Македонската компанија Микросам заедно со светскиот гигант GKN Fokker од Холандија две години активно работеа на проект за да произведат термопластични делови за новата генерација на авиони. Овие делови се всушност еден вид на греда т.н. floor beam која се наоѓа во долниот дел на патничката кабина на авионските летала. Досега се правеа од термосет материјали, на кои им се потребни дополнителни усовршувања за поефективно и поеколошко производство. Согледувајќи го тоа, GKN Fokker заедно со машините на Микросам произведе нешто ново и револуционерно за авионската индустрија.
Компанијата преку проектот наречен Clean Sky 2/Clean Aviation (финансиран од заедничката програма за истражување и иновации на ЕУ) произведе 12 вакви “floor beams“ – греди од термопластични композити, користејќи ги машините на Микросам. Микросам испорача 3 уникатни машини како, машина за автоматско полагање на ленти/траки (AFP), опрема за сечење и намотување на препрег и преса за термопластична консолидација. Оваа опрема успешно ги зголеми капацитетите на GKN Fokker за современо производство, истражување и развој на сложени 3Д делови во авионската индустрија.
Првиот сет на греди беше произведен во современиот центар за истражување и развој во Микросам. Понатамошните беа произведени директно во GKN Fokker во Холандија со сите три машини на Микросам. Уникатно во целиот процес е начинот на нивното производство. Термопластичните материјали се спремаат на машината за сечење и премотување на препрег. Вака изготвениот материјал се поставува на автоматската машина со роботска глава за полагање на овие ленти. Лентите со посебен ласер директно се обработуваат и полагаат на однапред одредено јадро со засек за да се заштеди на време на производство, а со тоа и подобри квалитетот на производот. На крај парчето се дели и усовршува на третата машина на Микросам – пресата. Како уникатност на целиот овој процес е и специјално дизајнираниот софтвер MikroPlace, кој токму производството на овие делови го овозможи до усовршување и без грешка.
Светската авионска индустрија има навистина големи придобивки од овој проект. Првенствено, ќе се зголеми и забрза производството на авиони, пример ќе бидат направени 70-100 авиони со тесно тело месечно. Дополнително, заради намалената тежина на леталатата се намалува и испуштањето на штетните емисии на CO2 гасови во воздухот. Најважно е што и термопластичните композити важат за поеколошки материјали со оглед на тоа што се полесни за рециклирање. Овој проект се очекува да заврши во 2024 година со изработкатаа на последниот дел од кабината, кој ќе биде голем 8х4 метри. Истиот ќе претставува најголемата термопластична структура која досега била направена некогаш. Навистина ни е драго што токму баш наша македонска компанија е дел од овој светски успех, вели Веле Самак за Иновативност.
ИНОВАТИВНОСТ.МК: Што овој проект и оваа соработка значи за Микросам и за неговото идно позиционирање на светската мапа на иновативни компании?
МИКРОСАМ: „Овој проект за Микросам значи да се биде чекор пред сите во авионската индустрија. Воедно, значи и придонес во нови технологии и алатки за да се создадат вредности за милиони луѓе. Особено ни е драго што овие машини се произведени токму од наши, македонски инженери, а ги користат светски познати компании. GKN Fokker е само една од нив, во нашето портфолио има и многу други како NASA, Spirit AeroSystems, Airbus, итн. Нашиот фокус овие денови е и автомобилската и транспортната индустрија. Микросам минатата година ја испорача најголемата автоматска линија за производство на CNG и водородни резервоари во светот. Во тек се и уште многу големи проекти со кои ќе покажеме нешто сосема ново на пошироката јавност. Најважно од се’ е што силата на Микросам е во инженерите кои непрекинато учат и се надоградуваат. Дефинитивно со нашите дела докажавме дека го заземаме лидерското место во повеќе технологии во современата композитна индустрија. “ – вели Веле Самак, генерален менаџер на Микросам.
Следното видео ги прикажува сите машини на Микросам инсталирани во GKN Fokker:
Микросам при крајот на овој месец ќе биде и дел од најголемиот светски саем во композитната индустрија – JEC WORLD во Париз, Франција. Веќе долги години се учесници и се наши македонски бренд амбасадори, гордо покажувајќи ги делата пред целиот свет.
Машината за автоматско полагање на ленти на Микросам (АFP)