, имено  производителите на винова лоза се наш голем клиент и овој земјоделски потсектор е еден од најпрогресивните во споредба со овоштарство, производството на житарици итн. Производството на винова лоза е значаен пазар за нашите услуги, затоа што е производство со висока додадена вредност и свесноста на клиентите од овој сектор за примена на нови технологии е многу повисока. Во делот на винариите сме многу ефикасни и едни од најбараните програми се програмите за наводнување Наводнувањето директно корелира со квалитетот на виновата лоза. Преку наводнувањето може директно да се влијае на нивото на стрес кое растението треба да го постигне за да го задоволи потребното ниво на шеќерни единици. Со нашата програма може да се постигне потребното ниво на таканаречен воден стрес кој го гарантира оптималното ниво на шеќерни единици. Тоа е квалитативниот аспект на таа услуга.

Од трошковен аспект, има сериозно намалување на трошоците за вода и за електрична енергија затоа што ја одредуваме точната количина на вода потребна во даден временски период и знаеме точно колку треба да работи системот за наводнување за даден воден стрес. Тоа е една од најбараните програми од винската индустрија и тука доминираат клиенти од Шпанија и Франција. Ова е особено апликативно за насади со систем капка по капка, а на Балканот сè уште доминира систем за наводнување со бразда и во тие случаи помалку може да интервенираме.

Што правите вие како компанија за да се  унапреди земјоделското производство и во нашата земја?

Факт е дека Македонија е земја со голем земјоделски потенцијал, но ако не се пратат современите трендови на дигитализација  многу лесно ќе ги изгубиме пазарите. Ние не настапуваме масовно на пазарот, туку ги таргетираме прогресивните фармери затоа што најважно ни е најпрвин да го разберат производот и второ, стратегијата на продажба ја базираме на принципот ‘прво едукација, а потоа продажба’. Најблизок за споредба со нашиот систем е ERP системот за сметководство и управување со податоци. Една од причините за слабиот интерес во Македонија е и тоа што овој сектор е доста маргинализиран и недоволно поддржан. Постојат сериозни слабости во системот на едукација што резултира со недостиг на агрономи и друг  стручен кадар во земјоделството.

Сподели!
- Advertisement -