Гласањето од јавноста за најдобрите во македонската е-трговија ќе трае до крајот на утрешниот ден, а Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – AETM веќе ги објави членовите од жири комисијата кои ќе ги оценуваат е-трговците кои ќе бидат финалисти – со најмногу собрани поени од јавноста на претстојните Награди за е-трговија – E-commerce Awards 2022.
Оваа година, жири комисијата се состои од 13 членови кои се експерти во различни области поврзани со е-трговијата. Членовите на жири комисијатата ќе гласаат индивидуално по завршување на гласањето од јавноста, за сите категории, освен за категоријата „Најпопуларна е-продавница” за која наградата ќе се додели единствено врз основа на бројот на гласовите од јавноста. За останатите категории, одредувањето на победници ќе биде направено врз основа на утврдена методологија за пресметка земајќи ги предвид гласовите од јавноста и жири комисијата, при што поените од публиката (јавноста) ќе бидат вреднувани со 40%, додека поените од жири комисијата со 60%. Секој финалист ќе добие вкупен број на гласови кои ќе го одредат неговото рангирање во соодветната категорија во која што е номиниран. Гласањето се прави согласно јавно објавениот Правилник кој е достапен овде, додека пак, членовите на жири комисијата можат да се погледнат на овој линк.
Инаку, до сега имаат гласано над 6500 граѓани, а гласањето е отворено до утре, 15.02. до 23:59 часот. Прогласувањете на најдобрите македонски е-трговци за претходната, 2022 година ќе се одржи на свечена манифестација за доделување на наградите на 9-ти март 2023 година во хотел DoubleTree by Hilton Skopje.
Иницијативата “E-commerce Awards” е поддржана од Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија во рамки на Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ, по нарачка на Германската влада. Генерален партнер на иницијативата е Мастеркард, златен партнер е Комерцијална банка АД Скопје и сребрен партнер е IuteCredit Македонија.