Adeva ги поврзува македонските ИТ таленти со светски компании!

- Advertisement -

Катерина Трајчевска и Тошо Трајанов имале по 24 години кога решиле да основаат своја ИТ компанија која ќе придонесе кон пополнување на недостатокот од квалитетен ИТ кадар на глобалниот пазар. Така се родила Adeva која веќе три години ги поврзува македонските програмери со стартапи и компании од странство

„Кога дипломиравме, јас како роботичар и автоматичар, а Кате како софтверски инженер, видовме дека не се пронаоѓаме во проектите на локалните фирми, па решивме да се обидеме да заработуваме како фриленсери. Почнавме со неколку клиенти, а поради тоа што растеше обемот на работа, ни се придружи уште еден програмер како дел од тимот. Тогаш почнавме да размислуваме и за официјализирање на работата односно за регистирање на фирма. Tака се роди Adeva“, раскажува Тошо Трајанов.

- Advertisement -

Пронаоѓајќи се помеѓу локалните ИТ компании и фриленсерството, Тошо и Кате ја почнале компанијата со клиентите кое ги имале тогаш, а набргу почнале да привлекуваат и дополнителни фирми кои барале помош од Adeva во моментите кога не можеле да пронајдат квалитетен ИТ кадар за своите проекти.

Ги прашавме со каков концепт всушност работи Adeva?

- Advertisement -

„Она што ние го работиме е outsource-инг на повисоко ниво. Ние им помагаме на стартапи и на фирми од странство да најдат технолошки талент тука во Македонија. За разлика од агенциите кои само ги пронаоѓаат талентите, ние всушност ги вработуваме луѓето и се грижиме за нив. Ја пополнуваме празнината за таленти на големите пазари бидејќи кај големите стартап сцени во Њујорк, Берлин, Лондон, големите фирми ги собираат најдобрите луѓе и за помалите фирми, односно стартапи, тешко е да најдат луѓе кои се способни да ги завршат задачите.“, ни објасни Тошо.

Освен тоа што Adeva се грижи за програмерите кои преку работењето во фирмата имаат можност да работат за странски пазар, а сепак да се со сигурно работно место, тие имаат и уникатни бенефити за странските фирми кои кај нив се обраќаат за таленти.

- Advertisement -

„Компаниите сѐ повеќе се одлучуваат да вработуваат луѓе кои работат од далечина. Oва го овозможиja дигитализацијата и новите технологии. Со тоа што нашите тимови од програмери им ги нудиме на странските компании, тие ги немаат административните обврски кои инаку би ги имале со вработувањата. Клиентот единствено треба да се фокусира на проектот, а останатите задачи околу менаџирањето на тимот ни остануваат нам“, вели Кате.

Како успеала Adeva да ја препознае оваа празнина на глобалниот пазар и да се обиде да ја пополни? Она што е многу поважно е дали странските фирми се повеќе склони кон ангажирање талент преку друга компанија отколку ангажирање на фриленсери?

Доколку некоја голема странска компанија, која има 300, 500, па и 1000 вработени, реши да бара талент во држава како Македонија, тогаш најверојатно ќе отвори претставништво. Но помалите фирми, стартапите, не се во можност да отвараат претставништва во други држави. Овде настапуваме ние и им формираме тимови во зависност од проектите.

Проблемот со фриленсерите е тоа што ги има премногу и секој излегува на пазарот, а на фирмите им е тешко да се уверат во вештините на тие фриленсери. Кога станува збор за работа од далечина, најважниот момент е комуникацијата помеѓу програмерите и фирмите за кои тие работат. Наша задача е да ја олесниме таа комуникација . Генерално, на фирмите кои сакаат да вработат луѓе од далечина им е многу поедноставно бидејќи ние сме ги сретнале и ги знаеме луѓето кои им ги предложуваме за проектите. Фирмите се многу побезгрижни кога фирма како нашата им го пронаоѓа талентот кој им е потребен за проектите. Овде е секако и сигурноста бидејќи фриленсерот може да работи неколку месеци и потоа да го снема, а ангажирањето на програмери преку Adeva го остранува тој ризик“, раскажуваат Кате и Тошо.

Македонија има талент кој може да го понуди како на домашните, така и на странските фирми, а младите сѐ повеќе ги препознаваат предностите од започнувањето на кариера во ИТ индустријата. Но при самите почетоци, Adeva се соочиле со предизвици како на пример привлекувањето на овие таленти.

