Универзитетското претприемништво ќе биде новиот столб за иден развој на УКИМ!

- Advertisement -

Професор д-р Билјана Ангелова од Економскиот институт во Скопје е кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Едни од клучните елементи за идниот развој на најстариот универзитет во земјава, според нејзе, се развојот на универзитетско претприемништво, создавање на центри на извонредност и зајакнување на истражувачките и иновативните капацитети на факултетите како клучни фактори на успех за долгорочниот економски развој на земјата. 

Разговараше – Верица Јорданова

Професор Ангелова, вие сте актуелен проректор на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје и кандидат за иден ректор. Кој е вашиот клучен мотив да ја преземете лидерската позиција на најстариот универзитет во земјава?

- Advertisement -

Во два мандати бев директор на Економскиот институт и два мандати сум проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот. Од таа позиција можам да ги согледам сите потреби на единиците па и на секој поединец од нашата академска заедница, потребите на студентите, предизвиците пред кој се исправени и да изнаоѓаме заеднички одржливи решенија. Во овој период направени се сериозни инвестиции во подобрување на условите во кои студираат нашите студенти, условите во кои работаат професорите, направени се инвестиции во нова лабораториска опрема, софтвери и друга опрема со која го осовременуваме наставниот процес на повеќе единици. Сето ова, како и вербата во капацитетите на нашиот Универзитет, а тоа се сите членови на нашата академска заедница, се клучните мотиви да се одважам и да го прифатам овој предизвик, кој бара сериозна посветеност, одговорност и работа. Истовремено, огромна чест е што може да ја стекне еден поединец како носител на оваа функција.

Во каков универзитет посакувате да прерасне УКИМ под ваше водство?

- Advertisement -

Мојата визија за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е тој да прерасне во отворен Универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот високо-образовен и научноистражувачки простор. Трансформацијата на УКИМ во модерен европски универзитет ќе се остварува со јакнење на капацитетите со кои располагаме, а тоа сите членови на нашата академска заедница – наставниците, научниците, студентите, администрацијата, традицијата на создавање на врвни вредности и интернационализацијата. Наставата, науката и меѓународната соработка остануваат традиционалните столбови на кои базира високото образование. Иновациите се нов столб чија улога треба сериозно да ја зајакнеме. Интернационализацијата е „прозорец“ кон европскиот образовен простор, местото кое му припаѓа и на УКИМ. Таа е активност која се протега и се вкрстува со сите столбови на кои се темели основната мисија на Универзитетот и помага за постигнување на меѓународна препознатливост и повисок интернационален рејтинг. Нашиот универзитет располага со голем научно-истражувачки капацитет, инфраструктура и мрежи за кои националниот високо образовен и научно-истражувачки простор станува „тесен“ и затоа неговото излегување на меѓународниот високообразовен и истражувачки простор е реална и остварлива цел.

За добар квалитет во високото образование предуслов е да се воспостават цврсти релации во триаголникот: високо образование и наука – бизнис сектор – јавни институции. Ова е тема за која со години се зборува. Како Вие планирате да го заживеете овој триаголник? Кои се клучните предизвици и отпор со кој очекувате да се соочите во тој процес?

- Advertisement -

Главно отпорот и инертноста доаѓаат од страна на јавниот сектор поради ограничени капацитети како и комплексност и неусогласеност во регулативите. Соработката меѓу Универзитетот и бизнис секторот се остварува и сега, но може уште да се подобрува. Подобрувањето во релациите на тројниот хеликс ќе се остварува главно преку поттикнување на размена на знаења меѓу академската заедница и индустријата во опкружување кое третиот партнер во овој екосистем – државата ќе создаде регулативи и конкретна поддршка за функционирање на тројниот хеликс. Само тогаш можеме да очекуваме дека науката, бизнис секторот и јавниот сектор ќе функционираат во синергија овозможена со ширење на иновациите и споделување на научните знаења.

Екстремно ниските средства кои државата го одвојува за наука и истражување се сериозен проблем. Гледате ли начин да се надмине ваквата ситуација и конечно домашните инвестиции во истражување, развој и наука да почнат да одат во една нагорна линија?

За жал средствата кои државата ги издвојува за истражување и развој се минимални. Заложбите за обезбедување на повеќе средства за истражување и развој ќе продолжат и во иднина. Во мојата Програма излезното решение за ваквите состојби е интернационализацијата и вмрежувањето на УКИМ со други универзитети и универзитетски алијанси, обезбедување пристап до Европската истражувачка инфраструктура, а со тоа и јакнење на научно-истражувачките капацитети и поголема научно-истражувачка продуктивност. Голем дел од средствата доаѓаат од овие меѓународни мрежи на соработка, но секако дека зајакнувањето на соработката со бизнис секторот и развојот на универзитетското претприемништво во иднина треба да биде нов дополнителeн извор на средства. Конечно, ќе се залагам и за зголемување на издвојувањата од страна на државата за развој на наука и истражување.

Светското искуство покажува дека најуспешните универзитети се оние кои не само што едуцираат квалитетен кадар туку и имаат наука која се трансферира во пракса. За трансфер на знаења постојано се зборува а малку се прави. Имаме ли светли примери на УКИМ во оваа насока и како тоа уште повеќе да се поттикне и интензивира?

