Во рамките на теренската кампања за подобра информираност на земјоделците и промоција на новата Програма за финансирање на земјоделски производители на храна, вчера во Скопје се одржа централен настан со големо присуство на претставници на земјоделски здруженија и мали производители.
Настанот беше организиран од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопантсво со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.
„Целта на кампањата е преку активни директни средби со малите производители, да им се презентираат придобивките од Програмата и да се мотивираат да аплицираат во што поголем број. Кампањата веќе тече низ целата држава, активно се вклучени тимови од МЗШВ, АФПРРЗ, АПРЗ и АХВ. За поголема информираност, во партнерство со Швајцарската програма ИМЕ, изработено е и кратко видео со опис на сите чекори кои треба да ги преземат производителите со цел да се евидентираат во АХВ како оператори со храна и како да аплицираат на јавните повици за финансиска поддршка кои веќе се во тек“ изјави министерот Николовски.
Основната информација која ќе им го отвори патот на сите заинтересирани е дека за да учествуваат на повикот треба да се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и да се регистрирани или евидентирани како оператори со храна од животинско, односно неживотинско потекло, во Агенцијата за храна и ветерина.
Ова е прв и основен чекор за аплицирање, а потоа следи обезбедување на останатите документи пропишани со јавните повици.
Крајниот рок за доставување на барањата за финансирање е заклучно со 02. април 2023 година. Ова значи дека има доволно време да се обезбеди потребната документација и да се охрабрат производителите да аплицираат.
Висината на финансиската поддршка согласно оваа програма изнесува до 600.000,00 денари по корисник без вклучен ДДВ за следните намени:
– трошоци за набавка на опрема за производство на храна (доработка и преработка на примарни земјоделски производи) во висина до 90% и/или
– трошоци за ангажирање на стручно лице (технолог за производство на храна) во висина до 10% од вкупниот износ од висината на финансиската поддршка по корисник.
Финансиската поддршка се остварува со поднесување на Барање до Министерството за неповратна финансиска поддршка. Барањето се доставува во еден оригинален примерок во писмена форма заверен и потпишан од страна на барателот. Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка согласно Програмата. Барањето заедно со документите се доставува во затворен плик преку пошта на адреса: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ул. Аминта трети број 2, 1000 Скопје или со предавање во архивата на министерството секој работен ден 9.00 до 15.00 часот.
Дополнително, на сите заинтересирани корисници на грантот од програмата, Швајцарската програма ИМЕ ќе обезбеди обука на малите семејни бизниси за финансиско работење, маркетинг и користење на дигитални алатки за промоција и директна продажба. Со тоа, поддршката е целосна и опфаќа не само поддршка во финансиски средства за набавка на опрема туку и помош како понатаму да го развиваат производството, да ги промовираат и продаваат производите а со тоа да си обезбедат приход и одржливо производство, што е и крајна цел на нашите заеднички напори.
Сите детални информации како и документи за превземање за двата повици достапни се на следниве линкови:https://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2906 и https://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2905.