Предизвик беше да го изградиме бизнис моделот по кој работиме сега затоа што почнавме со класичен outsource-инг. Ние ги менаџиравме проектите со тоа што доколку на крајот од неделата некој од тимот не си ги завршил задачите, одговараше пред нас, а не пред клиентот и не чувствуваше толкава одговорност. Доколку клиентот очекува од вас да се пушти верзија од софтверот во петок навечер, тогаш ни се случувало ние да останеме и да ја завршиме таа обврска. Но со текот на времето учевме доста и сфативме дека е многу поефикасно кога тимот одговара директно пред странскиот клиент и точно знае што и до кога треба да се заврши. Ова е моделот според кој денес фунцкионира Adeva“, вели Кате.

Како што споменаа и тие, иако не се работи за класична стартап приказна, тие почнале како млади луѓе со оригинална идеја. Ги прашавме какви се нивните согледувања за стартап сцената во Македонија и како да се поттикне развојот на ИТ талент.

„Стартап заедницата во Македонија полека се развива и има поместувања за разлика од тоа што беше пред неколку години. Но потребна е многу работа и иновативни проекти. Мислам дека стартапите во Македонија ретко работат со технологии кои на глобално ниво менуваат цели индустрии, како што се на пример блокчеин и IoT (Internet of Things). Едукацијата исто така мора да се подобри, како од аспект на технологијата, така и од аспект на претприемништво. Постои напредок, но мора да се работи повеќе на воведување иновации и менторство“, додава Тошо.

Освен што работи на проекти со странски клиенти, Adeva веќе се етаблира и како компанија која се обидува да придонесе кон промени во ИТ индустријата и заедницата. Иницијатори се на We Talk IT, заедница на девелопери во Македонија која ја знаеме преку платформата за сместување за Супер Купот и Правниот Калкулатор изработен заедно со Skopje Legal Hackers.

„На почеток ја замислувавме како заедница преку која девелоперите ќе можат да соработуваат меѓусебно и да се поддржуваат за персонален развој, а заедницата пак ќе им помогне и да се промовираат. Од иницијативата се јави уште еден момент, а тоа е работење на социјално одговорни проекти. Концептот е исто така да се поттикнат иновации, па можеби и да произлезе стартап од идеите кои ќе ги претстават членовите на заедницата.“, раскажува Кате.

Заедницата We Talk IT организира средби еднаш месечно, а доколку сте дел од програмерската фела и сакате да запознете останати истомисленици со кои заедно ќе работите на проекти и развој на професијата, информирајте се на следниов линк. Друга цел на заедницата е и да поттикне дискусија за детектираните проблеми и да ја подигне свеста за работа на решенија од кои корист ќе имаат сите.

Друга многу интересна иницијатива на Adeva е и Female Bootcampпрограма наменета за поттикнувате на девојчињата да градат кариера во ИТ.

„Од сите апликации за работа кои стигнале кај нас, само околу 20% беа од девојки. Забележавме дека во канцеларија секогаш повеќе доминирале машките програмери според број, а никогаш не сме сетиле да се запрашаме зошто е тоа така. Направивме мало истражување и сфативме дека ова е ситуацијата со целата ИТ индустрија во Македонија, но и глобално. Со Female Bootcamp сакаме да ја зголемиме свеста во индустријата и да придонесеме кон промена на оваа состојба. Првата фаза е промо кампања која вклучува споделување на приказни со девојки кои работат во ИТ со цел да поттикнеме други девојки да се запишат на технолошки студии и да почнат ваква кариера. Втората фаза која моментално ја развиваме вклучува едукативен дел, односно програма која би траела околу три месеци за обука на девојки со цел да бидат подготвени за пазарот на трудот и да започнат да работат во ИТ.“, велат основачите на Adeva.

Факторите кои придонесуваат кон оваа состојба е недостатокот од менторство и недостатокот од успешни женски примери, како на глобално ниво, така и во Македонија. Иако за Македонија нема официјални бројки, преку инволвираноста на Adeva во проблематиката можат да ја увидат ситуацијата на терен.

За крај, ги прашавме Кате и Тошо што е она што би сакале да го споделат со потенцијалните претприемачи, а го научиле од сопственото искуство.

„Би им упатил порака да размислуваат големо и да се обидуваат. Не треба да се плашат дека нема да успеат, затоа што ако не се обидат, секако нема да успеат. Исто така, треба да излезат од дома и од своите вообичаени кругови и да посетуваат различни настани бидејќи од секого може да се научи нешто ново“, кажа Тошо во својата порака.

Кате пак порача: „Кога почнуваат да работат, не треба да бидат перфекционисти бидејќи за идеалното се троши многу време, а твојата перспектива не е секогаш и перспективата на клиентот. Ако сакате да направите некој производ, почнете со нешто, дури и минимално, тестирајте го на пазарот и продолжете да го развивате.“

(Пишува – Бисера Срцева)

Сподели!
- Advertisement -