Мултифункционален бафер-бојлер, кој има А класа енергетска ефикасност, овозможува голема акумулација на топлина и заштеда на енергија се произведува под брендот „Соларико“ во прилепската компанија „Еуротерм“.
Тоде Јованоски, инженер за извоз во Еуротерм, вели дека иновацијата, поддржана од Фонодот за иновации и технолошки развој е новина дури и за европскиот пазар. Тоа на компанијата и овозможило веднаш по сертификацијата да најде клиенти и да започне да го извезува.
Новинар – Сања Наумовска
Г-дин Јованоски, вашата компанија „Еуротерм“, под брендот „Соларико“, развива енергетски ефикасни бојлери за централно греење. Кажете ни нешто повеќе за нивните перформанси?
„Соларико“ бојлерите се акумулатори на топлина кои ја зголемуваат ефикасноста и ја намалуваат потрошувачката на системите за греење. Топлинските пумпи работат поштедливо, а со инсталирање на „Соларико“ колекторите, во пакет со бојлерот, топлината од сонцето се внесува во системот за греење и може да се постигне заштеда на енергија и до 50 отсто.
Што е иновативниот момент што „Соларико“ бојлерот го одвојува од другите слични производи на пазарите?
Бојлерот носи резервоар од иновативна комбинација на изолациони пластично-композитни материјали кои ги намалуваат топлинските загуби за 60 отсто во споредба со конвенционалните бојлери на пазарот. Благодарение на големото искуство на нашиот инженерски тим, ние овој бојлер го направивме да биде и мултифункционален – да ја намали работата на инсталатерите, да го поедностави системот за греење, да користи сончева топлина и дополнително да произведува хигиенска топла вода.
Во какви системи може да се користи овој бојлер? Дали е наменет за индустија или за домаќинства?
Нашиот бојлер може да се користи секаде каде што се инвестира во заштеда на енергија. Без разлика дали е тоа индустрија или домаќинство, се користи во сите системи за загревање на простор. Паралелно бојлерот произведува хигиенска топла вода и е исклучително погоден за компании од фармацевтска или прехранбена индустрија, за фарми, хотели, здравствени установи, спортски центри и секако во домаќинствата. Покрај бојлерот, дел од портфолиото на нашата компанија се и сончевите термални колектори, композитните резервоари за воздух, композитните експанзиони садови, композитните резервоари за третман на вода и изменувачите на топлина.
Во развојот на штедливиот бојлер соработувате со Фондот за иновации и технолошки развој. Кажете ни нешто подетално.
ФИТР го кофинансираше нашиот проект за 800 литарски повеќенаменски композитен резервоар кој е основата за изработка на 800 литарските „Соларико“ бафер-бојлери, резервоари и експанзиони садови. И овој бојлер е мултифункционален и е нешто ново дури и за европскиот пазар – има А класа енергетска ефикасност, овозможува поголема акумулација на топлина а со тоа уште поголема заштеда на енергија. Веднаш после сертификацијата започнавме со извезување на овој производ, бидејќи нашите муштерии веќе го чекаа да излезе од производство.
Како компанија која долги години се занимава со производство, какво е вашето искуство со одливот на квалитетни и квалификувани кадри од нашиот пазар на труд? Колку една македонска компанија во вакви услови може да биде конкурентна на европскиот или светксиот пазар со свој производ?
Секако, одлив има. Се работи за луѓе со квалификации од специфична индустрија како нашата, греење- ладење – климатизација, која е клучна за проектирање и изведба на енергетски ефикасни решенија, a кои во овој момент се клучни за развојот на една држава.
Нашето искуство покажува дека производите на големите брендови на светските пазари не се недостижни, и дека можеме да произведеме и далеку подобар производ, овде во Македонија. Но, за да успееме да извеземе технички производ направен во Македонија, мора да се попмине тежок маркетиншки пат на разбивање на предрасудата дека „од Македонија се купува само зеленчук“. Доколку производот има додадена вредност, секако дека е возможно да се надмине таа тешкотија, и тоа до степен големите компании присутни на пазарите да почнат да ве забележуваат.
Важно е да се знае дека сите мали европски производители се подржани од фондови од ЕУ и имаат одлични услови за работа во матичните земји. Кинеските производители добиваат и субвенции за извоз. Тоа значи дека за поголема конкурентност ни треба помош и услови од државата. На пример, субвенции какви што имаат странските инвеститори и економска политика која ќе го стимулира домашното производство и извоз.
Какви се вашите планови за во иднина?
Имаме големи планови. Во тек е изградба на погон за проектирање и изработка на уреди од не’рѓосувачки челик за процесна техника, а во истиот погон ќе започнеме со производство и на бојлери од не’рѓосувачки челик со голем волумен од 1000 и повеќе литри. Во преговори сме и со приватни инвеститори за зголемување на целокупниот капацитет на фабриката и зголемување на обемот на работа.