Во 2018 година Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје го формираше Универзитетскиот центар за иновации и трансфер на технологии за соработка со бизнис заедницата – ИНОФЕИТ. Делокругот на активности на Центарот за иновации и технолошки трансфер во иднина ќе мора да ја прошири соработката со бизнис заедницата од земјава и странство преку истражувањата и технолошки трансфер од повеќе научни подрачја, односно со партиципација на повеќе единици на УКИМ кои припаѓаат на различни научни подрачја. ИНОФЕИТ ќе треба континуирано да ги промовира условите за поддршка на нови старт-ап компании, создавајќи синергија помеѓу иновативните бизниси и поттикнувајќи го растот на постојните МСП-а, што долгорочно обезбедува нови можности за вработување. Со текот на годините, преку поттикнување на претприемачка култура помеѓу академијата, истражувачите и студентите и преку комерцијализација на научните и технолошките знаења, ИНОФЕИТ треба да стане клучна алка која го преточува знаењето и експертизата во акции, иновации и инвестиции. На компаниите можеме да им понудиме комплетна експертиза од различни научни области, соработка на нивните експерти со нашите истражувачи, пристап до универзитетските лаборатории како кофинансирање на трошоците од државни програми или од приватни партнери. Истовремено ИНОФЕИТ е доминантниот основач (30% удел) на бизнис акцелераторот кој го формиравме со четири други партнери.

Професорите во развиените земји не се само едукатори туку и претприемачи кои носат пари на универзитетот, поттикнуваат стартап и спиноф компании, креираат вредност. Имате ли концепт како универзитетското претприемништво да се поттикне и на УКИМ?

Развојот на универзитетското претприемништво е еден од столбовите за развој на нашиот универзитет. Во мојата програма посебно место зазема оваа активност. Во изминатите седум години направивме сериозни чекори за унапредување на универзитетското претприемништво, но во идниот период треба да се направи уште повеќе.

Универзитетското претприемништво ќе се развива и во иднина преку договорни истражувања, каде ќе се користат услуги на акредитирани лаборатории и каде може да се добие пристап до high-tech опрема, бази на податоци, ретки колекции, архиви на податоци. Можност претприемачите и компаниите да добијат квалитетни методологии за истражување и развој. Колаборативните истражувања се сметаат за еден од најдобрите канали за трансфер на знаење, каде сите учесници во истражувањето го делат и ризикот и бенефитите. Константна цел ќе биде создавање на меѓусебно корисни партнерства.

Овој столб на развојот може да се зајакнува и преку формирање на spin off компании, модел на соработка кој е многу поволен за компании кои сакаат да го базираат својот бизнис на знаење и истражување.

Од друга страна, има ли критична маса на УКИМ за промените за кои зборувате?

Апсолутно, како што истакнав УКИМ има капацитет за сите промени за кои зборувам. УКИМ тоа го покажа и докажа и во досегашниот период. Но брзината на технолошките промени, дигиталната транзиција, зелената економија, здравствената криза и економската рецесија во глобални рамки наметнуваат нови предизвици пред универзитетите и тие мора да се трансформираат. На овие промени мора да одговориме побрзо и поефикасно и да бидеме пофлексибилни, што ќе бара одредени реорганизации.

Една од најексплоатираните теми за високото образование се меѓународните рангирања на универзитетите, особено Шангајската листа. Може ли да објасните зошто паѓаме на оваа листа и како, со кои механизми тоа може да се подобри?

Шангајската листа е најпрестижна и со највисоки критериуми кои без системска поддршка тешко можат да се остварат. Во показателот за рангирање 30% носи критериумот кој се однесува на алумни или вработени на универзитетите кои се носители на нобелова награда, 20% на објавени трудови во Nature и Science кои се базираат на фундаментални истражувања со висок степен на иновативност а кои бараат сериозни средства за истражување и развој, 20% се објави на Web of Science, 10% се високо цитирани научници во 21 дефинирана научна област и 20% се Per capita академско остварување на институцијата. Со оглед на тоа што првите 30% засега не можеме да ги оствариме, останува останатите 70% да ги постигнеме преку интернационализација и вмрежување и со финансиска поддршка на државата.

Мојот приоритет ќе биде во овие три години да се појавиме повисоко на ранг-листите на Scimago, Webometrics и QS (World University Rankings), и да ги поставиме основите за рангирање меѓу првите 1000 на Шангајската листа.

Вие доаѓате од Економскиот институт во Скопје. Може ли едноставно да ни објасните за поврзаноста на квалитетот на високото образование со економијата на една земја. Во каква корелација се и како подобрувањето на образованието ќе помогне за подобрување и на самата економија?

Високото образование е еден од клучниот фактори за развој на економијата и на општеството воопшто. Квалитетот во високото образование е тесно поврзан со развојот на науката, истражувањата и праксата. Во завршна фаза е Стратегијата за паметна специјализација со која Македонија добива стратешки документ кој обезбедува модерен пристап за економски развој. Овој документ е платформа на која меѓусебно се поврзуваат академската заедница, бизнис секторот, владините институции и граѓанскиот сектор за заедничко детектирање на можностите за економски развој. Опфаќа и конкретно делување во областите во кои државата има најголем потенцијал за развој: паметно земјоделство и прехранбена индустрија; информатичко – комуникациска индустрија; индустрија 4.0 каде спаѓаат електро – машинска, метало-преработувачка и автомобилска индустрија и областа на паметни објекти и материјали. Со тоа ќе се забрза севкупниот економски развој и конкурентноста. Тоа е можност нашиот Универзитет и во иднина да ја задржи и унапреди својата клучна улога во развојот на иновации и соработката на академската заедница на УКИМ со стопанството, преку квалитетен трансфер на знаења од Универзитетот кон стопанството и да даде придонес во создавање на иновативно стопанство во целина.

Сподели!
- Advertisement -