Со апликацијата на Green Energy Group секој ќе може да си провери дали му се исплатува инвестиција во фотонапонски систем

- Advertisement -

Економската и енергетската глобална криза уште еднаш го свртеа вниманието на компаниите, но и на домаќинствата, кон инвестициите во обновливи извори на енергија. Изобилието на сончеви денови во нашата земја е еден од главните предуслови што дополнително го поттикнува овој интерес, покрај економските и еколошките придобивки.

Трендот на инвестирање во фотонапонски системи мора да продолжи и по стабилизирањето на цените на берзите, а државата мора да го стимулира инвестирањето во фотоволтаици за компании и домаќинства, вели Сара Анева, дипломиран инженер по електротехника и експерт за енергетика и обновливи извори на енергија, во интервју за емисијата Агенда 35 кое Иновативност го пренесува во целост.

- Advertisement -

Анева работи како аналитичар и проект дизајнер во Green Energy Group, (GEG), компанија со директна странска инвестиција од Австрија чија основна дејност е проектирање, изведба и одржување на фотонапонски централи на покриви за станбени и комерцијални објекти и на земјени површини. Компанијата на полето на енергетика и обновливите извори на енергија во земјава активно работи од 2020 година, пред се на проектирање и изведба на фотонапонски централи и на техно-економски анализи. 

Разговараше- Верица Јорданова

- Advertisement -

Г-ѓа Анева, каков е моменталниот интерес на компаниите и индивидуалните инвеститори да инвестираат во сопствено производство на струја од соларна енергија? 

Поради енормното зголемување на цените на електрична енергија во 2021 и 2022 година голем број од компаниите се соочија со предизвици како при производството да го задржат квалитетот на своите производи, односно истиот да не се намали поради кризата и поради тешкотиите кои се јавија при снабдувањето со електрична енергија, како да ја одржуваат цената на својот производ или услуга достапна и најважно од се како да опстојат на пазарот.

- Advertisement -

Ако до пред неколку години во Р. Северна Македонија во фотонапонски централи инвестираа само неколку поголеми компании кои располагаат со поголем капитал, а се со цел профит од истите, последните две години инвестирањето во фотоволтаични централи компаниите го гледаат како спас од кризата во која се наоѓаат, предизвикана со растот на цената на електричната енергија, што за жал е појава, не само кај нас, туку во цела Европа. Овие две години целта повеќе не е да се профитира, дури ни да се заштеди, туку да се дојде до точка на исти годишни трошоци за електрична енергија како и пред поскапувањето. Моментално, на HUDEX берзата се случува нормализирање на цените на електрична енергија, а со тоа и интересот на компаниите во ваквите инвестиции опаѓа. Меѓутоа ваквата состојба е варијабилна, а имајќи ги предвид случувањата на глобално ниво, сосема е нормално да очекуваме повторен пораст на цените на берзата на електрична енергија.

Во врска со домаќинствата, поради новите измени во Правилникот за обновливи извори на енергија од јули 2022 година се забележува зголемен интерес на граѓаните за инвестирање во фотонапонски системи на своите кровни површини, но се уште е на незадоволително ниво. Можеби тоа се должи на недостатокот на едукација на граѓаните во врска со овие технологии и промовирање на истите. Како друга можна причина за ова се јавува и начинот на кој се врши откуп на вишокот на произведена електрична енергија од фотонапонските системи поради што рокот за поврат на инвестицијата за домаќинствата со помала потрошувачка на електрична енергија е значително долг.

Како, според Вас, може да се зголеми интересот кај инвеститорите за ориентирање кон обновливи извори на енергија?

Во оваа насока, нашата компанија изработи апликација преку која граѓаните сами ќе можат да проверат дали ќе им се исплати инсталирање на фотонапонски систем. Како влезни параметри во оваа апликација граѓаните ќе треба да внесат податоци за потрошувачка на електрична енергија од една календарска година, да изберат ориентација на кровната површина на која сакаат да инсталираат фотоволтаичен систем, регион во кој живеат, да изберат тип на панели понудени се два типа со различна моќност, моќност на фотонапонскиот систем (понудени се четири типа на фотонапонски системи со капацитет од 3 kW, 4 kW, 5 kW, и 6 kW) и да изберат дали станува збор за обично домаќинство или домаќинство кое како основен вид за греење користи електрична енергија.

Исто така, доколку во иднина планираат да приклучат дополнителен потрошувач, на пример топлотна пумпа, имаат можност да внесат за колку проценти би се зголемила нивната потрошувачка на годишно ниво. Врз основа на овие податоци, апликацијата прави детална финансиска анализа на фотонапонскиот систем која вклучува преглед на производството на електрична енергија од избраниот фотонапонски систем на годишно ниво, цена на инвестиција, период на поврат на инвестиција, годишни заштеди и процентуално намалување на трошоци за електрична енергија по инсталирање на фотонапонски систем.

