Oва е тимот кој ги дигитализира општините во земјава! Наместо на шалтер услугите се добиваат преку апликација!

- Advertisement -

Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 е невладина организација која постои од  2011 година, и неодамна одбележа 10 години од постоењето. Целта на организацијата е да развива нови, иновативни идеи како одговор на предизвиците со кои се соочуваме во општеството. Тимот на оваа организација верува дека најдобар начин да се соочиме и да ги надминеме различните општествени предизвици е промоција на концептот на социјални иновации кои овозможуваат редефинирање на начинот на кои ги користиме расположливите ресурси во создавање на нови, поефикасни и подобри услуги, производи или процеси. Крајната цел секако е обезбедување на подобри услови за живеење.

Н“ие сме тим на млади креативци и ентузијасти, кои сакаат да направат конкретна промена во нашата средина. Нашата улога ја гледаме не само во насока на развој на нови социјални иновации туку и како партнери на други организации кои сакаат да ја создадат нови решенија или алатки, но и генерално како промотори на иновативноста во општеството преку поддршка на позитивни политики и практики“, вели Милан Танчески, извршен директор на Блинк 42-21.

- Advertisement -

Разговараше – Верица Јорданова

Една од најпознатите активности по кои сте познати во последно време е апликацијата „мЗаедница“, која веќе ја користат неколку општини. Кажете ни какви се функционалности има оваа дигитална алатка? Кои општини ја користат истата?

- Advertisement -

Идејата за „мЗаедница“ произлезе уште во 2018 година од потребата на граѓаните да им се понуди нов начин на комуникација со заедницата во која живеат. Првичната цел беше граѓаните да можат да ги искористат своите мобилни телефони за да ја олеснат и унапредат комуникацијата со претставниците на локалната општинска администрација. Денес  „мЗаедница“ е мултифункционална дигитална платформа која им овозможува на општините да ги дигитализираат јавните услуги и да воспостават двонасочна комуникација со граѓаните во утврдување на локалните приоритети. Дигиталната платформа „мЗаедница“ која се состои од мобилна и веб – апликација, активно се користи во општините Карпош, Валандово и Кочани, а деновиве започна нејзино користење и во општина Аеродром. Граѓаните ја користат платформата за да аплицираат по дигитален пат за субвенции за велосипеди, еднократна помош за прваче, стипедии, како и да пријавуваат проблеми во своето маало/населба, но и да даваат конструктивни предлози и иницијативи за подобрување на изгледот на заедницата.

Милан Танчески

„мЗаедница“ овозможува на брз и едноставен начин граѓаните да остварат одредено право, да реализираат обврска и да добијат услуга. Повеќе не сте принудени да одите до архивите на општините за да аплицирате за субвенција за купување на велосипед. Сега истото можете да го сторите од вашиот дом, додека пиете кафе или седите на клупа во парк, со тоа што ќе ги прикачите потребните податоци и документи. На овој начин, заштедуваме време, ресурси, користиме помалку хартија, но и се намалува корупцијата на локално ниво.

- Advertisement -

„мЗаедница“ носи позитивни промени и за општинската администрација. Затоа што сите пријави на проблеми или иницијативи пристигнуваат до одговорното лице во рамки на задолженото одделение/сектор. Пријавите се поткрепени со фотографија, GPRS локација, со што општинскиот службеник или службеничка веднаш се информираат за реалната состојба на терен (на пример, истурен е кабаст отпад на јавна површина) и можат да реагираат. Исто така, „мЗаедница“ придонесува и за системски и коренити промени. Честопати граѓаните знаат да кажат „ќе му пишам на градоначалникот за отпадот“. Апсолутно дека треба да комуницираат со градоначалникот/градоначалничката преку социјалните мрежи, мејл адреси и слично, но „мЗаедница“ нуди еден поканализиран пристап и директна комуникација со најзадолжените лица – со стручните служби. Затоа што градоначалниците имаат мандат од четири години, тие се менуваат, но администрацијата е таа која треба да обезбедува постојани услуги за граѓаните, со ист или подобар квалитет.

  • Правите доста напори „мЗаедница“ да ја промовирате и во други општини. Кој е feedback-от од општините, дали ќе се приклучат нови? Што ги спречува да прифатат една ваква алатка која на крај на ден може да донесе само бенефит и за граѓаните и за самите општини?

Да, периодов навистина се трудиме „мЗаедница“ да биде повеќе препознаена од граѓаните, но и прифатена од локалните самоуправи. И среќни сме дека добро ни оди, па во скоро време оваа дигитална платформа ќе биде достапна во уште седум нови општини.

Во однос на интересот на општините да прифатат една ваква алатка, пред сè би сакале да истакнеме дека има општини кои навистина позитивно одговорија и народски кажано „на прва“ ја прифатија оваа дигитална платформа. Таков е примерот со општината Карпош, а потоа и со Валандово и Кочани. Значи има и позитивни примери и општински администрации кои сакаат да негуваат проактивна и двонасочна комуникација со своите сограѓани.

