Додека големите издавачки куќи се обидуваат да ги одвратат песните создадени со помош на вештачка интелигенција (ВИ) кои ги имитираат гласовите на познатите пејачи, пејачката Грајмс ги повика музичарите да го користат нејзиниот глас при создавањето нови песни со вештачка интелигенција.
Канадската поп пејачка, чие име е Клер Баучер, рече дека ќе ги сподели авторските права за секоја песна успешно генерирана со вештачка интелигенција која го користи нејзиниот глас, јави „Врџ“.
„Ќе поделам 50 отсто авторски права за секоја успешна песна генерирана со вештачка интелигенција која го користи мојот глас. Слободно користете го мојот глас без казна“, напиша Грајмс на Твитер.
Пејачката не сподели детали за тоа како би функционирале ваквите аранжмани, но рече дека споделувањето на профитот може да се однесува на „виралните“ или „супер популарните“ песни направени со нејзиниот глас кои веќе се споделуваат на социјалните мрежи.
Грајмс напиша дека со нетрпение чека да биде „морско прасе“ за технологијата, додавајќи оти смета дека е „кул да бидеш споен со машина“.
Инаку, минатата недела Јуниверзал Мјузик успешно поднесе петиција до музичките стриминг сервиси да ја отстранат песната „Heart On My Sleeve“ која ги имитираше вокалите на познатите артисти Drake (Дрејк) и The Weeknd (Викенд). Песната е целосно создадена со модел на ВИ.
Во соопштението групацијата рече дека тренингот за генеративна вештачка интелигенција која користи музика на нејзините уметници претставува прекршување на законот за авторски права.
Би-би-си пишува и дека Канцеларијата за авторски права на САД неодамна пресуди оти уметноста со вештачка интелигенција, вклучително и музиката, не може да биде заштитена со авторски права бидејќи „не е производ на човечко авторство“.
Сè уште не е јасно дали уметноста што е создадена од човек, но која содржи елементи на вештачка интелигенција, може да биде заштитена со авторски права.
Како уметник, Грајмс долго време ја истражува врската меѓу луѓето и машините преку песни како „We Appreciate Power“ и „Flesh Without Blood“ во кои се обработуваат етичките дилеми околу ВИ.
Пејачката има две деца со Илон Маск.
Извор – Мета
Фото – принскрин од песна