Во извештајот се вклучени и основните податоци за фотонапонскиот систем како што се вкупната инсталирана моќност, број на соларни панели, број на инвертори и нето потребен простор за инсталирање на системот. Од друга страна, се добиваат и грaфици на кои се прикажани кривите на потрошувачка, производство, вишок и употребена електрична енергија. Доколку постои дилема за изборот на инсталирана моќност на системот, во извештајот од апликацијата се добива и споредба на излезните податоци со симулирање на фотонапонски системи со различна моќност. Овде може да се провери за конкретните влезни параметри кој тип на систем е најисплатлив.

Апликацијата наскоро ќе биде достапна на нашата веб страна каде секој кој сака да инвестира во фотонапонски систем ќе може да провери дали ќе му се исплати и со кој капацитет треба да биде димензиониран системот според неговата потрошувачка.

Дали зголемениот интерес за инвестирање во фотоволтаични централи во моментов е моментален бум и одговор на кризата или добра долгорочна стратегија на државата?

Изведените електрани во 2021 и 2022 година беа воглавно од иницијатива на компаниите со цел да се заштитат од високите и непредвидливи цени на електрична енергија.

Ако зборуваме за долгорочна стратегија на државата тогаш неопходно е државата да стави акцент на три клучни сегменти:

  • Поттикнување на правните лица да инвестираат во фотонапонски системи.

Државата треба да ги анимира и крајно да ги поддржува компаниите кои имаат можност, пред се финансиска, на кровните површини да инсталираат фотонапонски системи како перманентна определба со цел независно од тоа дали во моментов, заради опаѓање на цените на електрична енергија на берза, таа инвестиција е високо профитабилна. Ова е неопходно за да и државата, која знаеме дека е енергетски високо зависна, а и самите правни лица, се заштитат од евентуални драстични промени на цените на берзата на електрична енергија. Со ова и државата и компаниите ќе бидат многу поотпорни на овие промени, а фирмите ќе можат да имаат контрола над цените на своите производи кои нема да зависат од цената на електрична енергија.  

  • Поттикнување на домаќинствата да инвестираат во фотонапонски системи.

Домаќинствата претставуваат голем потенцијал за намалување на енергетската зависност на државата. Тие треба да бидат дополнително стимулирани да инвестираат во фотонапонски системи преку различни финансиски стимулации и поволни услови за откуп на вишокот на произведена електрична енергија од нивните системи.

На пример, со сегашната пресметка на вишокот произведена електрична енергија од фотонапонски системи до 6 kW за домаќинствата, ако заминете на одмор месец дена и имате минимално преземена електрична енергија од универзалниот снабдувач, за електричната енергија што ќе ја предадете во електродистрибутивната мрежа ќе добиете надомест од околу 10 евра. Сметаме дека овој дополнителен коефициент, кој се јавува во формулата за пресметка на цена на електрична енергија од фотонапонски системи за домаќинствата во пресметковни периоди кога преземаната електрична енергија од електродистрибутивна мрежа е помала од произведената и претставува однос на преземаната и предадената електрична енергија во електродистрибутивна мрежа треба да се укине бидејќи во моментот потенцијалните инвеститори се дезориентирани.

  • Инвестирање во агроволтаици.

За време на енергетскиот бум голем дел од инвеститорите инсталираа фотонапонски централи на земјиште. Во овој сегмент државата мора да донесе стратегија дека вакви централи може да се градат исклучиво на земјиште од висока категорија бидејќи станавме држава увозно зависна од храна. Прва и втора категорија на обработливо земјиште во никој случај да не може да се пренамени за инсталирање на фотонапонски централи, трета и четврта на обработливо земјиште исклучиво да може да се пренамени за инсталирање на агроволтаици, а од петта категорија па натаму да има можност за инсталирање на фотонапонски централи.  

Инсталирањето на агроволтаиците е речиси дупло поскапо од инсталирање на класичните фотонапонски централи на земја. Државата мора да најде начин како да субвенционира изградба на агроволтаици со цел, освен намалувањето на енергетска зависност да се намали и зависноста од увоз на храна. Агроволтаиците ќе обезбедат услови за многу поквалитетен земјоделски производ.

Кои се според вас клучните бенефити од користење на сонцето како извор на енергија?

Бенефити од инвестирањето во фотонапонски системи постојат многу. Сонцето е бесплатен извор на енергија, а ние како земја го имаме во изобилие. Германија која е држава со мали ресурси на сончева енергија инвестира, ги поттикнува граѓаните и со законски мерки ги задолжува индивидуалните инвеститори и правните лица да инсталираат фотонапонски системи. Ако е исплатливо во Германија, кај нас овие инвестиции се и треба да бидат уште поисплатливи.

Со поставување на фотонапонска централа годишно едно домаќинство може да покрие над 30% од вкупната годишна потрошувачка за електрична енергија. Компаниите, пак, покрај тоа што можат да заштедат преку производство на енергија за сопствени потреби, тие ќе ја зајакнат својата општествена одговорност со намалување на загадувањето на воздухот.