Кај дел од општините има и дилеми, не само од аспект на користењето на апликации како „мЗаедница“ туку генерално во однос на дигитализацијата како процес. Дел од тие дилеми се оправдани и произлегуваат од ограничените човечки и технички капацитети со кои општините располагаат. Кога комуницираме со општините најмногу се соочуваме со еден вид на „страв“ или можеби бариера, како ваква алатка да биде интегрирана и прифатена од вработените во општините и како да се поврзе со постоечките процедури за работа. Од тоа како да им се одговори на граѓаните кои испратиле некој проблем преку администартивниот панел до како да се архивираат пријавите за субвенции пристигнати преку апликацијата. За среќа веќе имаме воспоставено модел за користење на „мЗаедница“ во постоечките три општини што ни служи како патоказ за другите општини, кои за брзо време сфаќаат дека дигиталната платформа само им ја олеснува работата. Нема долги редици пред архивата, а граѓанинот добил брз одговор и поквалитетна услуга.

Во општина Аеродром

Предизвиците се најчесто во овој дел, но ние сме поддршка на општините во целиот процес и за кратко време гледаат дека „мЗаедница“ навистина функционира успешно. Секоја општина која има интерес од апликација како „мЗаедница“ може слободно да ни се обрати (на info@blink42-21.mk ) и за кратко време да стане дел од мрежата на општини кои ја користат „мЗаедница“. 

Милан Танчески и Зорица Велковски

Освен оваа алатка, БЛИНК 42-21, развива и многу други дигитални алатки и решенија. Кажете ни нешто повеќе за VR skills lab, како апликација за виртуелна реалност која ќе ја користат електротехничките училишта.

Станува збор за прва апликација од ваков тип, која ќе најде примена во пет средни електротехнички училишта, а се надеваме дека оваа мрежа од стручни училишта ќе се зголемува во периодот што претстои. Преку оваа ВР апликација, младите ќе имаат можност да се транспортираат во дигитален фабрички погон и да стекнуваат вештини за идентификување дефекти во електропростор и нивно отстранување, заштита при работа, движење во простории каде има опасен напон, работа со алати и инструменти и др.

Важно е младите и практично да го искусат она што како теорија го учат од книгите. Така ќе може и поконкретно да се види нивниот интерес, да се насочат и по завршување на образованието полесно да најдат работа и да бидат поконкурентни на пазарот на трудот.

Исто така, оваа ВР апликација ќе можат да ја користат и компаниите од електроиндустријата. Истата овозможува 3Д симулација на работните процеси, со што може да се обезбеди и соодветна обука за вработените – вклучени во тие работни процеси.

Расте ли во Македонија свесноста за неопходноста од дигитализација на процесите, во најширока смисла на зборот и кои се најголемите предизвици со кои се соочуваме како општество на овој пат?

Апсолутно дека во изминативе 2 – 3 години повеќе се зборува за дигитализацијата како тема кај нас. Но, ова не треба да го сметаме како тренд, кој од поразвиените земји се пресликува кај нас.

Напротив, потребен е проактивен пристап. Да сфатиме дека дигитализацијата не ни е наметната од времето и контекстот во кој живееме туку е процес кој навистина ни помага во секојдневието. Ни ја олеснува комуникацијата со институциите; ни овозможува полесно и побрзо да ги платиме сметки; да закажеме термин за лична карта; да пријавиме испит на факултет; да аплицираме за субвенција за велосипед и сл.

Оттука, придобивките за сите нас се големи. Дигитализираните процеси значат и помалку пристрасност, селективност и корупција. А, ќе се согласите дека овие проблеми и тоа како се нагласени во Македонија и на Западниот Балкан. Секако, како организација која прилично работи на полето на дигитализацијата, инсистираме на правилно, паметно и балансирано користење на ИТ технологијата.

Деновиве објавивте и дека заедно со Македонската Американска Алумни Асоцијација (МААА) организирате обука за млади за стекнување на дигитални вештини. Што поконкретно значи тоа?

Пандемијата уште повеќе ја истакна потребата од дигитализација на процесите. Оттука, дигиталните вештини се вештини на 21 – от век и мора да работиме на нивно унапредување кај сите чинители во заедницата.

Затоа организираме виртуелна тренинг – програма, која се фокусира на развој на дигитални вештини кај младите. Тие ќе имаат можност да учат од глобални експерти за тоа како да креираат кампањи; да работат на социјалните мрежи; да креираат пораки и паметно да ги користат сите дигитални алатки, платформи кои се дел од новото време.

На овој начин, младите од институциите, приватните компании и организациите ќе бидат повешти и ќе имаат повеќе можности при наоѓање на идна работа. Тренинг – програмата ја организираме во соработка со МААА, DCN глобалната мрежа, а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Што е она на што работите во моментов и какви се плановите за претстојниот дел од годината?

Деновиве ја завршивме мобилната апликација за Американските катчиња (American Corners) во Македонија. Имавме успешна соработка со нив и со Амбасадата на САД во Скопје. Оваа апликација овозможува полесно поврзување меѓу членовите од катчињата; можност да учествуваат на настан, да се изнајмуваат книги или да се информираат за студиските размени во САД. Апликацијата е завршена и можете да се симне преку App Store или Google Play. Воедно се обидуваме да спроведеме добри практики и надвор од Македонија. Па, така мобилната апликација „ССМ – мои работнички права“ која ја развивме за потребите на Сојузот на синдикатите на Македонија за скоро време ќе биде достапна и за синдикалните организации во Србија, Црна Гора и Молдавија.

Исто така, активно работиме и на проектот „Имерсивно раскажување приказни за културното наследство на Западен Балкан“. Дел сме од соработката со седум партнери од пет земји, преку која културното наследство се доближува до новите генерации преку користењето на новите технологии.

Сподели!
- Advertisement -