Р.С. Македонија е енергетски зависна земја, а со тоа електричната енергија во нашата земја зависи од цените на електрична енергија на пазарот на електрична енергија кои се непредвидливи. Доколку околу 50 000 домаќинства инсталираат фотонапонски системи од 6 кW тоа е потенцијал од 300 MW или годишно производство од 400-500 GWh електрична енергија. Ако овие домаќинства и 70% од големите и средни компании бидат доволно стимулирани и инвестираат во фотонапонски системи на кровните површини, кои дел од произведената електрична енергија ја предаваат во електродистрибутивната мрежа, а дел ја користат за сопствени потреби, значително ќе се намали увозот на електрична енергија и ќе се постигне поголема енергетска независност, а со тоа и намалување на инфлацијата.

Како последно, но не и помалку важно, со ваквите инвестиции ќе ја забрзаме енергетската транзиција, бидејќи нашата држава е една од земјите потписнички на Парискиот договор од 2015 година со што се обврза до 2050 година да стане јаглеродно неутрална.

Според Вашето досегашно искуство каква е исплатливоста на овие инвестиции? Има ли позитивни примери на компании во земјава?

Може да кажам еден пример за веќе инсталираната фотонапонска централа на Винаријата „Тиквеш“, која е со вкупна инсталирана моќност од 1,568 MWh. Анализите покажаа дека годишната потрошувачка на „Тиквеш“ е околу 3000 MWh, предвиденото производство од фотонапонската централа е околу 2200 MWh годишно, употребената електрична енергија е 1200 MWh годишно, а вишокот на електрична енергија кој се предава во електродистрибутивната мрежа е околу 1000 MWh годишно.

При цени на електрична енергија од 240 евра, повратот на инвестицијата е околу две години, а при моменталните цени од 180 евра повратот на инвестицијата е три години. Годишните трошоци за електрична енергија на Винаријата „Тиквеш“ беа околу 633.500 евра, а по инсталирањето на фотонапонскиот систем се намалија на 246.387 евра.

Со зголемувањето на цените на електрична енергија трошоците за електрична енергија на Винаријата Тиквеш би се зголемле за 162 % , а со инсталирањето на фотонапонската централа се зголемени за само 2 %, што значи дека „Тиквеш“ своите трошоци за електрична енергија со инсталирање на фотонапонска централа за време на енергетската криза ги одржуваше на ниво како и пред поскапувањето.

Кои се актуелните предизвици со кои се соочувате вие како проектанти и изведувачи на фотонапонски централи? 

Еден од главните предизвици со кои се соочуваме е недоволната информираност и едукација на граѓаните во делот на фотонапонските централи. Еве едноставен пример, желбата на клиентите е веднаш да се започне со изведба, не знаејќи колку време е потребно за испорака на соларни панели, инвертори и монтажна конструкција кое е минимум три месеци од нарачката. Складирањето на овие компоненти во магацини на подолг временски рок не е решение бидејќи на тој начин се намалува нивната ефикасност.

Иако во последните два месеци процедурите за приклучок на фотонапонските централи на електродистрибутивна мрежа се олеснети и поедноставени, изведбата се уште ја отежнуваат административните процедури поради долгиот рок за добивање на градежна дозвола.

Исто така, при проектирање на фотонапонски централи е најважно системот да биде добро димензиониран и да се користат исклучиво сертифицирани компоненти. Моментално се соочуваме со употреба на ниско ефикасни соларни панели и инвертори и несертифицирани монтажни конструкции. Фотонапонските системи се системи кои треба да работат 25 години и затоа е многу важно да се промовира и да се наметне употребата на високо ефикасни соларни панели и инвертори и монтажна конструкција која е тестирана при ригорозни услови и ги има сите потребни сертификати со што се гарантира дека таа нема да подлежи на дефекти во текот на целиот работен век на централата.

Како резултат на овие факти, сметам дека треба да се олеснат процедурите за фотонапонските системи и да се изработи прирачник во кој јасно ќе бидат наведени постапките за инсталирање на фотонапонски системи и правилата кои треба да бидат исполнети како би можел фотоволтаичниот систем да работи најефикасно.

На среден рок каква ви е прогнозата за продолжување на актуелниот силен бран на инвестиции во соларни централи?

Се надевам дека интересот ќе продолжи и дека нема да се прифати мислењето дека помина кризата. Производните компании веќе успеаа да го пренесат ценовниот импакт од електрична енергија на своите производи, но тоа не е вистинското решение, бидејќи со зголемување на инфлацијата влеговме во економска криза. Крајот на 2022 година се судривме со нов проблем, драстично покачување на основните производи. Државата интервенираше за да спречи понатамошно зголемување на цените со што производителите и училиштата ги префли на регулиран пазар на електрична енергија. Оваа мерка има ефект ако истовремено со добивање на оваа бенефиција ги обврзе оние што добиле повластена цена на електрична енергија по краток период да инсталираат фотонапонски системи согласно своите потреби со што државата ќе се растерети од вакви непрофитабилни субвенции.

Целата емисија на Агенда 35 посветена на обновливи извори на енергија:

Сподели!
- Advertisement -